Илија Мајсторов

Да не се заборави: во Арачиново животот го загубија четворица борци во раскошот на својата младост. Меѓу нив и мојот драг пријател, бранителот Атанас Јанев кој немаше повеќе од 25 години.

Беше сончев ден. Уште и убав. Забестото сонце, само до пред неколку дена беше во добра форма, а сега како да го губеше здивот. Сепак, и овојпат, се обидуваше да ни ја разубави средбата, додека со Атанас, (Аце си го викавме), знаевме да седнеме на задната источна тераса во дворот и да испиеме другарско кафе. Така беше и тоа утро… последното. Тој, млад и стегнат, не многу висок, но „набиен“ што би се рекло, со остри војнички линии, добро обликуван нос и впечатливи сини очи.Тоа утро, на ограниченото дворно место, не беа поставени вообичаените
столови. Набрзо ги извлековме и создадовме амбиент за кратка, но блиска средба каква што им доликува на стари, добри пријатели…

…Тој, некогаш, ми беше станар, инаку струмичанец. Живееше со цимер во период од три-четири години. Пријателство од почитување, но и од истоветни погледи кон овој, за жал, непрокопсан свет. А секогаш со респект еден кон друг до честа да му бидам гостин и на најсвечениот ден во животот на едно ново семејство, меѓу двајца млади, на неговата свадба во Струмица. Тоа се случи пред неполна година од ова утро, од последното кафе. Седејќи, ем со гордост, ем со загриженост, Аце ми соопшти дека е распореден во Скопскиот реон за одбрана на
Татковината. Притоа, со сенс на вистински професионалец, не ја оддаде деловната тајна дека е тоа селото Арачиново.

АРАЧИНОВО НЕКОГАШ И ДЕНЕС

Не е на одмет и куса „биографија“ за ова место, сега и Општина Арачиново, која се наоѓа на јужната граница од планината Скопска Црна Гора, на 267 метри надморска височина. Од фактографските податоци на Бугарската егзархија, во 1905 година таму живееле 120 Македонци – егзархисти и мал број Роми. Скопската каза, според отоманските тефтери (ли девтери),била административна единица од трет степен во Скопскиот санџак и му припаѓала на Косовскиот вилает. Нам ни останува уште да дообјасниме:

Именувањето со зборот егзархисти за Македонците упатува на бугарска опција за нашиот идентитет, а тоа се совпаѓа со континуирано присвојување на нацијата и историјата, традицијата и религијата, на црквата и на сѐ што ни е СВЕТО и МАКЕДОНСКО. Не само од нивниот апетит, туку Македонија се случува(ло) да страда од сите свои најближни соседи. (Здраво, комшии, како сте!?)

Да се потсетиме дека во средината и на крајот на 19-от век, продолжила постојаната, макотрпна и нерамноправна борба на Македонците против Османлиите, во времето на осамостојувањето на државите. Со аминувањето од Цариградската патријаршија, бугарските и грчките свештеници ја ширеле „светата духовност“ на нашиве ни македонски простори, се разбира, на нивниот јазик, а не на нашиот, најубавиот.Јазикот постојано ни бил игнориран кога се говорел дури и во домашни услови. Во егејскиот дел на Македонија некогаш (и (за)секогаш!) следувале тешки казни.

За најголемото село (читај „славно Арачиново“!) во Република Македонија, стои податокот дека, во последниот попис од 2002 година, (оттогаш, кај нас, поимот „попис“ е заборавен и не постои!), имаше 7,3 илјади, а Македонци околу 600. Сега, мнозинското албанско население е уште побројно, а по конфликтот, по мачни „патешесвија“ и голготи во родната земја, цели фамилии талкаа по разни институции, студенски домови, павиљони и интернати, како оној со име „Сениќ“ во Автокоманда. (До некни, во овој интернат и не само во него, сѐ уште имаше од тие кутри „инернатци“, станари по присила кои, од „големи убајни“, ја се вратија нешто „ситно“, ја сѐ уште чекаат да се вратат во родното им Арачиново!)

Нема да се вратат, бре! Кому му требаат!?

Сепак, би било умесно, ако ни се даде прилика, еднаш, да го прашаме Али Ахмети (или некој иден премиер, зашто тој одбива таква „мака“ освен, во меѓувреме, ако не се предомисли), каде се нашите луѓе, нивните соседи во Арачиново, од многу Велигдени и Бајрами?! Му паднало ли напамет некому од албанската политичка елита и за оваа трагедија, барем малку од малку, да си ја „чукне“ главата?! Туку, муабетот ми беше… Нејсе. Сеќавањето ми е болно. Зашто, во меѓувреме…

КАФЕТО СОСЕМА СЕ ИЗЛАДИ

…Кафето го испушташе посакуваниот мирис, а ние, задлабени, го водевме нашиот разговор… последен. Со пријателот мој, со Атанас, бранителот на Македонија, припадник на МВР кој, во дадени моменти од часот, беше мошне нерасположен.

Разговаравме и за убави, семејни нешта, но и за тешката живеачка. Допревме и сознанија од претходни ситуации, пред војната во Арачиново, за наши Македонци во ова село. И пак муабетот го враќавме и кон нашите две семејства и природното чувство, но и загриженост како нашите поколенија ќе живеат во оваа разнебитена и несреќна земја. Зашто, воените дејствија во 2001-та само што беа почнале, а тој дојден да им се приклучи на некоја од одбрамбените единици…

…На 21 јуни во 4,30 часот, почнала решителната акција на расчистување на теренот од албанските терористи. (Читај, идните борци за човекови права!) Веќе вториот ден, нападот на македонските сили бил многу пожесток, а тенковите совладувале сѐ пред себе. Од источната страна влегле во селото, а од западната, единиците веќе избиле до новата џамија. Обрачот полека, но сигурно се стеснувал, а терористите останале да го држат само централниот дел на селото. Македонските сили брзо напредувале, нанесувајќи им големи штети на албанските бунтовници. АРМ, во тоа време, располагала со околу 18.468 војници, силна воена опрема и доволна количина мониција за извршување на завршна операција и целосно разбивање на ОНА. (Податок од Википедија).

Објективно битката траела три дена, а по истакнувањето на белото знаме од страна на терористите, Врховниот командант, Претседателот Борис Трајковски, (лесна да му е земјата), објавува крај на воените дејствија.

Убеден сум, имало непроспиени ноќи за Председателот, расправии, телефонски наезди на „јаките“ вилици на моќни Европјани и (не)државници. Во тој период двопартизмот, актуелен до денес, (а ќе трае додека е Дантовиот модел), ги става во состојба на судир нашите борбени сили – војската и полицијата.

Во одредени делови од земјата имало и такви „грешки“, кои ги пренасочувале одбранбените сили да дејствуваат едни против други. А уште ако се додадат и сосема свесно-намерните, предавничко-кукавичките постапки, тогаш го имаше епилогот, брутален и подмолен како што беше во оној во Вејце, Карпалак…

И ден-денешен се думам, наивно се прашувам и не сакам да верувам, зошто се вмешаа највисоките претставници на ЕУ и НАТО!? За кого се загрижија господата Х. Солана, Џ. Робертсон, (со лично присуство како генерален секретар на НАТО), П. Фејт… За што друго, ако не за да ја спречат завршната акција на дотолчување на противникот од страна на македонските одбранбени сили, со јасно и гласно поставената наредба: „СТОП! КРАЈ!“

Бреее!

И почнало извлекувањето на албанските терористи од Арачиново. (Меѓу нив и автобуси на проклетници од елитни армии!) Па, тогаш, што е поимот војна!? Против кого се боревме?!

Всушност, така почнал почетокот на крајот на воената криза. Пукнала и треснала веќе „моќта“ на новите зулумќари во Македонија. Тоа според западните „сојузници“ е клучен пресврт за да почне „мирно и политичко“ разрешување на
воениот конфликт, се разбира, со „проверени“ средства и со подсредство на НАТО. Иако, креираната војна, (турни – застани, турни – застани!), траела до ноември 2001 година.

…И додека западните шерифи на војната во Македонија во 2001-та, гледаа(т), како на кула од карти која ќе ја урнат кога ќе им падне на памет, во Арачиново, четири прекрасни чеда, (збирно во конфликтот околу стотина), ги положија
животите на татковинскиот олтар за слободен, „демократски“ живот. Меѓу нив беше и мојот Атанас Јанев, пријателот, подмолно погоден во челото од куршум на платеник од сега веќе старо-новите држави на поранешна Југославија. Мојот драг Атанас, оној што секогаш и секаде беше прв, таму каде што службата и Татковината го бараа тоа од него. Храбар македонски патриот, целосно посветен на службата и на одбраната на Татковината, една и единствена – Македонија, на која никогаш повеќе не ѝ требало љубов и разбирање отколку сега! Апсурд, ама!?

Го завршувам текстот со мислата и зборовите на универзитетскиот професор Лазар Алексовски, германист и филозоф: „Сакај го човекот!“ Постојано ни ја преповторуваше и ни ја вткаи нам, на студентите од Економскиот факултет во Скопје. На воените ветерани, но и на сегашните и идни политичари, предизборно забревтани, а потоа, пост изборно разлабавени им порачувам: „Сакајќи го човекот, развивате љубов кон блиските, кон заедницата, кон
општеството и само така ќе имаме поубав свет без егоизам, без конфликти, без војни… без „крвави Арачинови“. Та нели сме сите за соживот!?“

Ај, да му се сневиди!

(Авторот е дипломиран економист)