Коле МАНЕВ
Во изминативе три недели решив да влезам во важен проект, атељето во кое делувам подолг период не беше потсредено, па, сега, дефинитивно одлучив просторот да го освежам да го обелам, молерисам. На секоја очистена бела површина, на секој бел ѕид секое ликовно дело поинако делува, повеќе зрачи и се отвора желба за идна сликарска работа.
Како прво, се договорив со ,,мајстор“ молер да ја заврши таквата работа, како второ, сите работи, книги, предмети посебно ликовните дела внимателно ги сместив во агол од атељето, ги покрив со најлон така знаев сликите и цртежите ќе останат заштитени од некоја залутана бела капка боја од приборот на мајсторот кој треба да белее.
Во текот на белењето имав време да прегледувам подзаборавени предмети. Во една фиоки наидов на мои дамнешни ликовни прилози објавени во весникот Нова Македонија, пропратени со кратки текстови на редакцијата. Еден од прилозите носеше наслов или поднаслов: Нова Европа без Македонија?
Забележав дека прилогот беше објавен во недела 10 мај 1992 година. Во краткиот текст од редакцијата се споменува: Времето за саможалажување неповратно мина. Само до 12 мај (од 1992 година) може да очекуваме некакви промени во однесувањето на ,,модерна“ Европа од ХХ1 век. По овој термин, Македонија ќе мора да објави нова стратегија на патот за меѓународно признавање, зошто досегашната, што се сврзуваше за европските интеграции, очигледно, не се совпаѓа со планот на европските дванаесетмина и со САД.
Во тоа време политичките состојби беа малку поинакви, но суштината беше скоро иста. Од 1992 поминаа цели 29 години и навистина времето за самозалажување брзо минува. Во изминативе триесетина години со државата раководеа четворица претседатели (вон Пендаровски), се изнаредија еден куп премиери (вон Заев) се променија влади реални или технички, за овој за мене неразумен спор сите се трудеа да најдат пристојно решение кое ќе ги задоволи апетитите на соседите, но на ниту еден од нив не му падна на памет (вон Малески) да се дрзне да почне да тргува со име на држава, идентитет, јазик и се друго што преставува историско и културно богаство на еден народ. Само на Заев му се сврте виугата во глава и тоа уште во Валандово кога велеше дека кога ќе дојдат на власт ќе јадат живи луѓе!
Заев на власт дојде со измами, со лаги со злоупотреба на таканарачените бомби и како префриган трговец од Муртино незаконските снимени аудио записи почна да ги шитка на мало и големо на секој кој ќе поверуваше во нивната содржина и вистинитост. Заев на таков валкан начин дојде на власт, на ист начин владее, на ист таков начин стана познат како трговец-шиткач прво од Муртино потоа од Нивици, пропраден и следен од неколку негови истомисленици. Трговецот Заев не продава-шитка тоа што нему му припаѓа, како Мамаз ајвар, туку на крајно перфиден начин продава-шитка она што ни припаѓа нам граѓаните на Република Македонија.
Тоа што стана славен и познат на таков начин е една работа, лошо е што овие од соседството и тие од подалеку, кои се итри и остроумни, го научија каков трговец-шиткач е, па сигурно си рекоа (ова е мое размислување) ајде овој трговецот од Западен Балкан да го ставиме на линија (ставање на линија е играње мајтап со некого) да му ветиме нешто како Нобелова награда или датум за преговори и да видиме што човек е, да видиме до каде може да оди со измамништвото во политиката, кога овој човек кој се декларира како премиер е спремен да тргува и ја шитка историјата, традицијата и културата на сопствениот народ, во таков случај трговецот од Западен Балкан треба да е посебна односно вонисториска личност.
Така Заев, Димитров, Османи и Бучковски станаа несекојдневни политички личности познати во цела Европа, па и пошироко. Секогаш обвиткан во лажен занес, пред да замине за Софија, (каде Заев на Борисов му подари пури од Куба, замислите каков префинет трговски гест) Заев беше во Париз.
Тоа го видов на нашите ТВ-канали, на некои од француските кои редовно ги гледам немаше ништо за посетата на Заев на Франција. Во дворот од резиденцијата на претседателот Макрон, Заев како залутан трговец од Западниот Балкан, со мобилна кичма склон да ја допре земјата, делуваше празно, бедно без трошка достоинство.
Кога Заев (како што тој вели) во Муртино му се сонило дека Севишниот му порачал да тргува со Македонија, Заев изгледа погрешно разбрал. Севишниот сигурно му рекол на Заев да тргува со чушките, доматите, краставиците и тиквите од Муртино а Македонија да ја остави на мира. Недоразбирањата се голем хендикеп во животот.