Воислав ЗАФИРОВСКИ

Внимателно следам што се случува со најголемиот скандал што се има случено во самостојна и независна Република Македонија – издавање македонски пасоши на белосветски криминалци со што ние како држава им обезбедуваме целосна недопирливост пред органите на прогонот во целиот свет.

Интересна рашомонијада во која без замешателство на високи функционери од власта не можела да се случи, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не ни помислува да поднесе оставка или не дај Боже, Заев да се сети да побара оставка од него – како би рекол премиерот, морално е.

Спасовски во една прилика изјави дека цели две години го истражувале случајот, а фактички излезе дека и за тој период од две години истражување, “тапкароши” делеле пасоши на меѓународни криминалци.

Тоа ми дава за право да верувам дека во МВР воопшто и немало истрага во тие две години и ми дава за право да го повикам, веќе стандардно неспособниот министер Оливер Спасовски да покаже доблест и засекогаш да си замине од МВР.

За да биде појасно, јавноста треба да знае неколку работи.

Системот за издавање на лични документи меѓусебно е поврзан и има повеќе степени на заштита. За поедноставно разбирање, за влез во системот, потребна е картица со податоци од одговорното лице, но не и само картицата со податоците, туку и негов отпечаток од показалецот.

За некој да извади пасош, неопходно е да има биометриска лична карта, која се издава врз основа на Извод од Матичната книга на родени на кој фигурира и Единствениот матичен број за граѓанинот (ЕМБГ). Кога лицето ќе се појави за фотографирање за пасош, тоа одново ги дава личните биометриски податоци и доколку системска проверка не покаже совпаѓање со тие од личната карта по сите основи, системот автоматски ќе го исфрли и нема да дозволи на тоа лице да му се изработи патна исправа – пасош.

Ако се имаат предвид само овие два механизми на заштита на системот од неовластени упади, тогаш е повеќе од јасно дека работниците што ја вршат техничката работа за издавање пасоши и да сакале, самите тоа не можеле да го направат.

Тогаш кој можел тоа да го стори? Повеќе од сигурно – никој сам и никој од пониските раководни ешалони. За да се реализира ваква операција, нужно е да има и линк меѓу Управата за матичните евиденции (во надлежност на Министерството за правда, а нивен раководител е кадар на ДУИ) и оние што ги креираат ЕМБГ (двајца службеници примени по интервенција на ДУИ).

Станува збор за организиран криминал на високи, одговорни функционери од врвот на МВР, чија позиција може да обезбеди издавање на лична карта со туѓ идентитет, а потоа истата таа позиција да може да му обезбеди непречен влез во системот за издавање патни исправи и воедно да може да го излаже системот при проверката. Тоа значи дека функционирал паралелен систем за издавање лични документи, систем, не поединец… и сигурно не за џабе!

Ова во правото е познато како „злосторничко здружување“, кое Обвинителството заради висината на казните и можноста работите да се избистрат, воопшто не го ставаат на товар на обвинетите.

Раководните позиции во МВР во управните служби ги држат кадри на, досега безгрешната и во власта претплатена, ДУИ.

Само констатирам, не алудирам на ништо.

Случајот преку Јавното обвинителство дојде до Суд. Судот експресно, по признание на вина од страна на обвинетите пресуди смешно ниски казни за ваков вид на кривични дела. Обвинителството и Судот не обзнанија зошто, по чиј налог и за колку пари го правеле тоа, ако навистина можеле токму тие тоа да го направат и никому ништо не конфискуваа.

Дали се ќе се сведе на тоа – најдовме жртвени јариња, ќе признаат вина, ќе ги осудат на ниски казни, кои заради добро владение, со пресметано време поминато во притвор по кусо време или ќе бидат условно пуштени од затвор или ќе бидат помилувани, а ако е истата гарнитура на власт, нема да ги загубат ни работните места?! Главните виновници и натаму ќе го товараат сопствениот брод со нечисти пари. Се добива впечаток дека никој, буквално никој, ниту Обвинителството, ниту Судот немаат интерес подлабоко да навлезат во трагањето по виновниците за овој мега скандал, а имаат уставна и законска обврска тоа до крај да го спроведат.

Дека нема правда, дека не функционира правната држава кај нас, дека Советот на јавни обвинители и Републичкиот судски совет дури ни формално не се третата власт, туку алатка во рацете на едната и единствена – извршна власт кај нас, е повеќе од јасно.

Со вака поставен систем, без разлика дали е наследен (како сака власта да прикаже) или ново креиран, системот сериозно ја загрозува слободата на граѓаните, онаа слобода која формално ја гарантира Уставот и законите на Македонија.

Политичка перверзија е носење на етички кодекс од страна на Владата, кога таа иста Влада некоректно се однесува кон граѓаните и нивното право да знаат, да бидат информирани и за теми кои не одат во прилог на власта, кога на секаков начин властите газат и го гушат правото на слобода и на правда.

Имаме политичари без доблест и без чувство на лична одговорност. Сетете се на експлицитниот начин на кој Заев ги бранеше екс градоначалникот на Ново Село, Дудуш, Димова, Јанева, Рашковски… како лажеше за случајот Монструм и за што уште не?!

Што ни преостанува нам, на обичните смртници, ако нема правда – нема мир!

Заев едно време велеше дека “граѓаните сами ќе ја земат правдата во свои раце”. Се надевам тоа нема да се случи, но за овој најголем скандал во независна Македонија, ако некој има совест, ако некој знае какви последици се предизвикани во регионални и светски рамки, ако некој некогаш некаде прочитал што значи поимот одговорност, треба засекогаш да си заминат од МВР, од владата, од Обвинителството и од судот, за нивно добро, а најмногу за доброто на граѓаните… само се сомневам дека денес имаме ликови во политиката со таква доблест.