Проф. д-р Мимоза РАЈЛ

Ерозијата на моралноста, анонимната омраза и одбраната на јавниот интегритет во современиот медиумски простор

Слободата на говор е темел на демократијата, но таа не ја оправдува омразата, клеветата и систематската манипулација на јавниот простор.

Демократијата, во својата суштина, не е само збир на институции и процедури. Таа мора да биде највисокиот културен образец на поединецот. Демократијата е одговорност, таа претпоставува постоење на нормалност и на лична и висока етика – на заедничко разбирање дека јавниот простор е место на аргумент, а не на омраза; на конструктивна критика, а не на клевета; на несогласување, а не на деградација до гадна вулгарност, која оди во декаденција и целосна дезинтеграција и го вади најаниламното во човекот, го сведува до крајните животински инстинкти.

Кога таа нормалност почнува да се разградува, не станува збор за обично дебатирање, различни ставови или поинакви политички позиции, туку за ерозија на нормалноста како лична, етичка вредност. Денес, во дигиталниот јавен простор, сè почесто се појавува феномен на анонимна агресија: лажни профили, фабрикувани наративи, систематски лични дискредитации. Ова не е никаква политичка борба за подобар свет, ова е декадентност на омразата и пропаѓање во калта преку најгрдото во човекот.

Омразата, кога е организирана и повторувана, има за цел да произведе сомнеж.Сомнежот, кога е непрекинато поттикнуван со невистини, создава недоверба.А недовербата е најсигурниот пат кон ерозија на моралноста.А без морал оној на Кантовото ѕвездено небо над нас и моралниот закон во нас, дали ние навистина можеме да се нарекуваме (достоинствени) луѓе?

Целата ваква деструктивна динамика произлегува од поединци и групи кои, дејствувајќи на своја рака, организирано или по наредба, настојуваат преку анонимност, или отворено со измислени реторики без докази и манипулација да ја нарушат честитоста на истакнати академски личности и јавни дејци.

Ова не е прашање на лична чувствителност, туку на јавна етика која се учи дома во родителскиот дом, неа или ја имаш или си во калта на општеството.

Кога лагата се нормализира како средство за влијание, јавниот дискурс ја губи својата рационална основа. Наместо аргументи, се пласираат инсинуации. Наместо докази, се нудат конструкции. Наместо дебата, се создава атмосфера на морална подозривост. Таквите дејства не го повредуваат само поединецот што е цел на нападот; тие ја еродираат довербата на јавноста во платформите, во медиумите рушејќи ги стандардите на чесноста.

Критиката ја јакне демократијата. Лагата ја разорува. Дебатата ја зајакнува демократијата, осветничкиот став само да му наштетам да го уништам другиот, дефинитивно ја разорува.

Зборот не е неутрален. Тој создава реалност. Затоа секој јавно изговорен збор мора да се мери со критериумот на одговорноста и тоа најстрогата кога етичноста и културата веќе не се научиле онаму каде што треба – во родителскиот дом.

Лагата мора да има јасен јавен и правен суд. Не како ограничување на мислата, туку како заштита на достоинството и нормалноста во општеството. Без таа граница, демократијата ризикува да се претвори во простор каде најгласниот анонимен глас ја диктира перцепцијата на јавноста.

Ерозијата на нормалноста не се случува одеднаш. Таа се случува постепено – со секоја толерирана клевета, со секоја премолчена невистина, со секој обид за морална дискредитација кон оние што делуваат за доброто на сите – чесно, јавно и одговорно.

Одбраната на вистината е повеќе од лична позиција – таа е интелектуална должност. Одбраната на јавниот интегритет е повеќе од политички став – таа е обврска кон општеството.

Демократијата не бара едногласност. Таа бара интегритет.
А интегритетот започнува со едноставен принцип: лагата не смее да стане нормална, вулгарноста не може повеќе да се толерира и навредата мора да има свој најстрог суд.