Воислав ЗАФИРОВСКИ

После цели 23 години, слободно може да кажеме дека Охридскиот рамковен договор ја одигра својата улога и ги постигна целите заради кои беше донесен.
Најзначајното постигнување на Охридскиот рамковен договор беше отрезнувањето – дека нема и не може да има воена разрешница на натрупаните општествени проблеми; дека проблемите треба да се решаваат со дијалог, во рамките на демократските институции на државата, со чесни намери и искрена желба да се изнајдат заеднички прифатливи решенија и конечно, ја апострофира неопходноста од реформи на вкупниот општествен, политички и економски систем, не затоа што тоа некој друг од нас го бара, туку заради нас самите и перспективите на демократскиот развој на земјата.

Во Собранието на Република Македонија беа донесени амандмани и тој стана дел од Уставот на земјата. Од тогаш не ни треба да се говори за Охридскиот рамковен договор, едноставно тој е дел од Уставот на Република Македонија, така што ступидно звучат прашањата и коментарите колку и до каде е имплементиран. Таквите коментари го ставаат тој договор над Уставот на Република Македонија, а суштински, тој е дел од него.

Ако има проблеми околу имплементацијата на уставните одредби кои произлегуваат од тој договор, тогаш имаме проблем и сет нерешени прашања што се однесуваат на почитувањето на Уставот. Секое нагласување и повикување на Охридскиот рамковен договор, неосновано го издига над Уставот, а во нормативната правна хиерархија во Република Македонија тој е инкорпориран дел од врховниот правен акт во државата – нејзиниот Устав.

Токму од овие причини, апел до оние што се декларираат како политичари, најнапред да ја научат нормативната хиерархија во Република Македонија и кога дискутираат за нерешени или отворени прашања, да користат и соодветна терминологија, а пред се да знаат дека Уставот е самиот врв во таа хиерархија.

Од тука, срамно е некој да бара со олеснувачи или посредници од надвор да се води дебата за имплементацијата на Уставот на Република Македонија, што е основна задача пред се на законодавната и извршната власт. Тоа само по себе говори за нискиот, наследен демократскиот капацитет на институциите во државата, без разлика на причините заради кои Уставните одредби се или не се имплементирани во постконфликтните процеси во земјата.

Исто така, секој разумен човек знае дека Уставот треба да важи за сите подеднакво и тоа како интегрален правен акт, не само сепаратни делови од него, а тие што се повикуваат на делот од Уставот кој ги содржи одредбите од Охридскиот договор, во нивните настапи најмногу боде очи присутната иконографија, која без исклучок е без ниту еден симбол на државата од која се бара негово имплементирање. Некои или не знаат или забораваат дека во секоја организирана заедница постојат права кои произлегуваат од исполнетите обврски и споделените одговорности во заедницата. Знамето на државата Македонија е симбол на сите граѓани, не само на Македонскиот народ, туку на сите национални заедници кои живеат во неа.

Редно е сите заедници во Македонија да покажат должна почит кон симболот што не обединува, бидејќи тоа значи подготвеност за соживот, тоа значи практичен чекор кон заедништвото. Додека се некој мафта со знамиња на туѓи држави низ Македонија, граѓаните, оние лојалните, не се чувствуваат ниту пријатно, ниту безбедно, тие се фрустрираат од безобразлукот и примитивизмот на оние што не ја почитуваат државата во која живеат, а од неа бараат и бараат и бараат…

Каде се тука институциите на правната држава, има закон, од него произлегуваат права, но и обврски, зошто да се фрустрираат лојалните граѓани, не гледајќи ниту симбол ниту знаме на Република Македонија, туку во секој нивни настап гледаат само и исклучиво симболи и знамиња на туѓи држави и слушаат закани по стабилноста на сопствената држава, во државата во која живеат.

Се добива впечаток дека Република Македонија презела обврски кон друга држава, а не кон сопствените граѓани, без разлика на која етничка заедница припаѓаат.

Во таа смисла, Уставот нужно нуди шанса на секој граѓанин во државата, но под еднакви услови, каде што предноста ќе ја имаат стручните, компетентните и професионално посветените. Да, во Република Македонија е познат принципот на позитивна дискриминација, но тоа треба да биде исклучок, а не правило, особено не кога се во прашање работни места, позиции или функции за кои се бара висок степен на стручност, компетентност, интегритет, професионален однос и посветеност, позиции од чии одлуки зависат сериозни процеси во државата, зависи иднината, зависат многу човечки судбини. Тие позиции треба да ги добијат најдобрите кадри, луѓе со интегритет, без разлика на нивната национална, верска, полова и партиска припадност и без разлика на нивниот социјален статус. Затоа балансерот во оваа фаза од развојот на општествените односи претставува дискриминирачка алатка која го кочи јакнењето на институционалните капацитети на државата.

Лично немам ништо против тоа претседател на државата, на Владата, на Собранието, ако сакате сите тројца да бидат припадници на која било етничка заедница во земјава, но се што ќе работат, да го чинат за просперитетот на Република Македонија и нејзините граѓани, под нејзиното знаме, симболи и интереси, а не да се кријат и мотивираат зад симболите на својот етникум и да ги фаворизираат интересите само на својата заедница.

Каде не води таквиот латентно спакуван национализам, сигурно не меѓу просперитетните демократски земји. Актуелната иконографија на одредени политички партии не затвора во племенски сојузи, без перспектива за развој, со перспектива за некаков не дај боже нов судир.

За крај, само уште нешто, станува збор за процеси, не за нешто што се решава со административни решенија. Тие процеси бараат правна рамка, креирање општествена клима, амбиент и свест, гаранции за успех и одржливост на тие процеси. Одговорноста за сето тоа, несомнено е во законодавната и извршната, но и во судската власт.

Треба итно да се престане со практиката наследена од претходната власт, штанцање закони во скратена постапка, без анализа за потребата од нив, без проверка на нивната компатибилност со етаблираниот правен систем, без јавна дебата, особено на стручната јавност, како што треба да се престане и со менувањето на постојните законски решенија без да им се даде шанса низ практиката да бидат проверени.

На Македонија и е преку глава од четворките кои надвор од институционалниот поредок неможат да се усогласат по мноштво прашања од национален интерес и функционираат како рогови во вреќа, доста е од емисарите од надвор кои доаѓаат со нови и нови, досега невидени барања кои треба да ги реализираме на сопствена штета, а со себе редовно носат и полни торби бесрамни, лажни ветувања.

Ние сме држава со народ кој простува во духот на долговековните традиции, но никогаш, ама баш никогаш не заборава, ниту добро, ниту зло.
Република Македонија е унитарна држава, со граѓански концепт на својот Устав, со закони кои ги даваат и гарантираат човековите слободи и права на секој нејзин граѓанин, но очигледна е институционалната неспособност соодветно да се споделат правата, обврските и одговорностите за демократскиот развој и почитување на правата честа и достоинството на различните етнички заедници во државата.

Затоа не смее да се заборави на правната нормативна хиерархија на Уставот, чие почитување е почетната буква и основата во сферата на владеењето на правото подеднакво за сите.