Јас не знам кога веќе преговаравте и договаравте име за севкупна употреба зошто не нé именувавте како Медрано?! Не за друго, туку затоа што циркузов што го правите од државата само така може да се нарече и никако поинаку.

Циркуз на секое поле и во секој домен. Наместо министри имаме циркузанти кои што прават сé само да го насочат вниманието на јавноста кон нешто друго, само не кон тоа што го прават. На сценаријата во режија на владата и министерот за вистина Роберт Поповски може да им позавидат и Спилберг и Тарантино, мислам дека Оскарот за филм надвор од англиско говорно подрачје за оваа година треба да оди кај него и кај никој друг.
Филмскиот маратон започна неколку денови пред гласањето на 19 октомври, кога беше првиот тест дали се обезбедени потребните две третини мнозинство за уставни измени. Па така одеднаш почнаа да излегуваат од домашен притвор од „прозападно“ ориентираните бивши пратеници на ВМРО ДПМНЕ, кои преку ноќ ги осознаа придобивките од промената до името. Филмовите продолжија и со паралелните делегации на ЕПП и наводното „шамарање“ на Мицкоски отворените писма па сé до апсењето на Орце Камчев и упатувањето на Груевски за издржување на две годишната затворска казна. Филм до филм и пројдоа четирите амандмани за промена на уставното име, а народот не ни осети затоа што имаше поинтересни случувања на репотоарот на македонската политичка сцена.
Особено вчерашниот филм ја имаше својата кулминација, маестрално започна со издавањето на потерница по Груевски па продолжи со потрага во живо каде полицијата во придружба на новинари и камери, и со директен пренос на социјалните мрежи го бараше каде се крие. Не знам само зошто кога отидоа да го апсат кај него дома не ја зедоа и Катица Јанева да вика „отвори, отвори, отвори…“, бар ќе беше уште потензично. Акцијата продолжи и со опсадата на седиштето на ВМРО ДПМНЕ и претресот на возилото на генералниот секретар Јанушев, демек ете гарант немало каде на друго место да се скрие Груевски па се скрил во багажникот на возилото на Јанушев.
Јас не знам како не ви текна до сега да извадите вест дека сигурно под „белата палата“ има подземен тунел до преку граница и дека од таму со хеликоптер се има упатено во непознат правец. Дајте малце повеќе имагинација во пласирањето на вестите, немојте сега да потфрлате, таман ви тргна во максималниот дефокус на јавноста. Денес продолжете со претрес на домот на неговата мајка, на поблиски и подалечни роднини, а можете и кај секој еден член да го побарате во домот и онака ја имате базата на членови на ВМРО ДПМНЕ. Додека го правите тоа не заборавајте да ги вклучите камерите. Според мене најдобро би било да има пренос во живо на собранискиот канал од потрагата на Груевски затоа што нема смисла да не се во тек повозрасните луѓе кои не ја баратаат баш технологијата, а и онака не се врши пренос од расправата на уставните измени па таман рационално ќе се искористи.
Правете што ќе правите држете ја тензијата, внимавајте до крај да е тензично за да не стане досаден филмот па да почнат луѓето да зборуваат за избришаните одлуки на АСНОМ и додадениот Охриски рамковен договор, за избришаниот идентитет и државотворност. Внимавајте да не ви се протнуваат и вести со реакции на грчките политичари во однос на нивното прифаќање односно неприфаќање на уставните измени и на Договорт од Нивици. Зголемените даноци, рекордно високиот буџет од 3,7 милјарди евра за 2019, секодјневните задолжувања, слабиот економски раст, нерешените убиства, отровот кој се дише никако не смеат да земат примат во дневните известувања.
На добар курс сте со дефокусот, продолжете така и засилете таму пред средина на јануари кога треба и финално да се поздравиме од Република Македонија како таква, да не забележиме дека ќе бидеме нова творба, нова држава со име Република Северна Македонија.

 

Мартина Антиќ