Како што преку ноќ од „македонската нација“ и „македонските национални институции“ остана само “нација” и “национални институции”, така имавме можност, вчера на 11 март 2019 година, на одбележувањето на 76 годишнината од холокаустот во Скопје, да дознаеме дека се случило нешто страшно (?!) што не смееме да го заборавиме, особено затоа што ако ги заборавиме мртвите, тогаш по втор пат сме ги убиле.
Прашањето не е дали се случил, туку што значи холокаустот, кој го направил тоа страшно злодело што не смееме да го заборавиме, кој треба да се чувствува виновен и кому да се извини за тоа?!
Одбележувањето на годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, веројатно во име на добрососедските односи, не даде одговор на клучните прашања и со ниту еден збор не се спомна кој ја спроведе депортацијата до логорите на смртта, што претставува дел од колективната меморија која никогаш не смее да се заборави.
Велемудрото раководство на Република Северна Македонија, од пусти страв, од внесеноста во улогата на без условни послушници или можеби од добрососедски побуди, не изустија дека Евреите од Македонија во смрт не беа депортирани од македонскиот народ кој во тој период заедно со своите сострадалници, меѓу кои имало и голем број Евреи, се бореше против фашистичките окупаторски војски за сопствена држава
Раководството на Република Северна Македонија вчера говореше за холокаустот како да станува збор за удар на гром, за земјотрес или поплава, за некаква страшна елементарна непогода на која ниту едно човечко суштество не можело да влијае. Ако целта на одбележувањето на холокаустот, во таа смисла и депортацијата на Евреите од Македонија е да се запомни, да не се заборави за никогаш да не се повтори, тогаш треба многу јасно да се каже што е холокаустот и кои мрачни сили стојат зад него за никој, ама баш никој и никогаш да не заборави и да не се повтори, Еве ги фактите.
Холокауст е термин кој се користи за чинот на масовното систематско убивање на околу шест милиони европски Евреи во текот на Втората светска војна, од страна на нацистичкиот режим во Германија.
Актуелната германска канцеларка, Ангела Меркел, собра сили да се извини на еврејскиот народ и на израелската држава за холокаустот, што претставува чин на признавање на вината, каење за стореното и најважното, спремност никогаш повеќе да не се повтори!
Значи треба јасно да се каже дека холокаустот не се случи, не падна од небо, не е елементарна непогода, туку е дело направено од нацистите и нивните колаборационисти.
Македонскиот народ од секогаш негувал искрени пријателски односи со своите сонародници Евреи, за што има многу документи, а за среќа и живи сведоштва од бројни современици.
Како граѓанин во ниту еден момент не слушнав во обраќањата на премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров ниту збор за тоа кој ја испланира, организира и реализира депортацијата на Евреите од Македонија во логорите на смртта.
За воља на историската вистина, 7144 Евреи од Македонија, најмногу од Скопје, Битола и Штип, од кои скоро половината деца, во логорите на смртта се депортирани од бугарските фашистички власти, а во денешната бугарска држава и ден денес милуваат да кажат дека нивната улога во Македонија во Втората светска војна била ослободителна, не окупатурска, дека територијата на денешна Република Македонија е се уште не ослободена бугарска територија, што е повод за оспорување и на македонскиот јазик?!
Депортацијата на Евреите од Македонија е дело на злосторници со човечки лик, злосторници кои во име на фашистичка Бугарија ја окупираа територијата на Македонија, ги прогонуваа сите слободоумни патриоти кои се бореа за сопствена Македонска држава, а во таа смисла и без поговор ги реализираа сите политики на нацистичка Германија, вклучително и депортацијата на Евреите од Македонија во логорите на смртта. Можеби фашистичките бугарски власти не беа спомнати во говорите на нашиот премиер и министерот за надворешни работи затоа што при депортацијата на Евреите од Македонија, бугарската железница не им наплатила за билетот во една насока, не знам, но не можам да си објаснам од каде таква сервилност, на одбележувањето на 76 годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија да се говори во железни нараквици без да се спомнат злосторниците што го сториле тоа, без да се каже што е тоа што за на век треба да се запамти и никогаш да не се заборави за да не се повтори.
Министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Захариева, наместо извинување за стореното, изјави – “Бугарија не успеа да ги спаси Евреите од Вардарска Македонија!”
Се прашувам од кого тоа не успеале да ги спасат, кога токму тие со сила ги собраа, товарија и на бугарски трошок со билет во една насока – во смрт, ги испратија Евреите од Македонија во логорите на смртта.
Токму отсуството на доблест да си признаат самите на себе, а потоа и на другите за сторените злодела упатува на заклучокот дека, за жал антисемитизмот се уште е жив во нивните глави.
Оттука можеби ќе е добро, бидејќи заеднички ќе се чествуваат повеќе значајни датуми, секоја година на 11. Март, кога се одбележува годишнината од холокаустот и депортацијата на Евреите од Македонија, манифестацијата заеднички да ја одбележуваат властите на Република Северна Македонија со големодостојниците на Република Бугарија, како гест на извинување и признавање на вината за сторените злодела на територијата која тогаш била под нивна окупација.
За самиот крај и неколку зборови за медиумската покриеност на настанот. Чудно е како можеа сите медиуми, без исклучок да говорат и пишуваат за македонски Евреи, а не за Евреи од Македонија, до толку повеќе што во тоа време се уште не беше конституирана Македонија како држава.
Оваа критика особено се однесува на јавниот сервис, на МРТВ која е најодговорна во медиумскиот простор да пласира точни и не двосмислени информации. Говорејќи и пишувајќи за македонски Евреи е исто како нашите сограѓани Албанци, Срби, Роми, Турци… да ги именувате како македонски Албанци, македонски Срби, македонски Роми, македонски Турци. Имам впечаток дека медиумите на тој начин некому му се подлизуваат, бидејќи убеден сум, на новинарите им е многу јасно дека таквата кованица, барем јас така ја доживувам, претставува навреда за која било етничка група, заедница или поединец. Замислете Македонците во Србија да бидат именувани како српски Македонци или во Албанија како албански Македонци?! Можеби се подлизуваат на актуелната власт на Република Северна Македонија, можеби на Република Грција или пак следат нечии одредени директиви и во таа насока мораат да вршат авто цензура?!
Некои можеби токму таквиот пристап го нарекуваат медиумска слобода, во што се сомневам, но за внимателните читатели или слушатели тоа е сигнал и порака за проблематизирање на идентитетот на Македонците, барем на оние што се чувствуваат како Македонци…можеби не и на оние што се чувствуваат како описни граѓани на Република Северна Македонија.