Филип ПАВЛОВСКИ

Сите добро знаеме дека безбедносниот сектор е еден од најчувствителните и најкритичните области на делување во рамките на една држава. При извршувањето на своите работни задачи, безбедносните служби честопати користат најразлични методи и средства со што може да се доведе до злоупотреба на власта и кршење на човековите права и основни слободи. Затоа, надзорот врз работата на овие служби претставува еден од најголемите предизвици на сите демократии, а особено за оние помали држави кои своите долгорочни цели ги насочуваат кон исполнување на европските стандарди и политики. Имено, секоја држава има тенденција кон заштита на своите граѓани од најразлични закани и обезбедување нивна сигурност и нормален начин на живот со тоа што ќе пронајде решение за сè побројните и поразновидни закани за безбедноста, а истовремено да обезбеди и соодветен надзор над безбедносно-разнузнавачките служби. Иако, нашата земја успеа да избегне некои поголеми војни како тие што се случија во останатите републики од регионот и успеа да дојде до независност по мирен пат, сепак, предизвиците на безбедносен план се огромни.

Некои од овластувањата кои ги имаат безбедносните и разузнавачките служби се однесуваат на прислушувањето, примањето, снимањето и следењето на разговорите, телекомуникацијата, како и пренос на податоци во внатрешноста на една земја или во странство. Вршење таен надзор, следење информации, вршење претреси на затворени простории, упади во имот, пристап до сите места за инсталирање на најразновидна опрема за набљудување, прибирање финансиски информации за поединци, како и регрутирање и управување со тајни човечки ресурси.

За таа цел, во рамките на извршувањето на своите работни задачи, овие служби мора да работат во тајност и имаат моќ во користење посебни овластувања кои се од голема суптилност, па затоа честопати доаѓа и до прекршување на човековите права и слободи. Токму поради широкиот дијапазон на суптилни работни задачи, безбедносните и разузнавачките служби неретко се гледаат со доза на сомнеж и недоверба од страна на пошироката јавност, а сето ова доведува до потреба од поголема нивна законитост и легитимност, како и отчетност при работењето. Разузнавачките и безбедносните служби ја имаат највиталната улога во одржувањето на безбедноста во една држава и природата на нивните активности наметнува кршење на законските норми и човековите права.

Оттука, без ефикасната контрола и надзор, не би можело да се гарантира дека овие служби им служат на националните интереси и дека работат во согласност со Уставот и законите. Имено, овие служби наместо да бидат главните заштитници од безбедносни ризици и закани, тие би можеле да се класификуваат како главни генератори. Затоа, надзорот е важен, за да го вратат својот кредибилитет и да го зацврстат своето место во едно демократско општество.

Продолжението ан колимната можете да го прочитата на сајтот на Центарот за безбедносни истражувања