Проф. д-р Мимоза РАЈЛ
Како да се опише светлината на безусловната љубов, што овој кристален универзум ја отсликува? Да, можно е, само ако станеме свесни дека сите сме различни аспекти на Едното, на вечниот пламен на светлината. Тоа е и ветување за славата и хармонијата во светот, кое ќе го достигнеме кога ќе станеме целосно димензионални во љубовта. И тоа е ветување за живот кој е исклучителен, живот во кој секој момент се брои како дар на убавината. Убавина која единствено може да го спаси светот, убавина која ја наоѓаме во центарот на нашата душа.
Понекогаш во моите најрани години кога првите сеќавања остануваат најчисти, ми се враќаат сликите кога мојот татко ми раскажуваше за „Повеста на страдањето по Матеј“, за страдалничкиот од по Голготата, кога сите мрачни сили го обзедоа Човекот-Бог-Исус, кој за својот краток живот на земјата ги доживеа сите исмевања, страдања и понижувања од демоните (луѓето). Се сеќавам дека тогаш кај мене ќе се запалеше мрачно страдалничкиот сјај на овој таинствен свет и ќе ме преплавеа сите бои на мистичните стравувања. Тогаш и не насетував дека во тој „Actus Tragicus“ на Велики Петок се раѓа суштината на сите поезии и на целиот уметнички израз.
Се сеќавам дека тогаш страв и трепет ќе го обземеше моето срце, стравот што парализира, стравот од мрачниот свет што се наоѓаше позади рајската врата на родителскиот дом – онаму каде што завршуваше детството, безгрижноста и спокојот. Понекогаш на Велики Петок во родителскиот дом сите заедно, но сепак секој за себе го доживуваше трагичното чувствување на животот, преку звуците на Бах, од чии ноти се раѓаше трагедијата од духот на музиката на Исусовото страдање.
Тогаш не знаев дека Исусовиот од по Голготата доаѓа кај секој човек, во секој живот, кај секој од нас. Тогаш не знаев за најтемната ноќ на мојата душа и повторното раѓање во новиот живот, онаму каде што Бог се пројавува. Тогаш не знаев дека Исус сме сите ние, дека и ние како Исус во одреден миг од животот, кога нашите страдања крварат како свежи рани од огинот на злото, ја креваме главата кон Небото и прашуваме: „Дали ова е моето време кога треба да умрам за да повторно се родам во новата свесност?“ Да, семето кое паднало на земјата ако умре многу плод ќе даде, а тоа е плодот на воскресението, во повисоките сфери на постоењето. Ја креваме главата кон Бога и прашањето: Зошто јас Татко, а Тој не ни одговара, несвесни дека нé подготвува за влезот во Ветената земја уште во овој материјален свет. Така во нас се повторува овој грандиозен стих од Светото писмо: „ако семето падне на земјата и не умре нема ништо да се случи, но ако падне и умре, многу плод ќе даде“ — да се умре во егото и материјата и да се роди во светлината и хармонијата на духот.
Тогаш не знаев дека за да влеземе во Небесното царство секој од нас мора да го доживее Велики Петок, а сепак во срцето да носи длабока вера и безгранична љубов кон Бога. Но тогаш и не знаев дека Велики Петок е последниот ден на страдањето, кога и сонот за изгубениот рај станува стварност, уште на земјата. Ете, можеби и затоа оние кои воскреснаа уште на земјата го гледаат Бога и живеаат со Него, а останатите се во пеколот на уништувањето навидум кон другиот, несвесни дека веќе се уништиле себе си.
Но во овој живот, човекот интуитивно знае дека таму горе, на небото, постои нешто повеќе од кондензирана вода или чиста рефлексија. Таа врска, испреплетена со сребрени нитки, е вечна, нераскинлива и апсолутна. Колку повеќе одиме низ ѕвездените светлини, толку повеќе навлегуваме во најдлабоките простори на сопственото сопство, каде се крие последниот архетип на Божественото. Божественото не е надворешно место — тоа сме ние во најсовршена форма, како што Исус ни порача: „Бидете совршени како Таткото наш небесен.“
Аљоша Карамазов, духовното срце на Браќа Карамазови, го покажува истото со своите зборови и дела: „Вистинското воскресение не се случува кога телото ќе се врати на земјата, туку кога срцето и душата се отвораат во љубов кон човекот и за Бога, кога сме расчистиле со егоизмот, алчноста, пакоста и осудата.“ Воскресението не е физичка, туку духовна обнова. Вистинското воскресение се случува кога човекот го отвора своето срце за љубов и сочувство. Тој верува дека преку простувањето, добрината и љубовта човекот се обновува и дека дури и еден човек кој воскреснува во своето срце може да го направи светот свет. Ете токму тоа воскреснување му дава смисла на нашиот живот. Аљоша Карамазов верува дека човекот може да воскресне од гревот и страдањето ако се отвори за другите и за Бога, а тоа воскресение не е чудо, туку резултат на свесно живеење, во молитва, убавина и вистинска, света љубов.
Достоевски низ Аљоша, како и преку Владимир и Варвара во Бедни луѓе, ни покажува дека воскресението е пат кон духовна зрелост, морална обнова и смисла. Тоа е воскресение на срцето, кое се постигнува преку едно духовно и свесно живеење. И во тој процес, човечката душа ја наоѓа својата светлина, својата внатрешна слобода, својот рај, тука и сега.
Затоа се сеќавам дека небото, кое го засакав како дете, уште тогаш ми се чинеше живо, како блажена радост што шепоти: „Таму животот е светол, лесен, радосен.“ Во мене се будеа светлосни соништа, чудесни бајки; небото раскажуваше само за себе. Велат дека во овој свет сите врски се бришат, но, со тоа светло небо како никогаш да не се разделив. Па сега помислувам на Ана Франк која од Аушвиц со детските очи го гледаше тоа исто небо низ мал прозорец и таму наоѓаше надеж во време на стравови и јанѕи на една млада, невина душа. Небото на Винсент ван Гог тој азур попрскан со светли златни топки, е небо кое нуди спас над темната земја, небо кое тој го насликал во душевна болница со една пулсирачка, немирна душа која стреми кон светлината на ѕвездите. Марк Ротко го чувствувал тоа исто небо како бескрајна тишина, простор за медитација. Арво Перт го слушал како духовна музика, Бетовен во деветтата симфонија како ѕвезден пат кон тоа исто светло небо.
Небото не е само над нас, тоа ја метарфорзира нашата душа која е во рајот. А рајот не е во иднината; тој не се добива како награда, туку е состојба овде и сега. Голем е колку што е голема нашата љубов, а тесен е колку што е тесна душата. Небото е над нас сите, но вертикалата што води кон него се гради во нас. Колку повеќе тонеме во таа убавина, толку повеќе светиме.
Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки. Затоа воскреснете уште на земјата и Бог нека го благослови вашиот пат. Како што вели Аљоша Карамазов: „Ако дури и еден човек воскресне во своето срце, светот станува свет, свет на една повисока свесност — и тогаш сѐ е можно.“




