Коле МАНЕВ

Ако една земја има недоразбирања со сите соседи, во таков случај не може вината да биде во соседите, туку во дотичната земја! Ова го зборуваше Зоран Заев пред неколку години, во Берн, Швајцарија, каде беше гостин на дијаспората. Во Берн, Заев зборуваше за добрососедство, за пријателство, спомена и за изработка на некаква рамка, посебна рамка во која ќе ги смести сите вредни нешта, кои тој ги имаше во неговите мисли. Многу брзо Заев стана премиер и како прва – платформата  од Тирана ја смести во рамката. Набрзо и двојазичноста, потоа заедно со Димитров во рамката најде место договорот од Нивици за кој случај итрите политичари од ЕУ на Заев му ветуваа признание, па така во рамката ќе треба да се најде место и за Нобелова награда. Искрено овие од ЕУ си играа мајтап со нашиот премиер ама Заев можеби и поверува, па затоа во рамката остави посебно место. Се случи и договорот за добрососедство со нашиот источен сосед со што рамката скоро се наполни со напредни мисли и доби во тежина.

Заев во своето политичко патување си сместуваше врз себе по некој товар. Во една торба договорот од Нивици, во друга платформата од Тирана и двојазичноста, во трета договорот со Бугарија кој требаше да ни донесе рамка за почеток на преговори со ЕУ. Арно ама овие нашиве соседи не ти биле многу пријателски наклонети кон нас и за чудо ни опнаа вето! Сигурно во таквиот миг Заев се сетил на неговата изјава изречена во Берн, дека вината не треба да ја бараме во соседите! Поради еден сосед од толку рамки таа најважната која требаше да ни донесе почеток на преговори со ЕУ ја нема, се покажа како недостижна. Товарот стана претежок дури и за Заев. Од истокот се слушнаа пискотници: Исправи се Заев ако можеш!

Заев не треба да го потценуваме, со него треба многу внимателно бидејќи е опасен хазардер, секогаш оди на ол-ин! Да почекаме до крајот на декември, можеби со Борисов, Захариева и Каракачанов ќе смисли некое ,,разумно“ решение за јазикот и идентитетот на македонскиот народ.