Олгица Н. Трајковска

(авторот е дипл. правник и културен работник)

Повеќе пати лично бев повикана преку социјалните мрежи да дадам свое мислење околу можноста истакната од г-дин Тодор Петров за продолжување на мандатот на претседателот Иванов и после истекот на неговиот мандат (12 мај .о.г.) поради евентуален неизбор на нов Претседател на Македонија, се до завршување на новиот циклус на избор во наредните 40 дена, определени со Уставот.
Веднаш истакнувам дека, во принцип уважувам сечие мислење, посебно на колега по образование, и посебно кога е дадено со добра намера и во кое е вложено сериозен труд.
Поттикната од истата добра намера, од свој аспект ги проучив наведените аргументи, но и уставните и законските решенија за ова прашање.
Првичниот впечаток беше дека има основа и за вакво разбирање на одредбите, кое го истакнува Петров, особено поради недоволната јасност/недореченост на Уставот. Но, при подетална анализа и компарација со други решенија (поврзани со Владата, на пример), дојдов до констатација дека овој пат, Петров не е во право.

Еве, накусо, на што го темелам моето, мислење:

1. Се мешаат, односно се изедначуваат поимите “престанок на функцијата” од чл. 82 ст.1 на Уставот и “престанок на мандатот по сила на Устав” од чл.82 ст.2 на Уставот.

2. Првиот услов за „престанок на функцијата“, според Уставот го утврдува Уставниот суд (смрт, оставка, трајна спреченост… – случај Борис Трајковски). Тоа би биле вонредни случаи, кои би довеле до престанок на функцијата на претседател на Републиката, но во тек на важење на мандатот на постојниот претседател. Условно, тоа се случаи кои вонредно предизвикуваат престанок на функцијата на претседател на Републиката.

3. Вториот – „престанок на мандатот“ е услов утврден со Уставот и трае 5 години! (случај: Бранко Црвенковски).
Тој е редовен/апсолутен услов и никој, на ниеден начин и под ниедни околности, кои Уставот не ги предвидува – не е овластен да го продолжува. Воедно Уставот не упатува на одредби кои mutatis mutandis се применуваат од едни на други органи (во случајов, одредбите кои се однесуваат на Владата, а кои би се примениле на претседателот).

4. Оттука, за првиот услов (престанокот на функцијата), повикан е Уставниот суд, врз основа на докази (на пр. посмртница, лекарски наод и др…), а за вториот (истек на мандатот) никој не е овластен да утврдува, освен евентуално да донесе некаков декларативен акт.

5. Заложбата да се примени аналогија со решението за продолжување на мандатот на постојната Влада (од чл. 93 на Уставот „останува на должност до изборот на нова Влада“) е неосновано бидејќи:
– Уставот е дециден во однос на решението и се однесува само за Владата, без да упати на примена на такво решение и за претседателот на Републиката.
– Владата е орган кој се избира од Собранието и нему му одговара
– Претседателот на Републиката е орган кој се избира на непосредни избори и иако е извршен орган како и Владата, по дефиниција, има сосема поинаква поставеност во системот на организирање на власта, со посебни овластувања и одговорности.
– Изедначувањето на овие два органа е неосновано, како по однос на нивниот избор, така и по однос на нивната одговорност и престанокот на нивните функции/мандат, кои во Уставот, соодветно различно се поставени и генерално, јасно разграничени!