Дарко РУСЕВСКИ

(авторот е професор по германски јазик)

Анатомија на уништувањето на образованието

Драги читатели, се наоѓаме пред еден голем предизвик. Предизвик кој може да нѐ чини многу во секаква смисла. Образованието е на колена и крвари. За да биде на широката читателска публика појасно ќе ја појаснам сериозноста на целава оваа работа во образованието со едноставен речник.

Јазикот и историјата

Детето се раѓа и доаѓа на овој свет посакувајќи да научи сѐ околу него. Најблиску до него и прво нешто со кое се запознава уште и пред да дојде на овој свет е – мајката и мајчиниот јазик. Си поврзува гласови, од гласовите гради зборови, а пак од нив реченици. Знае како да ги употребува, но не знае зошто му се. Какви можности му нудат тие тајни испреплеткани во зборовите? И на шестгодишна возраст тргнува на училиште. Оти таму треба да ги научи тајните и на зборовите и на, за него нов, универзумот. Но, зошто токму јазикот игра главна улога во целото негово образование? Затоа што мајчиниот јазик е метакогниција.

Овде метакогницијата подразбира основа, темел на сѐ, што следи во образованието понатаму. Основата на сите науки потекнуваат од јазикот. Каква врска врзуваат зборовите еден со друг и градат структура, така гради структура и хемијата и биологијата и математиката и информатиката и тн. Процесите што ги има во јазикот се слични со процесите во сите други науки. Заклучоците и правилата што се изучуваат во јазикот се пресликуваат на се’ останато што ќе учи детето понатаму. Сегашната министерка сака тоа да го деформира, изобличи, скрати преку најавената реформа во образованието со кратење на часовите по македнски јазик. Ако тоа го стори буквално го демолира образованието и ќе има последици од невидени размери преку фрагментирани, нецелосни, знаења, на брзина научени лекции, неконтрастивно анализирање, необразување на целина.

Не само јазикот, историјат исто така ќе се спојува со други предмети. Но, како ќе се спојува со други предмети? Ќе се споменат три реченици за Даме Груев а децата нема ни да чујат за Гоце Делчев или ќе чујат само два збора? И потоа таквите личности кога ќе ги сретнеш и ќе им кажеш дека Гоце Делчев е Бугарин има шанси и да поверуваат, бидејќи не учеле на училиштето ништо за него. Историјата ни е чувар на татковината, на вистината, на настаните, на фактите. Историјата ги исцртува границите и во длабочина и во широчина, таа е повеќедимензионална, не е како обичните географски карти. Има многу тежина во таа историја. Најтешки се корените кои обврзуваат на одговорност. Ако ги нема овие две компоненти или ако се значајно осиромашени, ќе нѐ нема ни нас и како народ и како држава.

Доколку се дигитализираат учебниците, лесно може да се манипулира со наставната содржина, може да се вадат реченици од контекст, а притоа во користена литература да стои делото на авторот кој е цитиран и тоа без да се консултира со авторот.

Инклузивност

Преку инклузивноста се создава синтеза на повеќе компетенции, учесници, ставови, видувања  кои го сочинуваат образованието во целата негова разноликост. На примарно ниво, инклузивноста мора да подразбира интегрирање на просечните, потпросечните и натпросечните ученици во еден систем каде хармонично се надополнуваат еден со друг без никој никому да наштети. Секундарно, инклузивноста подразбира овозможување на настава која е прифатлива и за учениците со специфични невролошки состојби (дислексија, дисграфија, АДХД, АДД, аутизам и сл.), преку градење задоволство кај учениците од онаа што ќе го понесат со себе кон дома, надвор од и во училишните клупи- знаење, прифатеност, почит и уважување. Со дигитализацијата на учебниците се создава фрустрација, затоа што ученикот она што го учи од книга за 25 минути, со е-книга треба да го учи најмалку 45 минути (ова се резултати од истражувања кои се спроведувани во неколку развиени држави како: Германија, САД, Русија, Велика Британија). Проценето е дека обичната книга многу повеќе ја држи концентрацијата на ученикот отколку електронските уреди, додека електронската создава дефокусираност. Значи, доколку се воведе дигитализацијата, наместо да се подобри состојбата на инклузивноста и на примарно и на секундарно ниво, таа значително ќе се влоши. Ќе се влоши на примарно ниво и затоа што со таблети или компјутери поставеноста на прстите, кои инаку се најизразен помагач на развојот на мозокот, е неправилна и ќе се оневозможи развој на фината моторика, а наместо да се поттикнува, креативноста ќе се гуши, затоа што околината каде детето учи нема да го натера само да размисли и осмисли план туку сѐ ќе му биде сервирано на готово, што никако не е добро.  Посебно е предвидено влошување на секундарно ниво, каде учениците со специфични невролошки состојби немаат добра ориентација во време и простор, многу побавно читаат и користењето на уредите кои лесно може да одлутаат неконтролирано преку многу страни, уште повеќе ги обесхрабрува учениците да се фокусираат на читањето, бидејќи им треба повеќе време да ја најдат страницата каде застанале со читање. Од технички аспект, доволно е само да се воведе број на ред и да се зголеми фонтот за да биде олеснителна околност за сите.

Инклузијата исто така подразбира и мултисензорен пристап во наставата. Со самостојно создавање идеи ја поттикнуваме интелигенцијата и го поттикнуваме самостојното и критичко размислување. Она што го имаме на таблетите е највеќе дводимензионално, стерилно, кое не поттикнува никаков ангажман. Со електронските уреди се дискриминираат и се гушат типовите на учење. Не размислуваат сите ученици исто и не учат сите ученици исто. Уредите фаворизираат само еден тип од можните типови на учење.

Инаку, стапката на ученици со дислексија или со било која од специфичните невролошки состојби во Македонија се движи меѓу 10 и 12 отсто. Затоа што на овие ученици не им се признава статусот и не им се помага се создаваат огромни финансиски загуби. Во Велика Британија, затоа што на време не се реагирало и не им е овозможено на учениците навремена помош, загубите се проценуваат на неколку десетици милијарди евра. Со реформите, загубите во Републиката ќе бидат уште поголеми.

Социјалните односи

Децата се многу паметни и сакаат да го осознаваат светот. Со седење пред книга и со секоја прочитана страна, детето се мотивира да прочита уште толку, да ја совлада материјата, има сатисфакција од поминатото и од наученото. И тоа не е штетно по неговото здравје. Но, со таблет или лаптоп, за краток временски период, детето ќе почне да укажува на проблеми со видот и со тек на време нема да може да оддржи фокусираност на очите кон електронскиот уред за да ја прочита лекцијата. Или пак, да земеме за пример дете кое не сака толку радо да чита, Доволно е таблетот да го натопи со вода, а на лаптопот да му го исече приклучокот за енергија за да се “спаси“ од читање. Во тој случај во незавидна положба ги ставаме родителите кои мораат да се впуштаат во расправија со детето и дополнително на тоа ќе мора да купуваат нов уред. Ајде ако е едно дете, па да каже човек не е голема штета, но ако се работи за многудетно семејство и родителите се изложени на дополнителни финансиски трошоци? Се наметнува прашањето: кој ќе ги финансира уредите? Тоа во секој случај треба да е Министерството за образование бидејќи таа институција ја врши и дигитализацијата на учебниците. Сообразно на тоа, мора и на ученикот да му обезбеди и адекватни услови и помагала.

Во оваа група не можеме да не ги споменеме и децата со поскромни економски услови. Обичната книга му е достапна во секое време, додека таблетот, доколку не го обезбеди Министерството – не му е  (толку лесно) достапен. Дали министерката размисли дека има ученици кои би ги продале уредите, само за да стекнат финансиски средства и притоа да го пријават лаптопот за исчезнат. Дали Министерството пак ќе му достави на располагање уште еден таков уред?

Зад кулисите

Кога купуваме или се стекнуваме со материјали за читање на било кој електронски уред, ние всушност купуваме лиценца за користење и книгата што ни се дава не е наша засекогаш. Еден неодамнешен пример: „Мајкрософт“ неодамна ја затвори својата дигитална библиотека и иако ги врати парите на авторите на трудовите, тие ја изгубија својата копија, бидејќи она што е купено е лиценца за користење во извесен временски период, а не сопственост на делото. Па со ова сакам да ја прашам министерката: дали учебниците се всушност со само лиценца за користење или учениците имаат право на сопственост. Како што погорниот пример со Мајкрософт кажува, и Министерството може исто така да избрише сѐ што е напишано со едноставно губење на лиценцата на користење. Министерката, која за жал не си ја гледа грешката кај себе, почна да ги обвинува родителите, кои се даночни обрвзници и кои иднината на воспитувањето и образованието на детето сакаат да ја градат овде, се навредувани од министерката и со тоа допринесува родителите да изберат некоја друга држава за образование на детето, што патем речено деновиве стана многу лесна работа. Во Словенија, Србија, Германија, Бугарија….

Министерке, кога ќе се освестиш и сфатиш дека реформите кои ги правиш се на штета на образованието?