Воислав ЗАФИРОВСКИ

Сведоци сме на исклучително високи летни температури, велат афрички топол бран, нешто што се случувало и во минатите години, но не вака.
Тоа што секоја година е вака се пожарите во овој период од годината, пожари кои го проголтуваат шумското богатство на Република Македонија, кое не е само дрво, тоа се живи организми кои продуцираат кислород, кои ја заштитуваат животната средина од аеро загадувања, од ерозија, од осиромашување на почвата и конечно од поројните непредвидливи поплави што умеат да предизвикаат сериозна материјална штета и загуба на човечки животи. Исто така, пожарите се опасност и за останатиот животински свет во шумите, што може сериозно да го наруши биолошкиот диверзитет.

Пламената стихија, за разлика од претходните години, деновиве направи вистински пустпш, со загубен човечки живот, опожарени куќи, придружни простории, автомобили, изгорени илјадници хектари шуми, штета која никој реално не може да ја утврди, а камо ли за догледно време да ја надомести.

Овој пат како никогаш до сега државата целосно потфрли. Се покажа на виделина неефикасноста на институциите, лошо водената кадровска политика, негрижата за опремата и капацитетите за противпожарна заштита, отсуството на стандардни оперативни постапки и процедури и отсуство на ефективна координација. Ако во целата оваа приказна може да издвоиме што е позитивно, тоа се нашите херои, храбри, одважни луѓе вработени во ТППЕ кои за жал работат за плата која Шилегов ја пие за неколку дена, а изразена во цената на два литра дванаесет години стар виски – Чивас.

Не го спомнувам Шилегов случајно, не, напротив, тој беше ликот што ги советуваше пожарникарите ако им е мала платата да си бараат друга работа, наместо како градоначалник на Скопје и претседател на ЗЕЛС да покрене иницијатива за подобрување на нивниот социјално економски статус.

Покрај пожарникарите, за секоја пофалба е и солидарноста и пожртвуваноста на месното население кое не штедејќи се се стави на располагање на пожарникарите.

Во справувањето со огнената стихија први на помош стигнаа пожарникари и хелихоптерски екипи од Србија, а потоа од Словенија, Австрија, Бугарија и Романија.

Помошта на единиците од надвор нема цена, но тоа што е уште позначајно, е фактот дека од нивното присуство во Македонија треба да извлечеме неколку поуки.

Првата поука е дека функционирањето на државата има своја цена која мора да се плати, во спротивно државата ќе ја немаме.
Втората поука е дека богатите земји плаќаат далеку пониска цена за своето егзистирање, затоа што имаат функционален систем и институции со професионално лидерство, со служби опремени со најсовремена опрема по стандарди кои ги наложуваат потребите. За разлика од нив, државите без функционални институции, без етаблиран одржлив систем, без лидерство и со партиски рогови во вреќа ставени на високи позиции, за истите тие цели плаќаат многу, многу повисока цена.

Третата поука е дека професионалноста не може да се замене со партизација; дека опремата секогаш мора да се одржува во ефективна работна кондиција, што подразбира и редовно сервисирање на канадерите со кои располага Македонија; дека не смее да се дозволи надвор од стандардите во ТППЕ да недостигаат 500 пожарникари, а во министерството за политички систем покрај оние 1000 вработени фантоми кои не се појавиле на работа, а земаат плата, им тече пензиско, социјално и здравствено осигурување, сега да се распишува нов конкурс за неработници.

Овие лекции мора да се научат, како што и премиерот Заев треба да има доблест јавно да се извини на македонската јавност за користење на годишен одмор, во време кога Републиката е во пламен, па макар тоа биле три или четири дена и да се повлече од политичката сцена. Едноставно, ниту една држава, макар тоа била и најлошата, не заслужува такво неодговорно лидерство.
А што да се каже за директорот на ЦУК, Ангелов кој по клипови на социјалните мрежи се гледа облечен како за на излет, како со борова гранка, само не знам дали гасне или распалува оган и довикува на пожарникарот од неговата лева страна “ај дојди може тука да го пресечеме”. Тешко дека овој лик има капацитет нешто ново да научи.

Инаку експертите од противпожарната заштита имаа можност практично да видат што значи добра организација и координација на терен. Австријците, веднаш по доаѓањето до загрозените подрачја, првото прашање било кој е одговорен тука, кој е лидерот, кој е координаторот, но останале без јасен одговор?! Веднаш подигнаа оперативно координативен центар; поставија GP системи за тековен мониторинг и следење на пожарите, а преку радио врска ги координираа своите екипи. За опремата што ја донесоа и да не коментираме, доволна е изјавата на еден од присутните – “ова за нас е културолошки шок, оваа екипа има повеќе противпожарни црева од сите ТППЕ во Македонија, најсовремена опрема за заштита на пожарникарите и најсовремена опрема за самостојно гасење на опожарени места, овие се 200 години пред нас”.

Странските противпожарни екипи, штом се справиме со пожарите, ќе се вратат во своите матични држави. Можете ли да претпоставите што ќе пренесат таму, каква држава сме ние, сакаме во ЕУ, а сме застанати во времето и просторот во раните седумдесети години од минатиот век?

Едно прашање со години е неодговорено, а тоа зошто шумите горат во јули и август, а не во мај кога најголем број граѓани масовно одат на излети и палат оган на отворено?!

Одговорот се крие во човечкиот фактор, кој почнува со бесправната сеча и крадење на огревно дрво, поврзани во затворен систем во кој се вклучени шумската полиција, полицијата, како и правни лица – приватни пилани и стоваришта за огревно дрво.

Сите се меѓусебно поврзани и системот беспрекорно функционира, од информирање за тоа кој дел од шумата нема да биде покриен со шумска полиција, до повлекување на полициските патроли од шумските патишта преку кои се транспортира краденото дрво или дел од колачот се дава на полициските патроли, се до пласманот на тие дрва по цени кои се пониски од тие кои се нудат на легалниот пазар.

Со подметнување на пожарите се покриваат и правдаат диво сечените кории, а потоа се обезбедува багателен откуп од правни лица на опожарените стебла.

Ќар до грло за инволвираните во системот во кој има и раководни лица, за кои се шпекулира дека од еден камион украдени дрва земаат од 50 до 100 евра, а дневно, според инсајдерски информаци, поминуваат меѓу 10 и 20 камиони само од едно подрачје.

Неверојатно е полицијата ова да не го знае, го знае, но заради интересот на некои повисоки старешини, инсајдерите од шумската полиција и од полицијата обично не зборуваат или со страв ги кажуваат состојбите стравувајќи за својата работа, за сопствената егзистенција, за егзистенцијата на нивните семејства.

Затоа многу несериозно звучат официјалните изјави на званичниците и нивните сомнежи дека дел од пожарите се подметнати…не дел, туку сите се подметнати.

Во оваа работа системот систематски е граден со години наназад, така што денес тој е етаблиран и функционира по сите линии, а званичниците се прават недоветни или стварно не го разбираат проблемот и тежината на црните, горени неоданочени пари, украдени од трезорот граден за сегашните и идните генерации.

До сега нема никакава анализа за тоа кои се фирми се јавуваат за откуп на опожарените стебла, а тоа може да биде добар индикатор, бидејќи надлежните сега ги фаќаат само оние пиромани што се надвор од етаблираниот систем.

Република Македонија е една од ретките земји која покрена иницијатива за пошумување на голините, два пати во годината имавме ден на дрвото, при што се засадуваат милиони садници…но до денес не сум слушнал податок за тоа колку од тие садници се зафатени, колкави површини реално се под млад насад од тие садници, а сакам да знам.
За жал, оваа благородна акција актуелнава влада ја укина, а не најде нов начин Македонија да се пошумува и обновувашумскиот фонд.

За крај на оваа колумна, сосема сум согласен и го поддржувам предлогот на еден од моите соговорници, на подметнувачите на пожарите, како и сите кои се инволвирани во системот на правење црни – горени пари, треба да се направат измени во Кривичниот законик и да се предвидат казна затвор онолку години колку што е потребно да се подигне нова шума до староста на опожарената.