Каков ден вчера драги читатели, од една стана одобрен азил за Груевски, од друга страна притвор за Мијалков. Како случајно успеваат да се поколопат некои настани во државава просто е неверојатно. Навистина не е фер две толку големи работи во еден ден па луѓето нема да не знаат на што да се фокусираат повеќе, дали на азилантот за кој земја членка на ЕУ потврдува дека доживеал политички прогон и кој што со помош на магија и филмски трикови без пасош се најде во Будимпешта или пак на братучед му што го уапсија во сред Мериот.

Кога сме веќе кај апсењето, малку разочарувачки е фактот што истото не беше воопшто спектакуларно, онака како што би очекувала публиката: со камери, со легнувања на земја, со цела единица алфи или што би рекле старите со сите нишани, како што доликува за еден Мијалков. Недостигаше и цел одред на камермани и фотографи пред Шутка, ептен ги фатија на препад новинарите па немаа време да се организираат и да реагираат. Очигледно сценариото е поразлично од тоа минатата недела кога како во акционен филм го бркаа Груевски за апсење и го бараа по подруми, гаражи и багажници.

Кој знае, веројатно проценката им била дека самиот чин на притворање ќе биде доволно голема вест за да се направи еден убав дефокус и да се заборави на скандалот со бегството на Груевски па народецот со мирна душа ќе каже дека еве очигледно има правда, а Заев и неговата влада ја спроведуваат. Освен тоа и ќе ја демантираат и новонастанатата коалиција Заев – Мијалков, па така веќе нема да се зборува дека тој помогнал во отворањето на чакрите на пратениците од ВМРО ДПМНЕ за да гласаат за промена на уставното име. Гласање кое резултираше не само со исклучување на овие пратенци од партијата, туку и со негово исклучување.

За да биде театарот поинтересен, вчера Владата обзнани дека не го прифаќа понудениот закон за амнестија за настаните од 27 април и дека СЈО, види мајката се зафатиле со обемна предистражна постапка за албанскиот театар. Не е фер да инсинуираме дека овие две работи имаат врска со гласањето на уставните измени во следните фази што следат, луѓето само си ја работат работата. И сигурно сé ова нема да влијае на мотивацијата на пратениците да гласаат за уставните измени, ЕУ перспективите што ги осознале не може туку така да испарат.

Минатиот пат исто така пишував за филмските сценарија кои оваа власт милува да ги режира наместо да се зафати со реално решавање на проблеми и да работи нешто. Додека се занимаваме ние со Груевски, Орце и Мијалков станавме Северна Македонија, ни смислија попис на кој што нема да се попишуваме по етничка припадност, не самоуикнуваат по секој основ. Освен самоукинати, ќе си умреме од воздухот кој што го ветија ама го нема па така на добар пат сме пола да изумреме од отровот што го дишеме, а другата половина да стане отпорна како бубашваба на радијација, отпорна ама сиромашна од секојдневните задолжувања и нула странски инвестиции.

И додека го чекаме повратот на ДДВ, сто илјади плата за докторите и Google инвестиција поверојатно е дека ќе го дочекаме импичментот и апсењето на Иванов за да може рајата да се занимава со сé друго само не со неспособноста на владата.

Мартина Антиќ