Во ноември минатата година, Владата прогласи кризна состојба на целата територија на Република Македонија. Се формира и Кризен штаб, со координативна улога, а истиот е раководен од в. д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Првата и до сега единствена мерка која Кризниот штаб ја презема, е ангажирањето на припадниците на македонската Армија во обезбедувањето на клиничките ковид центри (?!).
Судејќи според се’ преземено до сега од Кризниот штаб, се прашувам зошто беше воведена кризната состојба и дали некој од актуелниве велеумни ликови од тој Кризен штаб знае што значи таа и кои мерки до сега требаше да ги спроведат?!
Очигледно не, затоа што веќе ја поминавме првата ноќ од новиот, втор по ред полициски час на целата територија на Република Македонија од 22 навечер, до 05 часот наутро.

Ајде со ред. Кризната состојба беше прогласена по препорака на Советот за безбедност, заради пандемијата со Covid 19, а поаѓајќи од потребата целосно и доследно да се спроведат мерките воведени од здравствените власти, со цел да се обезбедат претпоставки за повисок степен на превенција од вирусната инфекција.

И покрај тоа што Македонија нема закон за кризна состојба, ниту закон за заштита на критичната инфраструктура, за очекување беше Кризниот штаб да излезе со информација дека припадниците на армијата ќе се стават на располагање на полицијата во реализацијата на мерките воведени од здравствените власти и Владата, а во таа насока институционално, првенствено ќе ги засилат контролите за:
– задолжително носење на заштитни маски;
– почитувањето на социјалната дистанца во сите кафулиња и угостителски објекти;
– почитувањето на работното време на угостителските објекти;
– контрола на плоштадите и другите јавни површини заради спречување на поголеми групирања на граѓани;
– дезинфекција при излегувањето и влегувањето на возилата во градските средини;
– контрола на евидентираните големи загадувачи на животната средина;
– контрола и спречување на опожарување на депониите;
– да мотивира доброволна масовна имунизација на населението, а во меѓувреме државата да обезбеди доволни количини вакцини и тн и тн.

Наместо тоа, добивме нешто што апсолутно нема врска со пандемијата – зајакнато обезбедување на болниците со припадници на Армијата (?!).

Срамно, дури би рекол и недолично за луѓе од кои се очекува да ги реализираат мерките на здравствените власти во услови на прогласена кризна состојба.
Сепак, тие не се виновни, едноставно толку им е капацитетот, проблемот лежи во Владата, во оние што на така одговорни позиции именуваат и поставуваат не стручни луѓе, луѓе без знаење, без идеја, луѓе кои немаат појма зошто воопшто се поставени на одредени позиции и она најлошото – луѓе без морален компас за одговорност.

Како резултат на отсуството на горе спомнатите очекувани мерки кои логично требаше да бидат преземени, реалноста тргна во сосема спротивна страна од посакуваната.

Одредени ресторани и кафулиња работеа до ситните часови. Како што кажуваат некои од присутните на тие забави, дискретно се собира одбрано друштво, во 21 часот се заклучува локалот од внатре, се гаси светлото пред влезот и во предниот дел од него, се навлекуваат темни завеси и во другиот дел од објектот се работи се додека гостите се расположени за дружба; во добар дел од локалите, на маса за четири лица седнуваат по пет, шест гости; обврската за носење заштитни маски добар дел од граѓаните не ја почитуваат и денес, или заштитната маска ја носат под носот или некаде во некој од џебовите на јакните…важно, имаат заштитна маска; со адаптираното работно време на државните институции, јавната администрација и банките, се создава гужва и редици без соодветна социјална дистанца; принципот на отворени граници и можноста во земјата да влезат лица без здравствена контрола (без негативен тест), особено за деновите на викенд ги преполнуваат моловите и трговските центри со луѓе…сето тоа создава плодна подлога за раст на бројот на заразени лица со covid 19 и зголемена смртност, без можност да се утврди и следи кластерот на заразата.

За неспособноста на Владата и министерот за здравство да обезбедат вакцини за започнување на масовна имунизација на населението, манипулирањето на јавноста со провидни изјави и изговори, со ангажирањето на фантом фирма да посредуваат во набавката на кинеските вакцини, фрлаат сомнеж дека и во оваа екстремно тешка пандемија, некој се обидува да обезбеди личен профит. Сомнежот е отворен и потребна е сериозна транспарентна истрага со која сомневањето би се отфрлило, бидејќи никој повеќе не верува во празните зборови на премиерот Заев, кој многу пати до сега за слични работи, на јавна сцена – излажа.

Неспособноста на Владата и на Кризниот штаб да го менаџираат спроведувањето на мерките наложени од здравствените власти и владата, како и граѓанската недисциплина многу скапо ги чинеше граѓаните, што доведе до воведување на нов полициски час. Но дали полицискиот час е решението на проблемот, дали забраната за излегување од 22 до 05 часот нешто ќе промени?!

Би сакал да грешам, но не сум убеден дека без сериозни, сеопфатни мерки во сите спомнати насоки, не ќе може нешто да се смени.

Ако работите во бордел не одат, не ги менуваат креветите… барем така сум слушнал.