На 8 септември 1991 година, се одржа референдумот за независност на Македонија од поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија. По речиси пет децениското градење на институционалниот систем, граѓаните на Македонија ја изразија својата демократска волја и со 72,16 отсто ЗА, од вкупно излезените 1.495.807 граѓани со право на глас, гласно ја поддржаа идејата за самостојност, сувереност и независност на македонската држава. Вечерта, по референдумот, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, ја обзнани и ја потврди решеноста на македонските граѓани за самостојност и независност со следните зборови: „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.
На 30 септември 2018 година, по дваесет и седум години независност, беше организиран референдумот кој требаше да го покаже расположението на македонските граѓани во однос на промената на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија, што произлезе од јунското потпишување на Договорот во Нивици, со нашиот јужен сосед, Хеленската Република. За разлика од првиот, овој референдум беше пропратен со огромното незадоволство на македонските граѓани, кои одлучија да го игнорираат референдумското изјаснување, па заклучно со завршувањето на гласањето, дента, на 30 септември, правото на глас го искористија само 36,91 отсто од вкупниот број на македонски граѓани со право на глас. На крајот од денот, официјалниот став на Државната изборна комисија, според сите параметри на излезност на македонските граѓани, беше дека го прогласува референдумот за НЕУСПЕШЕН, со што јасно беше изразено расположението на граѓаните во однос на политиките на власта предводена од СДСМ и нејзината коалиција.
Доколку ги споредиме овие два историски моменти, можеме да увидиме неколку главни поенти кои произлегуваат од базата врз која се темелат ставовите и мислењата на македонските граѓани во однос на клучното прашање за опстојување на Република Македонија, како суверена, независна и демократска држава, но и на заложбите на македонскиот народ, кој како конститутивен народ, без своја резервна татковина, е должен да ги зачува придобивките стекнати на 2 август 1944 година, кога за прв пат во историјата, беше конституирана современата македонска држава. Од тие причини, АСНОМ не беше само огромна политичка победа над фашистичката чизма, туку и нова, светла страница од модерната македонска историја, каде за прв пат официјално и македонците добија признание за своето историско постоење, како и за докажаното право на националното декларирање како самостоен и освестен народ кој влегува во множеството на цивилизирани народи кои имаат право на своја национална држава!
Во поглед на главните параметри, неспорно е дека без оглед на ужасната економска стагнација на Република Македонија, падот на системските вредносни мерила и огромната несигурност која е сеопшт впечаток, внатре во земјава, македонскиот народ, пред се, со огромна поддршка на помалите етнички заедници, на тестот за самоодржливост ја покажа максималниот праг на издржливост во поглед на ставот за неменување на уставното име на Македонија. Овие показатели, не се а приори став контра евро-атлантските аспирации на македонските граѓани, туку само показател дека не постои достатно висока цена која сме спремни да ја платиме, за да го изгубиме она што со векови нашите претци макотрпно и со огромна саможртва се бореле да го создадеме. Од тие причини, несомнено е дека македонските граѓани, со задоволство уште денес ќе го поддржат приемот на Република Македонија и во НАТО и во ЕУ, единственото нешто што тие нема да го прифатат е да се обезличат и да допуштат да се деконструира македонската држава, во интерес на ова понудено наднационално интегрирање.
Ваквиот однос кон овие предизвици, не ја намалува амплитудата на изразност кон западните интеграциски процеси, туку ги разобличува двојните стандарди на меѓународниот фактор, кој под принуда се обидува од „Македонската оаза на мирот“, да не преформулира во „Македонски резерват на мирот“! Таквиот компромис, граѓаните на Република Македонија не се и никогаш нема да бидат согласни да го прифатат.