Воислав Зафировски
Многу чудна, да не кажам параноична изјава на консензуалниот ни претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој не се сомнева, туку знае дека откако е претседателски кандидат јавно е следен од тајна полиција од држава блиска на опозицијата, а крунски доказ за тоа биле неколку фотографии кои биле објавени на социјалните мрежи. Дури имавме можност да прочитаме дека својот сомнеж, претседателскиот кандидат го пријавил во полиција?!
Како човек кој работел во МВР, господинот Пендаровски би требало да знае и да му биде јасно дека живееме во време на технолошка револуција во сите сфери на општественото, економското и политичкото живеење; треба да знае дека методите на следење се многу пософистицирани од оние за кои слушал од неговите пријатели што застанале во просторот и времето од осумдесетите и деведесетите години на минатиот век; исто како што треба да знае дека тајната полиција никогаш не била транспарентна, особено не во услови на постоење софистицирани техники за следење на движењето, задржувањата, преку слушањето на обични, ординарни разговори со луѓе, се до следење на системите за електронска комуникација. Во оваа смисла, имајќи ги предвид законските надлежности на полицијата, а особено нејзините капацитети, се сомневам дека би можеле некако да му помогнат за да го отстрани сопствениот страв дека некој ќе му ја повреди приватноста. Едноставно тој станува таргет на интерес во јавноста, или ќе научи со тоа да живее или ќе живее со фрустрациите што може да ги има доколку во јавноста протече каква и да е пикантерија од неговиот приватен живот како граѓанин, како човек.
Тоа не е ништо ново, јавните личности од секогаш биле предмет на интерес на граѓаните, секогаш се барала информација повеќе за нив, па дури и некаква пикантерија што се однесува на приватниот живот на граѓанинот скоцкан во јавен лик.
Партиите на власт од секогаш, без разлика за која станува збор, не штеделе кога биле во прашање “пикантни” информации, снимки или фотографии од животот на јавните личности за што имаме бројни примери. Многу фотографии, снимки, коментари имало за многу јавни личности, сите тие пикантерии се собирани од некои луѓе со сомнителни морални вредности, од некои ниско буџетни ликови со криминални стремежи, кои после не успешните обиди за уцени, плукајќи се обидуваат да искамчат некој денар од некој/и што се за уште поголем презир од самите нив и ним да им го продадат тој материјал. Тие ликови во принцип се примитивни и провидни, некогаш се случувало да добијат и по уши од некого, но тоа е цената на нивната ступидност.
Пендаровски за недела дена станал интересен за странски разузнувачки служби па така транспарентно го следат и засегаат во неговата приватност?!
Неверојатно, исто колку што е неверојатно лично Пендаровски да ги открие тие што “го следат” со намера да му го срушат угледот и да му го нарушат убавиот му имиџ. Зарем не е чудно, како што самиот изјави, не знаел дека неговиот телефон бил следен од претходниот режим (ако имало претходен има и сегашен) цели четири години. Сега наеднаш се јавува накоја тајна служба која десетина дена јавно го следи, а тој веднаш ги открил и знае дека се тајна полиција на странска држава која е блиска на опозицијата?!
Ваквите конструкции, ваквите методи беа пракса, а очигледно остануваат да бидат и денес, а се од времето на едноумието, кога во партиските кулоари, кога требаше да се оцрни и елиминира некоја стаменита личност, самите си измислуваа домашни и странски непријателски реакционерни структури кои сакаа да нанесат ненадоместива штета на самоуправниот социјалистички општествен систем на земјата и на нејзините највисоки раководители. На тој начин сакајќи да си ја дигнат цената во јавноста, се жигосуваа не должни луѓе, се уништуваа нечии кариери, на нивните семејства им ги дефинираа судбините и на поколенијата што доаѓаа после нив.
Не велам и не тврдам дека станува збор за примена на метод со таква или слична цел, но сомнежот е отворен, особено ако се има предвид уставната позиција на претседателот на државата и неговите надлежности. Многу повеќе би верувал со таква изјава да излезеше Заев, токму поаѓајќи од фактот дека во моментов тој ја има целокупната суверена моќ во државата. Бевме сведоци на глупавите измислици со жолтите комбиња на Груевски, но се виде на што излезе сето тоа.
Со ваква смешна изјава сега излегува Пендаровски кој сигурно ја знае уставната позиција и надлежностите на претседателот на државата, а ги знае капацитетите и надлежностите на нашата полиција. Од тука многу повеќе ми е параноично отколку реално и лично не гледам ниту една причина, ниту еден аргумент зошто некоја странска тајна полиција, јавно би се занимавала со неговиот лик и дело, би засегала во неговата приватност и би се обидела да му наштети во претседателската трка?! Не ја исклучувам можноста некои притаени ликови со сомнителни морални вредности да се обидуваат да ископаат црно од под ноктите на господинот Пендаровски, но тајна полиција на странска служба е малку повеќе од претерување и себе преценување.
За крај, на времето како млади асистенти на Факултетот за безбедност имавме еден колега кој кога доаѓаше наутро, вообичаено ќе се поздравевме и онака ординарно ќе го прашавме како е. Ќе одговореше, добар сум, а зошто прашувате?! Ќе се погледневме и со доза на чудење, на шега знаевме да кажеме, па онака, некако си блед денес. Ќе оставеше се во канцеларија и бргу ќе отидеше во тоалет пред огледало се гледаше и штипкаше за да добие боја на лицето, да се врати и да праша дали ни изгледа подобро.
Токму констатацијата на претседателскиот ни консензуален кандидат дека јавно е следен од тајна полиција на странска служба, ме врати назад во времето кога живеевме во еден друг едноумен систем, но ме потсети и на мојот почитуван колега кого секое утро го чекавме да го прашаме како се чувствува.