Воислав ЗАФИРОВСКИ

Изминативе денови сведоци сме на бројни протести ширум Македонија, а поводот со право, е што дваесетгодишниот Васил Јованов на булеварот Партизански одреди, кој на секои 300 до петстотини метри има семафори, на пешачки премин, управувајќи возило без да има положен возачки испит,под дејство на алкохол, со голема брзина поминал на црвено светло и брутално ја усмрти младата Фросина Кулакова од Неготино.

Нема граѓанин што не е згрозен од овој настан, а тоа што дополнително ја зголемува тензијата е што ниту е прв, ниту изолиран случај.

Само за потсетување, во неколкуте изминати години на истиот булевар, на пешачки премин се прегазени и усмртени три млади девојки; Извесен Ален од обезбедувањето на „број 1“, на истиот булевар, возејки мотор со голема брзина, усмрт возрасен граѓанин; во Скопје, во близина на АМСМ, пред некоја година беше направена сообраќајка во која животот го загубија две лица, а виновниците за сообраќајката, поминаа со казна како да згазиле врабец; извесен Кичеец, близок соработник на „број 1“, кој во тоа време требаше да биде во затвор за издржување на затворска казна за друго дело, на патниот правец Кичево – Скопје, претекнувајќи на непрегледно место, на полна линија, направи сообраќајка во која животот го загуби едно лице, за што во договор со јавниот обвинител, откако ја признал вината доби затворска казна од дури шест месеци; во Велес имаше случај, младо момче на пешачки премин да усмрти единаесетгодишно девојче, а мајка и со тешки повреди едвај ја преживеа несреќата, додека сторителот, избега, го напушти местото на несреќата без да укажи помош на повредените… има уште многу такви примери, од кои на човек, од самото сеќавање му се превртува во желудникот, а камо ли да ги набројува.

Откако се прели чашата, се случија протестите, јавноста гласно бара одговорност и мерки да не ни се случи никогаш повеќе нешто слично. Случајот дури се исполитизира, со меѓусебни обвинувања на партиите кој е виновен и одговорен за овој и сличните настани.

На маса беше ставена и статистиката за тоа колку лица во минатата година биле фатени да управуваат со моторно возило без возачка дозвола, се побара заострување на и онака острата казнена политика во сообраќајот…што че произлезе од сето тоа, допрва ќе видиме, но и покрај се, не беше одговорено на клучното прашање – кои се тие лица што го кршпат законот, возат без возачка дозвола, беснеат по улиците и патиштата низ Македонија, а се недопирливи за органите на прогонот.

Клучните проблеми се кријат во корупцијата која се отсликува како неказнивост, отсуството на интегритет кај многумина на кои им се може да влијаат на несанкционирањето на башибозлукот во сообраќајот. Со еден збор корумпираноста на „јаките луѓе“ во институциите кои со еден телефонски повик ќе „завршат работа“.

Зарем има некој обичен смртник во нашево општество, што со едно одење во која било институција, без да има „свој човек“ може да заврши работа?!

Лично не познавам таков, вклучувајќи се и себе си меѓу нив.

Мое лично мислење е дека паричните казни за сообраќајните прекршоци се доволно високи и не гледам потреба за нивно дополнително зголемување. Паричните казни и до сега си ги плаќаа само тие што немаат некој свој „јак човек“ во полицијата, во политичките ешалони, во судовите…само тие и никој друг повече.

Отсуствува доброто воспитување и повисок системски степен на сообраќајна култура, нешто за што одговорност имаат родителите и училиштата, кои во изминатиот период сосема ја запоставија воспитната улога (мислам на училиштата, а читајте на воспитно образовниот систем во целина).

На времето, за управување со мопед до 50 сс, во училиштата под надзор на предметен наставник се полагаа тестови за да се добие дозвола за нивно управување, а денес, за управување со мопеди или со нечујните брзи електрични тротинети, никому ништо не е потребно, никој од никого ништо не бара, а тие, заедно со пешаците се најчестите жртви на дивеењето на дивите и лошо воспитани возачи.

Согласен сум со министерот за внатрешни работи дека треба да се направат измени и прекфалификација на одредени прекршоци во кривични дела.

Така, управување на моторно возило без положен возачки испит да се третира како кривично дело; управување моторно возило со повеќе од 1 промил алкохол во крвта или под дејство на дрога, опијати или психотропни супстанци, исто така да се третира како кривично дело, при што казните би биле затворски, а возилата, доколку се сопственост на тие што управувале со нив или се докаже дека некој свесно им ги дал, без разлика од поводот, трајно да се одземат.

Но сепак, едно се законските измени кои итно треба да се направат, а сосема друго се корумпираните „јаки луѓе“, тие на кои им се може да влијаат на санкционирањето.

Нивната ментална матрица никогаш нема да може да се смени без санкции. Токму тие својата моќ ја манифестираат каде што ќе стигнат. Токму затоа, треба да се предвидат санкции и за нив. Тогаш, кога на кој било начин ќе се докаже дека влијаел на каква било одлука за нечие санкционирање во сообраќајот, треба да биде санкциониран како тој самиот да бил сторител.

Можности за докажување има, се вештачат телефони, системите на врски оставаат трага, така што се може да се докаже но потребна е политичка воља државата да се справи со тие што се јаки и силни како Рудоња.

Без зауздување на „јаките луѓе“, без интегритет, заострувањето на казнената политика со зголемување на паричните казни ќе немаат никаков ефект. И натаму казните ќе си ги плаќаат тие кои и до сега си ги плаќаа – граѓаните без моќен грб зад нив, а тие на кои им се може и натаму ќе дивеат и беснеат низ улиците и патиштата на Република Македонија, затоа што секогаш ќе имаат некој што со еден телефонски повик дополнително ќе ги симнува моралмите и човечки граници на нормално и прописно однесување.

За крај, покрај моите изрази на најдлабоко сочувство кон фамилијата Кулакови, но и кон семејствата на сите кои настрадале во сообраќајни незгоди од невоспитани, диви и лошо воспитани луѓе, една мисла од човек што го почитувам, бидејќи е таков како што е и неговата мисла – ако не можеш да ги издржиш и платич последиците од својот чалам, воопшто немој да се обидуваш да се чаламиш.