Воислав ЗАФИРОВСКИ

Уставот на Македонија дава гаранции за пристап до секое работно место под еднакви услови за сите граѓани. Исто така, стручноста и компетентноста се афирмираат како уставни критериуми за напредување во кариерата. Ќе се согласите, совршено решение.

Како стојат работите во имплементацијата на овие уставни одредби, особено во државната и јавна администрација, терен каде што државата е неприкосновена во правата, обврските и одговорноста за спроведување на Уставот и законите?

Македонија во време на осамостојувањето имаше некаде околу 60.000 вработени во државната и јавната администрација, но не смее да се заборави дека тоа беше време во кое најголем број евиденции и бази на податоци се водеа рачно.

Денес, таа администрација од тогаш е зголемена за околу 130 отсто или изразено во бројки, имаме 140.000 административни работници! Ќе признаете, импресивна бројка!

Меѓутоа, за разлика од пред 30 години, денес речиси и нема евиденција или бази на податоци кои рачно се водат.
Во вакви околности, се прашувам дали бројот на населението во Македонија од осамостојувањето до денес се зголеми за 130 отсто па од тука потребата за толкава администрација?!

Сепак, вистинското прашање кое ме мачи е дали Уставот е законот над законите во Македонија или пак, тоа се договорите меѓу неколкумина елитни претставници на парламентарните партии, изнедрени… не, не велам под притисок, туку со посредство на некакви дипломатски претставници на кои Македонија најчесто им претставува дипломатска вежбанка за премин на некое наредно повисоко ниво.

Така се случи, спротивно на Уставот и надвор од правосудниот систем на државата да добиеме екстремно скапо СЈО; некаква си техничка влада во која министрите и замениците се натпреваруваат кој кому повеќе кривични пријави да му поднесе и што уште не; од нигде никаде, се воведе и некој балансер во администрацијата, механизам што кажува кое работно место во администрацијата, со чиј партиски кадар ќе биде пополнето… а партиските шефови го соопштуваат името на среќникот. Праксата вели дека доколку среќникот не го помине тестот или партискиот шеф не стигне да го каже името на среќникот, огласот за вработување се поништува и тоа не од шефовите, туку се инволвираат, се токсицираат државни службеници и Агенцијата за администрација.

Сепак, ова не е најстрашното.

Најстрашното е што 1 339 фантоми со години наназад се вработени во администрацијата, земаат полна плата, имаат здравствено и пензиско осигурување, работниот стаж со секој нареден ден дополнително им се билда, а замислете – не доаѓаат на работа! Седат дома, работат некој приватен бизнис или пак се некаде во странство на привремена работа.

Простете, но јас не знам друга држава во светот во која има ваков пример, ако грешам, просветлете ме.

Каде се тука прокламираните Уставни принципи За достапност до секое работно место под еднакви услови?! Каде се прокламираните принципи на стручност и компетентност?!

Очигледно Уставот го прескокнува кој како стигне и кој како сака.

Сега извесен лик од извесна жолта соба, после толку многу години, се појавува со план, конечно тие 1 339 фантоми да се распоредат на конкретни работни места.

Замислете, некој работи посветено во одредена институција пет години како државен службеник и некој од нигде-никаде се појавува на работно место од ист ранг и со иста плата. Во меѓувреме се распишува оглас за повисоко работно место во администрацијата. Ќе аплицираат обајцата, но новајлијата во апликацијата ќе прикаже подолг работен стаж. Нема врска дали го стекнал седејќи дома, продавајќи на пазар или местејќи гипс картон во Швицарска… а ќе ја добие поддршката и од балансерот и тој ќе му биде шеф на тој што секојдневно, посветено, стручно и компетентно си ги вршел работите.

Епилогот ќе биде демотивација на сите кои вредно и посветено работат, а дополнително ќе има потреба од нови вработувања, бидејќи граѓаните бараат ефикасна администрација.

Исто така, немам одговор, зошто во еден ден, кога закажав фотографирање за лична карта, пасош и возачка дозвола, мораше три пати да ме фотографираат, да ми земаат отпечаток од прст и од дланка, белки не отидов на фото сесија, бев да поднесам барање за лична карта, пасош и возачка дозвола! Колку што мене ми е познато, тие бази на податоци ги има една иста институција – Министерството за внатрешни работи. Навистина немам објаснување за едно вакво малтретирање. Ќе кажат, во прашање е софтверот…дали?!

Во прашање се бирократите што боледуваат од желба да се множат и да шефуваат!

Софтверот се надградува, но не и менталната матрица.

Патем, поаѓајќи од принципите во политиката, недопустливо е еден премиер да прифати кадри за министри на кои прво вработување во државната администрација им е министерската позиција – министерот Шаќири во МИОА, а има и други кој веќе набија стаж како министри во претходните мандати.

По колку административци ќе седат на грбот на еден вработен во реалниот сектор?! И впрочем, по кој основ толку години толкав број луѓе ни седеле на врат, ги користеле сите бенефити од работен однос, а за ништо не споделувале некаква одговорност?! Има ли некој нормален што може да одговори на ова прашање?! И во тој контекст, кои се мудреците што дозволиле вакво флагрантно кршење на Уставот и прокламираните уставни принципи, та нели правото важи подеднакво за сите?!

Сево ова е лакрдија за која некој ќе мора да понесе сериозна одговорност, затоа што на тој начин, политикантите ги избркаа младите стручни кадри, кои надвор градат успешни кариери.

Како и кога ќе ги вратиме нашите млади стручни кадри од јабана во Македонија со вакви промашени политики, со вакво игнорирање на стручноста и компетентноста…вака никогаш и ќе се постави прашањето, кој ќе е тој што ќе остане последен, барем да го угаси светлото или како вели еден мој пријател Албанец – дали ќе остане некој да не погребе?!