Димитар Грумар

Нонстоп вртам на мобилниот телефон на Гоцета Делчев и исто толку време го слушам милозвучниот глас на неговата автоматска телефонската секретарка: „Корисникот моментно е неодстапен!“ Па, ми дообјаснува:„Го исклучил апаратот или е надвор од мрежното покривање“. Но, ми дава надеж: „Вртете подоцна!“

А јас, богами, почнав да вртам како двоглав орел над Балканот… Неколкупати му оставив и звучна порака: „Ѓорѓија, со здравје да го носиш кечето што ти го подари Алија Ахмети!“

Ѓорѓија, пак, кого сите од милост го викаме Гоце, исто како што Алија нагалено го викаме Али, не одговара како политичар кој треба да даде изјава за незгодна тема. Од Гоцета нема абер. Па, си мислам или е запиен во некоја ладна меана во Солун или пак нешто е лут штом не враќа барем една „есемес“. А можно е да е и нешто трето – да го сменил операторот, а овој број се уште не го згаснал!

Бројот од фиксниот телефон на Никола и Султана Делчеви во Кукуш не постои. Ама и да постоеше, џабе, Гоце неоти се врти дома. Постојано е на терен, на митинзи со кечето од Али.

Се обидов да контактирам и со господинот Али, за да ми даде друг број на мобилен, зашто тој сигурно има контакт со Гоцета. Но и до Али тешко се доаѓа, што е разбирливо оти апостолите со кече или со качкет, сеедно, се тешко достапни или недостапни. Не може тие на секое наше „ало“ веднаш „молам“!

Среќа што денес технологијата ни дава можности да следиме во чекор се што оди или лета. Пробав на Делчев да му го пронајдам профилот на Фејсбук. Но, не го најдов. Не го пронајдов ниту на Твитер. А можеби користи профил со лажен идентитет.

Прелистував на интернет многу документи и гледав профили со кече, но под ниедно не ја најдов главата на Гоце Делчев. И пак ми дојде друга идеја за која помислив дека е супер, ама и таа беше јалова: Штом Али бил толку близок со Гоцета, сигурно го има во листата на пријатели на социјалните мрежи. Но, кога ќе почнат малерите, се редат како рафал од калашников. Едноставно не успеав да го откријам ни профилот на Али. Вртев по профилите на командантите на врховниот командант, да не го има Делчев кај некого во пријатели, но залудно. Бев упорен, како што Гоце упорно носел кече, да стапам во контакт со него…

Најпосле, седнав и му напишав абер и му го пратив по електронската пошта:

„Зотни Делчев, сакам да ми кажеш нешто повеќе за времето и настаните кога си одел на митинзи во родниот крај на Али. Дали таму доаѓаше со твојот приватен авион или со редовните линии? Кој ти го чуваше авионот? Дали ти го обезбедуваа службите на Али или на Јордан Пиперката? Дали на секој митинг го носеше кечето? Те молам одговори оти вистината, кога-тогаш, ќе излезе на виделина. Ако ти не одговориш сигурно тоа Али ќе го открие во некој друг еуфоричен говор!“

Гоце не одговори и на оваа порака. Можно е, се тешам, да нема добра конекција, а можно е да ги поарчил „гигите“ ако премногу сурфа. Но, помислувам, зарем Али би го оставил Гоцета без „адеесел“ и неограничен интернет?

Решив да бидам упорен. Знам дека Гоце бил мераклија, по напорните митинзи, да одмори душа. Почнав да сурфам по меани и чајџилници, но пак залудно. Не ги најдов ни Делчев ни Ахмети. Не сакав ни да помислам дека се во некое Фејсбук казино оти Гоце не бил никогаш со коцкарски дух, а за Ахмети немам информации.

Пак седнав и му напишав нова порака со службен тон:„Господине Делчев, се надевам дека овојпат ќе ми одговорите. Дали во 1903 навистина бевте во Баница? Кажете ја вистината оти од нејзе и од затезните камати не се бега. Немој наскоро Али да открие дека во 2001-ва сте биле во Речица како инструктор на командантите на ОНА! Кажете кога и каде сте носеле кече во рамковната османлиска империја?“

И додека орелот кружи над Балканот, чекам да долета вистината. Знам дека за македонските историчари Гоце со кечето на Али изгледа карикатурално, како и тоа дека Делчев со кечето на Ахмети им изгледа смешен и на албански историчари. Но, знам и тоа дека честопати историчарите ја пишуваат историјата, ама ја диктираат политичарите. И сигурен сум дека кечето не е проблем, туку дека тој се создава под кечето на тие што сакаат да го ставаат и врз глави на кои не им стои и не им е по мерка.