Воислав ЗАФИРОВСКИ
Сведоци сме на бројни коментари од јавноста, а особено од полтичките партии во врска со бекството на Блерим Рамадани, а некои побрзаа да побараат и оставка од министерот за внатрешни работи.
Да го анализираме случајот од стручен аспект, низ неговата хронологија.
Полицијата ја заврши својата работа оној момент, кога постапувајќи по меѓународна потерница распишана од страна на Интерпол на МВР на Србија, го лиши од слобода и го предаде на надлежните судски органи Блерим Рамадани, некогашен терорист, припадник на озлогласената УЧК, осомничен за воени злосторства врз цивилно население.
Судот, по преземањето на случајот на Рамадани, постапи на единствено можниот начин – определи мерка притвор.
Добро е да се знае дека лицата кои чекаат екстрадиција се странски државјани (по ниту еден основ не може да бидат македонски државјани, бидејќи сите држави ги штитат своите граѓани и ниту една држава не екстрадира свои државјани на туѓа држава).
Министерството за правда си ја започнува процедурата за екстрадиција на Рамадани, следи преписка со соодветното министерство на Република Србија, барање на докази за злоделата кои му се ставаат на товар, нивна оценка од нашите правни експерти… процедурата тече.
До тука е се во ред. Работите тргаат надоле тогаш кога судијата Пајазит Пајазити, по барање на одбраната на Рамадани, носи Решение, со кое тој од затворот во Шутка, каде се спроведува притворот, ја укинува мерката и одредува нова мерка – домашен притвор?!
Не е возможно, судија да не знае дека екстрадицискиот притвор, согласно меѓународното право нема и не може да се чека одлуката на македонските власти за екстрадиција во домашен притвор.
Во случајот и не станува збор за домашен притвор, туку за притвор во гости кај негов роднина во Чаир, а во Решението нема ниту збор за обемот на полицискиот надзор и за неговото обезбедување, што според словото на законот, треба да е содржано во судското Решение.
За жал, реакција имаше единствено од слободоумната јавност која на социјалните мрежи соодветно реагираше, а поединци, меѓу кои и мојата маленкост, прокоментираа дека таквото решение на судијата Пајазити е првиот чекор кон бегство на Рамадани од Република Македонија.
И навистина, не чекавме долго, Рамадани си замина од гостинскиот притвор откако се испоздрави со своите роднини во Чаир, а во Косово, осомничениот за воени злосторства брз цивилно население, беше пречекан како херој.
После заминувањето на Рамадани од Македонија повторно се вжештија социјалните мрежи со разно разни коментари, во кои се бараше одговорност за очигледниот циркус.
Дури тогаш во јавноста беше обелоденето името на судијата Пајазити за кој стои сериозно сомневање, дека сам и самостојно не го донел решението.
Откако успешно се заврши работата, Републичкиот судски совет се охрабри да го испитува случајот, кој веќе воопшто и не е случај за истражување. Што ќе истражуваат, што ќе заклучат, или на идентичен начин ќе го затворат истражувањето како во случајот со судиите Енвер Беџети и Лирије Елези, кои до застарување, во фиока го држеа предметот за Мијалков, за што поминаа со казна од 20% задршка на плата во траење од шест месеци. Страшно!
Верувам свежи се сеќавањата на реакциите на истата засмрдена бирократија удобно сместена во фотељите на Републичкиот судски совет и во Советот на јавни обвинители, кога полицијата ја откри аферата на земање поткуп и тргување со влијание, во кои беа вклучени врховниот судија Наќе Георгиев (чиј професионален живот и животот на сето негово семејство му се во правосудниот систем) и потпретседателот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кој патем речено беше народен правобранител и министер за правда. Тие од петни жили настојуваа да ја релативизираат аферата, повикувајќи се на презумцијата на невиност, дури бараа за неа да не се пишува, да не се изнесуваат детали и се до нивното бессрамно спогодување со обвинителот, тие официјално беа дел од институциите во кои работеа.
Кога веќе од морални причини не извршија самоубиство, тие се спогодија со обвинителот, а судот побрза да ја прифати спогодбата и на Георгиев му ја потврди затворската казна во траење од три години, а на Меџити му изрече една година затвор условно.
Да стануваше збор за некои багателни криминалци, казните сигурно ќе беа повисоки, но овие криминалци не се било кои, а и делото за кое земале поткуп, не може да го изврши било кој, туку само лица што имаат моќ да влијаат во одредувањето на судбините на луѓето.
Со еден збор, тие се тие што ја продаваат правдата, а правдата во Македонија беше на распродажба со децении и достапна само за оние што може да си ја купат. Токму од тие причини, кога веќе не извршија самоубиство од етички мотиви, дали изречените казни соодветствуваат на актуелните 2% во правосудниот систем?!
Има уште многу за пишување, но редно е да завршам со заклучокот дека колку побргу се распуштат Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, колку побргу започне длабокото орање во правосудниот систем, толку побргу ќе исчезне реата на корумпирано и партизирано судство, толку побргу ќе се создаде амбиент во кој нормално ќе се дише, а правдада ќе биде достапна за сите, не само за оние што си ја купуваат и оние што си ја наплатуваат.
Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, сеуште се ретроградните алатки во рацете на рецидивите од минатото, алатки кои продуцираат непотизам, афирмираат нестручност, одбиваат да загребат во суштината на проблемите во правосудниот систем, а си живеат конфорен живот, додека на граѓаните правдата им се лизга од раце, се чувствуваат обесправени, понижени и остануваат без пари.
Членовите на двата совети за себе сигурно имаат високо професионално мислење, но тоа што го рават и тоа што не го чинат, за жал, многу, ама навистина многу зборува за отсуство на професионален и човечки капацитет.