Братислав ДИМИТРОВ за МИА

“И лека-полека човештвото се воздигна од ерата без светлина во ерата без одмор“.

Пол Нигер

Иако старите Римјани се најпознати како градители на рушевини, работеле и на духовен план. Најлесно им било да измислуваат латински поговорки. Затоа што тогаш аналитичарите и телевизијата не биле измислени. А нешто и заради тоа што латинскиот им бил мајчин јазик. За разлика од некои народи (знаете кои), тие освен во лонец и рерна, ѕиркале и во човечката душа. Така дошле до големо откритие: Horror vacui. Страв од празнина.

Стравот од празнина е типично провинциска особина. А пошто целата планета сè повеќе живее во глобална провинција, сè повеќе се разбирливи последиците од таа траума. Тоа е масовен страв од празни ѕидови, празен стомак, празни утра, пусти ноќи, страв од напуштеност… Иако покрива неколку работни места и членува во разни одбори и комисии, неговиот глад за стекнување на богатство ги надминува нормалните поими. Тој е плашливко кој постојано се загледува во домашните витрини. Загрижен е дека веќе неколку дена не ги полнел со ниту една награда, орден, признание, пехар или барем некоја значка.

Стравот од празнина е честа тема на многу автори. Кога носителот на таков страв ќе добие макар и мало станче, мора да се исечат неколку ореви за да се направат неговите гломазни ормани. Треба да се опустоши растителниот и животинскиот свет, за да може завалијата да ја затрпа таа дупка во која се затекнал. Некој налудничав нагон го тера заради предметите да го смалува просторот на самиот себе. Така дојдовме до денот кога имаме повеќе писатели од читатели. Колку шуми треба да се уништат за да се произведе хартија на која ќе ги печатат нашите ремек-дела? Не сакам одговор. Сакам шуми.

„Не биди роб на ствари“ беше омилена реченица на нашиот стар другар, професорот Лазар Станојевски уште пред 50 години кога „стварите“ во социјализмот беа реткост. Важно е дека тој ја кажа неколку месеци пред да излезе славната книга на Ерих Фром „Да се има или да се биде“. Филозофијата на капитализмот дека со поголемо богатство и сè поголемо задоволување на желбите ќе станеме посреќни никогаш не се случи. Човекот може да поседува сè повеќе, а истовремено да чувствува сè поголема празнина. Затоа Фром повикува на општество што ќе ги става човечките потреби, љубовта, творештвото и солидарноста пред безграничната потрошувачка. Повикуваше и наш Лазо, ама никој не го слушаше.

Во социјализмот, газдата на „фиќото“ со часови дежураше на балкон. За да го одбрани својот миленик од тапите погледи и острите шајки на завидливите комшии кои едвај купиле точак на кредит. Во секое време од џебот вадеше марамче со кое постојано го тимареше железното животинче. После измислија еленска кожа и лимузинчето стана ганц ново. Имаше такви времиња. Тој што ќе успееше да купи нишки телевизор во боја, со тешко срце му дозволуваше дури и на мајсторот да ги менува програмите. А многумина го напуштаа телевизорот само кога сопругата ја следеше својата омилена серија. Дали денес е поразлично? Поразлично е. Сопругот познат како „папучар“ излегува во секој случај, за да остави празно место. Местото се пополнува со домашна миленичка или тешта. А најчесто и со обете.

На вакви места секогаш се повикува стручна помош за дијагноза: „Робовите на глаголот да се има, одамна раскрстиле со сè што е човечко во себе. Нивната душа се преселила во предметите, пред кои понизно клечат како домородци пред своите тотеми. Денешниот човек сè побрзо и сè повеќе мора да фрла нови предмети во устата на ламјата на празнината. Неговото единствено алиби е работата, но неговата работа е мотивирана од силен егоизам. Тој сака сите општествени соништа да ги претвори во предмети за себе. Подготвен е со другите да дели само фрази кои му го овозможуваат тоа бескрупулозно богатење“.

Сепак сме напреднале. Порано криевме пари во чорапи, сламарици и мадраци, башка гипсана касичка свинче. Денес градежништвото е во голем подем и парите се бетонираат за неколку следни генерации. Има и багер да ги откопа, за основните животни потреби. Нивни, не наши. Добро, многумина уапсија. И повторно имаме подобро сценарио од било кој холивудски филм. Нашиве, без да трепнат даваат повеќе пари за кауција отколку што можат да соберат Скарлет Јохансон и Том Круз заедно. Стана секојдневие. Некои луѓе не знаат што да прават со толку пари, па продолжуваат да прават пари.

Ако денешниве готвачки рецепти се натрупани со многу разновиден материјал, со единствена цел што повеќе и што побрзо да ја пополнат празнината на стомакот, какви се нашите „рецепти“ на духовен план? Конфекциски. Оваа вулгарно-материјалистичка цивилизација (ненаситна за профит) постојано нуди само еден единствен рецепт, забава. Таа празнотија завиткана во надеж е една од најголемите индустрии во светот. Луѓето ја џвакаат во огромни количини, наивно верувајќи дека така ќе ја исполнат својата осаменост.

И националните телевизии патриотски реагираат. Кога ќе видат празно студио, одма палат рефлектори, ставаат столчиња и на нив ги седнуваат тие што се изјасниле против националните интереси. Само да не биде празно. Ги разбирам. Долго време сме исполнети со празнина. Редно е да разбиеме монотонија. И тука „Српскиот свет“ не забушавал. Одамна смислил поговорка: „Боље ишта-него ништа“. (За превод јавете се кај Драгиша Милетиќ). Празнината е победена само во автобус. Секогаш ќе се најде нечиј газ што ќе го пополни празното седиште. Иако до него стои трудна жена, старец или некој со посебни потреби.

Има една група со празни паричници. Како ги пополнуваат? Јадат и пијат во кафана, а ништо не плаќаат. Познати се по терминот гребатори или гагаџии. Еден од поугледните нивни членови еднаш ми се довери: „Не ми е за пари, ама уживам да не плаќам.  Ќе платам, само да биде џабе!“ За нив, бесплатниот ручек е единствената причина да веруваат во човештвото.

Приказнава е многу посурова отколку што изгледа. Само што почна и кај нас капитализмот, видовитиот Гоце од населба „Лисиче“ меланхолично му рече на дедо ми: „Томе, имаше живот во социјализмот“. Тотално ја урочи работата. Тогаш се роди славната бугарска поговорка: „Нема џабе ни код бабе“. Не брзај. Ќе згазнеш на трула даска. Ова не е жал за социјализмот. Ова е жал за сегашноста и потврда на моето животно и писателско мото: Како го замразив социјализмот, а никогаш не го засакав капитализмот.