Воислав ЗАФИРОВСКИ

Обезбедувањето на вакцини за имунизација на населението од covid 19, како и заканата од протести на идните матуранти, некако во сенка ги фрлија вистинските реални проблеми со кои родителите се соочуваат во основното образование, особено оние, чии деца посетуваат настава во нижите одделенија.

Родителска обврска е да се обезбедат оптимални претпоставки за децата да можат уредно да ја посетуваат и следат наставата, да обезбедат потребна опрема и средства за нејзино следење и совладување, за што до минатата учебна година се одвојуваше значаен дел од семејниот буџет. Пандемијата дополнително ги зголеми издатоците, особено ако наставата се следи онлајн, но дали и само за нив?!

 

Образованието е најважниот сегмент, камен темелникот на секое општество, или во најмала рака кажано молекулот на битисувањето на една држава. Во општество фрлено во бездна со сериозно заразени општествени вредности од вирусот на лидерот качен на мотор, кој веројатно кога се родил бил доен на трактор, па некако моќните машини останале како семејна традиција, треба да признаеме, направил голем скок, од трактор на мотор BMW, или на тоа што започнува на М…но во скокот, го заборави првачето кое треба да се подготви дури и на вакви актуелни климави темели, да стави плоча за иднината.

Но, сето тоа се уште е во сферата на елаборацијата на проблемот кој е многу сериозен, суптилен и со закана да остави долгорочни последици по образованието на децата или по стопанството.

Имено, на 23 Септември минтата година владата донесе одлука да отпочнат со работа – да одат на работа некои категории на вработени, меѓу кои, негователките, воспитачките по градинките и наставничкиот кадар по улилиштата. Врз основа на ова, на 5 Октомври се отворија школите и најмалите, првачињата и децата до трето одделение им се пружи можност да почнат со своето образование со физичко присуство на наставата.

Но тоа создаде сериозна празнина во работата на наставничкиот кадар, кое формално е поткрепено и оправдано со протоколите за работа.

Во пракса тоа изгледа вака, две наставнички од 07.30 до 10.30, предаваат на деца на едно одделение од вкупно триесет ученици, кои се поделени во две групи од по петнаесет ученика во две рзлични училници. Тоа и не е спорно, но е преголем товар на родителите кои треба да работат и низ процесот на работа да го полнат буџетот да ги плаќаат нестопанските дејности и вработените во нив. Токму тука се јавува проблемот, бидејќи родителите треба наутро пред 07,30 да ги однесат учениците на училиште, а по завршувањето на часовите, во 10,30 да дојдат да ги земат, а наставниците да си одат бидејќи го исполниле фондод на часови, па така платените осум часа работно време се преточуваат во подготовка за настава за наредниот ден.

Токму прашањето што и како понатаму со детето или децата што ќе се вратат дома, во време кога родителите се на работа, а во училиштата нема организирано целодневна настава?! Кој и како ќе се грижи за нив до крајот на работно време на родителите, вообичаено до 16,30/17 часот. Немаат сите деца баби и дедовци, ниту родители вработени во администрацијата, добар дел од нив имаат родители што се вработени во реалниот сектор, каде што секое излегување се бележи, за на крајот на месецот за толку да се скрати од платата.

За нив постојат две можности, еден од родителите да не оди на работа и да биде со децата дома, или да ангажираат неговател/ка што оваа услуга ќе ги чини околу 14.000 денари, колку што е минималната плата во Македонија. Се поставува прашањето дали на овој начин ќе има економска логика да се зголемат платите за да се поднесе ваквата состојба и дали мерките што ги промовира владата веќе како петти пакет ќе овозможи да заживеат стопанските субјекти или дополнително ќе се отежне неговото преживување.

Исто така, не јасно е за кого се донесоа мерките и протоколите, за децата или за наставниците кои и кога не одат на работа примаа плата, а родители поради чување мали деца губат работа и едвај преживуваат?!

Во таа смисла, само за потсетување на министерката за образование дека државата преку министерството за образование и наука има примарна обврска да се грижи за непречено одвивање на воспитно образовниот процес на сите нивоа, а особено за оние чие образование е задолжително – од кои најранливи се децата од предучилишна возраст и оние што посетуваат настава во нижите одделенија.

Родителите денес не ја чувствуваат, не ја гледаат грижата на државата кон подмладокот во општеството, со што на индиректен начин создавајќи дополнителни обврски за родителите, негативно влијае на економските субјекти, особено во реалниот сектор, кој се потешко успева да ги реализира договорените и планирани обврски.

И додека министерката се бави со висока политика и задоволува нечии фрустрации низ проектот наречен Реформи во основното образование и менување на содржините во учебниците, последиците од создадениот хаос, директно ги трпат учениците, но не само тие, туку и нивните родители, а преку нив и стопанството кое официјално е во рецесија.