Воислав Зафировски
Дали има нешто свето во животот на луѓето, нешто што е повеќе од црвена линија, некои принципи што не се порекнуваат, не се газат, нешто што не се лиже?!
Да, има…но луѓето сме различни, со различни принципи, некому тие принципи му се се’ по што луѓето го препознаваат, додека некој други се препознаваат по тоа што принципиелно едно говорат, а кратко потоа се’ прават поинаку и дијаметрално спротивно од тоа што кажале.
Претпоставувам долго ќе помниме еден лик кој се колнеше дека се додека го држи памет, се додека го дише овој воздух, се додека неговите родители, неговите деца се чувствувале и се чувствуваат како Македонци, тој нема да дозволел промена на Уставот заради промена на Уставното име на Република Македонија.
Тој лик, со несебична подршка од странските авторитети, не само што стана премиер на Република Македонија, туку за не цели две години, повторно со до сега не видена странска подршка, успеа да испогани се што јавно кажа пред изборите и непосредно по конституирањето на актуелната Влада на Република Македонија. Со не видени политички вратоломии, со политизирање на правото, надвор од правните процедури успеа, да ги испорача барањата на коалиционите партнери и големите браќа од запад, успеа Република Македонија од унитарна да ја доведе на чекор до бинационална држава.
Сето тоа во име на интересите на НАТО алијансата и во име на интеграцијата на Република Македонија во ЕУ. Членството во НАТО алијансата и во ЕУ се наши вистински стратешки приоритети. Ако членството во НАТО е извесен процес, на влез во ЕУ без владеење на правото, ќе се изначекаме, а само оние со многу среќа, ако не се исселат до тогаш, ќе го дочекаат денот на наше полноправно членство. Ставот и мислењето на граѓаните на Република Македонија како суверени носители на власта, не е битно, битно е што треба да се испорача на големиот му брат, а сполај му на бога има такви што можат да одработат за него, а веројатно и за себе.
Ако на нештата се пријде рационално, без политичка еквилибристика, работите стојат поинаку и никој на граѓаните на Република Македонија не им кажал што значи да се биде дел од елитното друштво.
Членувањето во НАТО создава обврски нашата армија со свои човечки и материјални ресурси и за своја сметка да учествува во разни мисии на алијансата; обврска државата да издвојува 2% од БДП за одбраната, а за возврат ќе бидеме засолнети под заедничкиот глобален безбедносен чадор.
Колку и да изгледа несреќна изјавата на Трамп од пред неколку месеци, дека нема намера за една Црна Гора која е членка на НАТО да ангажира америчка војска и да започне “трета светска војна” заради еден грст луѓе што живеат во таа држава, таа изјава е рационална и многу реална! Се прашувам дали има нешто што е поразлично во случајот со Република Македонија, не е, но сепак убаво е да се биде под чадорот на еден таков моќен воено политички сојуз.
Значи, Република Македонија нема да е загрозена од надвор, туку ќе биде ранлива и кршлива како славски колач само од внатре, а за внатрешната безбедност секоја држава мора да смогне сили сама да се грижи.
Во Република Македонија, за жал не постои единствен систем на внатрешна безбедност, туку постои паралелизам во институциите на државата. Ова е особено изразено во МВР, а според некои инсајдерски информации и во АРМ, каде министрите Македонци се одговорни за кадрите од Македонско и не Албанско потекло, додека замениците си ја водат кадровската политика за припадниците од Албанско етничко потекло. При тоа не се прашува министерот, туку партиските кадровици. Каде ќе не одведе тоа, не знам, но држава во која има институции во кој функционираат паралелни системи, а политичките авторитети на тоа гледаат како на нормална појава, во најмала рака е аномична, не одржлива состојба и е закана што секој момент може да ескалира и да ги конфронтира паралелните системи од внатре. Со други зборови, НАТО не е никаква гаранција за внатрешната безбедност на државата, а надлежните за неа ниту помислуваат кадровскиот потенцијал да го постројат во хиерархијата според вредносни, мерливи параметри.
Следната работа исто така е сериозна, можеби и уште покомплицирана.
Кои и какви културни и историски вредности, какво наследство ќе внесеме во Европа, кога како држава на ова географско подрачје ќе треба да се откажеме од сета наша историска фактографија и од нашето културно наследство. Во Европа ќе треба да влеземе како некои описни граѓани на некоја од вчера создадена држава, со описен јазик кој припаѓа на словенската група јазици, а се уште е оспоруван од авторитетите во Европска Софија, но и од Атина?! Нешто како онаа антологиска реплика “Исток не отпишуе, запад не не запишуе”.
Како, кога официјална Софија се уште тврди дека територијата на денешна Република Македонија е неослободена Бугарска територија (само не ми е јасно од кого тоа треба да не ослободуваат), дека Фашистичка Бугарија во 1941 година не не окупирала, туку не ослободила (?!). Чуму тогаш Македонските партизани да мораат да не ослободуваат од нив?!
Ова е особено битно, бидејќи и едните и другите се закануваат со блокади за влез во ЕУ, доколку Република Македонија на ги прифати и не им ги испорача нивните барања.
Со еден збор, како држава и обезличени немаме никакви гаранции за непречено чекорење кон ЕУ и покрај тоа што Обединетото Кралство, ете дознавме и тоа, дека ни го отстапило местото во Унијата (погодете чија ли беше оваа бисер изјава).
Тој што го изјавил тоа, мора да научи дека клучот за влез во ЕУ, пред се’ се Европските стандарди за владеењето на правото; функционирањето на трите власти без мешање на лончињата меѓу нив; борбата против корупцијата, особено актуелниот и непотизам и организираниот криминал (во кој слободно ќе го ставам и непотизмот); почитувањето на човековите слободи и права, во почитување на слободно изразената воља на граѓаните и во се она што се нарекува демократски процес.
Без тоа и лично Кралицата Елизабета да ни го подаде и поттурне нивното столче во ЕУ, Македонски задник никогаш нема да седне на него.
Што имаме ние од тоа денес…очигледно едно големо ништо. Во земјата наместо право владее политиканство; трите власти се политизирани и високо корумпирани; не функционални, гломазни и не функционални; не се почитуваат и грубо се изигруваат пропишаните правни процедури; се силува и искривоколчува демократијата и слободно изразената воља на граѓаните; се амнестираат пратеници чија одговорност за крвавиот четврток е неспоредливо поголема од сите што останаа принципиелни и не бараа амнестија, како и на оние кои со коруптивниот Закон за амнестија не беа опфатени, а се со цел да се испорачаат очекувањата на големиот им брат; нема одговорност за скандалите во здравството, во судството, обвинителството; сквернавењето на културата преку фаворизирање на вчера регистрирани друштва со етнички предзнак, а запоставувајќи ги културните манифестации кои имаат традиција и се белег на Македонската нација; се кинат зелени изјави за кои потоа цела сурија мудреци дообјаснуваат како народот е глупав и грешно разбрал или дека злонамерните новинари изјавата ја извадиле од контекст…ајде еднаш, два пати, ама без малку секоја втора или трета изјава да е таква?! Па до кога и до каде, што е многу, многу е!
За самиот крај, дали има нешто што на некои ликови им е свето, нешто што претпоставено не е ни само нивно, а не е ни за продавање, ниту за пазарење, бидејќи цената која ќе ја добиете ни од далеку не е еквивалент на тоа што засекогаш ќе го загубите, од достоинството како народ, до идентитетот, јазикот и културно историското наследство.
Не сум стручен да кажам, но се прашувам дали се уште го држи памет…дали се уште го дише овој воздух…дали неговите родители, неговите деца се чувствуваат и декларираат како Македонци…та не го смени, туку го искасапи Уставот на Република Македонија, за кој тврдеше и се колнеше дека е одличен, Европски Устав за кој даваше гаранции дека никогаш нема да го промени со цел да се промени името на нашата татковина Република Македонија?! Го гарантираше Македонскиот идентитет, за потоа со дипломатска нота да се дообјаснува и правда дека тоа Македонски се однесувало на државјаните на РСМ, не и на националноста…која национална бламажа?!
Сепак, ако некој некогаш ве излаже, алал да му е, но втор пат ако ве излаже, до вас ќе да е, тогаш вам срам да ви е. Граѓанската доверба може да ја добие само оној што ќе ја заслужи со дела, не оној што упорно и безобразно лаже на јавна сцена – едно ветува, а спротивното го прави и секогаш после секоја негова изјава некои други мудри ликови што ја разбрале поентата дополнително ни дообјаснуваат што тоа сакал да каже говорникот. Барем говорникот да знаеше да молчи, но и за тоа треба мудрост…и наместо легитимитетот и моќта да ги црпи од граѓаните на Република Македонија, очигледно моќта доаѓа од големиот му брат, а сметката за преземените обврски, од лични карти, патни исправи до сообраќајните таблички, банкнотите и униформите на полицијата и армијата, секако се од џебот на граѓаните.