Воисилав Зафировски

 

Често се прашувам што толку лошо ја снајде оваа наша напатена држава, кое зло од кое е поголемо, та нема крај на поделбите, нема крај на одработувањето за нечии други “повисоки” интереси, понижувајќи и потценувајќи ја мудроста, трпеливоста и интелигенцијата на Македонскиот народ – да нема забуна, се мисли на граѓаните на Република Северна Македонија, но и на Македонците на југ од тој север, како и оние страдалници кои живеат подобро од народецот ни во границите, а се упатиле од тука во потрага по сопствената среќа ширум Европа, Австралија и Америка.

ММЕ кој прв почна… но се чини во нашиов случај нема прв, низата е долга и крај нема, колку и подалеку, колку и подлабоко да одите, разбирате дека ова прашање е бунар без дно, без некој конкретен што прв почнал. Се добива впечаток дека менталниот код ни е таков, но со векови наваму надградуван до степен на совршенство… затоа и не треба да се прашуваме зошто и покрај нашата посебност, која е бележана низ пописите на Отоманската империја, белешките и написите во медиумите на многу европски и американски новинари од деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век, Илинденското востание и Крушевскиот манифест, се до Македонскиот абецедар од 1925 година издаден во Грција, ние Македонците од народите на Балканот последни сме создале сопствена држава!?

Сега не е прашање дали, туку е прашање на време кога оваа наша држава, ако се продолжи во ист стил на работа, ќе почне да пука по шавовите од внатре. Причините се многубројни, од инволвираност на власта во непотизам, корупција, организиран криминал, нефункционално судство и селективна правда, нефункционирање на правото, се до потчинетоста на законодавната на извршната власт и игнорирањето на волјата на граѓаните изразена на најдемократски начин, преку референдум. Следната крупна причина во низата е сонцегледноста на ДУИ. Имено, ним им е добро и со ВМРО и со СДСМ, но не е во тоа проблемот, тој лежи во нивната сонцегледост кон Албанија и Косово, инсистирањето на цели со кои сериозно се удара врз унитарноста на Републиката, а како тргнало, следниот потег на шаховската табла ќе биде констатирање на фактичката состојба и федерализација на државата. Впрочем, двојазичност на униформите на полицијата и армијата, на банкнотите, се белези на федерална или кантонална заедница, не на унитарна држава. Многумина ќе кажат дека таквата состојба ни ја наметна големиот ни брат, да тој ја наметна, но некои во законодавниот дом, кршејќи го преклузивниот рок за носење на таков закон, спротивно на Уставот на Република Македонија, на мускули го изгласаа и без потпис од претседателот на државата, истиот беше објавен во Службен весник.

Инаку, учеството на ДУИ во власта која (власта) на долг период меѓу граѓаните е препознатлива како корумпирана и криминогена, и’ овозможува на исто толкав период да остане заштитена од правдата и владеењето на правото и покрај тоа што јавноста гласно говори за непотизам, местени тендери, бркање на непожелни инвеститори, без основ фаворизирање на свои блиски преку вработувања и доделување на буџетски средства… дури и СЈО, од кое граѓаните многу очекуваа, а малку добија, остана немо кога се во прашање функционерите на оваа сонцегледова партија.

Сепак, најсериозниот проблем е што македонските политички субјекти функционираат како рогови во вреќа. По цели 27 години независност, политичките субјекти не успеаја да се договорат кои се националните приоритети, кои се македонските црвени линии (по сите прашања) околу кои нема ниту пазарење, ниту отстапки, не зависно од тоа која партија ќе биде на власт, која во опозиција. Отсуствуваат генерални стратешки политики во сите области. Се говори за реформи, а не видовме ниту една сериозна стратегија за сериозни реформи во вкупниот општествен, економски и политички систем, а почнувајќи од премиерот до равноправните му во владата се колнат во реформи. Се добива впечаток дека внатрешната поделба никогаш не била поголема, ниту пак на повидок има нешто што би наликувало на помирување. Верувам нема простор за коментар за донесениот “закон за помирување”, или подобро кажано закон за селективна правда, со кој едни од клучните виновници за настаните од „27. април“ се амнестираа за сметка на нивен глас “за” промена на Уставот на Република Македонија. Лукративноста на ваквите игри не може да се сокрие, напротив многу се провидни – виновниците и неколкумина над кои стојат сериозни обвиненија за коруптивни дела беа ослободени од каква било одговорност, брат му на Мукоски доби и тендер тежок еден милион евра; на Димов Собранието не му го одзема имунитетот и покрај тоа што надлежната комисија предложи да му се одземе; Александрова си вработи своја најблиска во државната ЕЛЕМ итн. итн.

Вината за тоа е во политичките елити, особено во оние кои се на власт, во нивната исклучивост, самобендисаност, вазалскиот однос кон големиот брат и отсуство на сенс за потребите и интересите на граѓаните. Едноставно кај нив отсуствува политичка воља за владеење на правото и справувањето со корупцијата и организираниот криминал, ќе повторам, особено кога се на власт, бидејќи тогаш и тие се можеби и клучната алка во криминалната верига.

ММЕ кој прв почна.

За крај една банална случка. На времето имав пудла, на возраст од три години. Тогаш земав и мало двомесечно ротфајлерче. Бргу се зближија и се заиграа. Меѓутоа кога им ставив во еден поголем сад да јадат, ротфајлерчето прво се намести за јадење. На тоа доби лекција по убаво однесување, така што веднаш избега и се сокри зад троседот. Дури откако пудлата се најаде, со свиткана опашка ротфајлерчето појде до садот да јаде.

Пудлата почина на дванаесет, а ротфајлерот тогаш имаше девет години. Во однос на пудлата беше грамада, три пати поголем од неа, меѓутоа, за цело време, цели девет години чекаше најнапред пудлата да заврши со јадење, дури потоа тој одеше да јаде.