Воислав ЗАФИРОВСКИ

Стара вистина е дека политиката не е прашање на човечност, хуманост, емпатија или уште повеќе, не е прашање на правда и праведност. Таа била, е и останува прашање на интереси, особено на оние држави на кои, благодарение на богатството, економската и воена моќ, им се може.

Им се може се, од вршење дипломатски притисоци и закани, преку економски санкции до брутални воени агресии врз држави кои не им се вклопуваат во нивниот маинсет, за што воопшто нема потреба да се спомнуваат примери, бројни се, многу тажни и болни.

Ако се погледне низ историјата, може да констатираме дека државите на кои им се може, всушност се империјалистичките држави од минатото со голем број колонии низ светот, со богатство стекнато со пљачкање, експлоатација на бедното локално население и со богато досие на ѕверства извршени врз домицилното население.

Впечатокот е дека демократијата, на формалната независност на колониите, не донесе промена на амбициите да се владее и управува со светот по мерак на државите на кои им се може, единственото нешто што е променето, е само формата и методите. При тоа не важат принципите на меѓународното јавно право, принципите на Повелбата на ООН, резолуциите на Советот за безбедност на ООН, ниту пак важи Европската конвенција за човекови слободи и права. Не, не мора да има јасно видлива причина, доволно е да се има некаков хегемонистички интерес на тие што им се може, а повод и да нема, ќе се измисли.

Актуелна е војната во Украина, но мирот меѓу народите нема алтернатива, единствената опција за мирот се прокламираните принципи во Повелбата на ООН, меѓународното јавно право до кои може единствено да се дојде преку дипломатско решение и преговори, не со агресија, но не и со финансирање на војната и трупање оружје и воведување санкции за кои не се знае кому повеќе му штетат, што другата страна со право го толкува како провокација.

Финансирањето на војната во Украина и трупањето европско модерно оружје од страна на тие што им се може, не е со намера да се помогне на Украина, не, намерата е да се остварат некои латентни цели на тие што им се може, за кои јавно не се говори, но се прекршува преку грбот на нивните граѓани и сето тоа во име на одбрана на демократијата, а таа во никој случај не значи војна.

Се ова што се случува во светот, некако наликува на распадот на Лигата на народите, некако како да ни се повторува историјата, но без научени лекции од минатото, а амбиции за новиот Хитлер имаат и некои Европски државници со нацистички корени.

Не за џабе се вели дека крушката под круша паѓа, а се заборава дека мечката ги јаде крушките.

Сепак, во светот постојат и мали народи по бројност, но големи по себеспознанието, по историското и културно наследство, по националната чест и гордост.

За жал, мојата татковина, Република Македонија иако голема по историското и културното наследство, по националната чест и гордост на себеспознаетиот македонски народ, денес е помала од зрно афион, понижена е и служи за потсмев во светски рамки, затоа што под притисок на тие што им се може, Владата, а не македонскиот народ, спротивно на Уставот, и го промени името на државата; се откажа од македонскиот народ во соседството иако и тие го говорат македонскиот јазик, ја негуваат македонската култура, со својата крв ја пишувале македонската историја и се неоткинлив дел од македонското национално ткиво; дозволи македонската историја победените фашисти од Втората светска војна да ни ја диктираат. Таа, ненародната вазалска власт во Македонија со дописи и притисоци, по секоја цена настојува да го избрише македонскиот идентитет и под притисок на тие на кои им се може да креира некаква квази новокомпонирана заедница, не нација, туку заедница во сопствената држава, некаков измислен јазик од средината на XX век, заради што спроведе и попис по однапред договорени проценти на национална застапеност.

Се се фрли на еден приоритет, евроинтеграциите, а чиј тоа интерес спроведува оваа предавничка Влада?! Без дипломатска борба предаде се и македонскиот национален интерес го остави на буниште, небаре кога ќе станеме членка на ЕУ, таму ќе го пронајдеме.

Не, бандоглави властелини, вие нема да го најдете македонскиот интерес во ЕУ од едноставна причина – во ЕУ се влегува со јасно изразен сопствен национален интерес, од кој вие целосно се откажавте, се влегува со сето национално, културно и историско наследство, со јасен идентитет, со јазик и култура кои можат да го збогатат европскиот културен трезор, не и никогаш поинаку.

Последните неколку влади успејаа да го екскомуницираат народот, а тој е носител на сувереноста, не тие во Владата.
Екскомуникацијата со народот е многу опасна работа, бидејќи сите се наоѓаме на ист брод, секој со своите задолженија и одговорности. Заедничката цел ни е тој брод да го вкотмиме во сигурно пристаниште, во мирни води. За тоа да се случи, неопходно е да се комуницира со сите на бродот, за секој да ги сподели правата, обврските, но и одговорностите за пловидбата. Екскомуникацијата значи бродолом, насукување во плитко, или пловење кон немирни води.
Од тука, диктаторчињата, престолонаследниците и банана приврзоците треба да овозможат плебисцитарно изјаснување на граѓаните по сите судбински прашања од национален интерес.

Затоа и отфрлањето на иницијативата на ВМРО ДПМНЕ за референдум е погрешна.

Грешката може да се исправи со прифаќањето на иницијативата на Левица за референдум, кое за цел ја има истата суштина како и референдумското прашање иницирано од ВМРО ДПМНЕ.

Но и ВМРО ДПМНЕ, ако стварно имаше за цел плебисцитарно да се даде одговор за или против поништувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, во што не се сомневам, треба да ја поддржи иницијативата на Левица и при тоа не смее да се однесува како мало повредено дете заради ставот на ДУИ и СДС преточен низ зборовите на некогашниот терорист од с. Форино, а сега прв (насилник) меѓу еднаквите во Собранието.

Не прифаќањето и на иницијативите на ВМРО ДПМНЕ и Левица за референдум има само една алтернатива, преку која барем формално би се задржал “демократскиот” карактер на Македонската држава, а тоа се предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните на поинаков начин ќе се изјаснат кому ќе му ја дадат својата доверба да го има кормилото на бродот во свои раце и кој ќе ги води низ немирните води низ кои со голем ризик од распаѓање, денес плови нашиот брод. Се поинаку ќе значи признавање и јакнење на актуелниот диктаторски режим во Македонија.

Гласот на народот можеби ќе заболи некого од оние на кои им се може, но подобро нив да ги заболе, отколу ние од нација да станеме заедница во сопствената со на сила и притисок сменето име на Македонската држава, со сменет идентитет и вештачки наметнато име на еден богат древен Македонски јазик.

Македонскиот народ е со големо културно и историско наследство кое не припаѓало ниту на Хелените, ниту на Бугарите, има национална гордост и чест, општествена свест и себеспознајност кои ниту една владеачка гарнитура не смее да ги потцени, а не како актуелнава диктаторска власт, која со сите Македонски светии тргува, не обезличува и не прави за презир и потсмев во светски рамки.

Зарем не е презир и потсмев притисокот, лицемерието, и лажните ветувања од страна на оние на кој им се може?!

Доста е и време е!