Илија Мајсторов
Да се потсетиме, се навршуваат 143 години од Берлинскиот конгрес (13 јуни 1878 г.). Се одвивал, цел месец, инаку погубен за македонската нација и Македонија, за народот од Шара, западно до Рилските Планини, на исток до Јадранско и на југ до Белото Море (подоцна наречено Егејско.) Територијата ја делеле, ја парчеле, ја крателе… Оттука, и денес, во 21 век се прашуваме: До кога?
Од Конгресот, поинаков исход и не можел да се очекува. Да ги погледаме и бројните факти. На Берлинскиот конгрес, иако без воспоставена државност, секоја од идните држави – републики, имале свои преставници. И тоа од највисокиот сталеж во општеството: принцови, лордови, маркизи, барони, кнезови или нивни доверители и поданици.
На тој погубен Конгрес од најпознатите личности биле присутни: лордот Расел (Велика Британија), принцот Бизмарк, (Дојчланд), принцовите Горчков и Шувалов, како и баронот Убрил од царска Русија во својство на победници од Руско-турската војна, во која објективно учествувале многу народи, па и Македонци. Но, полза од тоа, како и во другите востанија и војни, за жал, за Македонците немало.
На конгресното соочување, исто така, приуствуваат и високи личности од балканските држави: Грција, Србија, Романија и Црна Гора, без право да учествуваат во дебатите. Но, не присуствувал ниту еден Македонец, односно преставник од Македонија. Тоа било резултат на манипулациите на нашите соседи. Многу веројатно е дека, пред европските лидери, срочиле приказна за неможноста некој наш деец да присуствува на тоа толку важно збиднување за тогашни времиња, како и за иднината на еден народ, поточно за битисувањето на народите од една држава.
Арно ама, Бугарија, поконкретно Голема Бугарија, благодарение на Харбуршката династија е призната како посебно кнежевство во составот на Османлиската империја. Единствено Македонија останува непризнаена како нефункционално опавче на големиот ѕвер Европа. И оттогаш, (како и дотогаш, а и пред тоа, па и наваму), се зголемува асимилаторската политика и континуираното „кроење и прекројување“ на идентитетот, јазикот, културата, традицијата и сѐ што припаѓа на еден народ – македонскиот, си го припишуваат за свое и го присвојуваат. До денес.
Тргнувајќи по патеката на присвојувач, Бугарија , без да трепне, не само што ги присвои македонските, сесловенски браќа, светите Кирил и Методиј, туку оди и понатаму, па ќе произлезе и ќе се испостави дека Македонија нема ниту еден војвода, херој или како милувате да ги ословите големиот број војводи од времето, од пред и по Илинденското востание. Така, Македонците без своја волја биле дел од бугарската држава. Доколку го делиме Гоце Делчев, („с’кннн…“, ќе се побуни дедо ми Ивче), онака, „братски“, а никако подеднакво, тогаш веројатно во нивните документи се присвоени и војводите: Дедо Иљо Малешевски, Лазар Поп Трајков, Пандо Кљашев, Васил Чакаларов… Или оние кои се прославиле во и по Илинден: Питу Гули, Јане Сандански, Никола Карев, Пере Тошев, Христо Узунов…
Ветото на Бугарија е само црнило кое го „краси“ нејзиното битисување во ЕУ. И нашата немоќ, која некогаш е резултат на неразбирањето на македонските состојби од страна на големите сили, ама напати, (ако не и пречесто!) и наша малодушност, лоша проценка и силен пропуст.
Сѐ уште ми ѕунат зборовите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со вакцините од ЕУ:
– Тие ми ветуваат, а јас не оставам на случајност како премиерот на Македонија. Недвосмислено сакам датум за нивните ветувања…
Го потенцира тоа затоа што искусил или поточно научил од претходните претседатели и премиери како се водат разговори. На тој начин Србија, далеку пред Македонија, обезбеди многу вакцини, а успеа да стане и производител -снабдувач на посакуваниот лек низ Балканот и пошироко.
И Србија и Хрватска користеа искуства од претходната Влада на Никола Груевски, а денес и двете земји економски и во здравството се пред нас. А сега, последните три години, тапкаме в место. До кога?
(Авторот е дипломиран економист)