Воислав ЗАФИРОВСКИ

Денес едно од најсериозните прашања кои ги тангираат сите држави во светот, е прашањето за тоа дали е жив постојниот меѓународен правен поредок.

Длабоко сум убеден дека актуелниот, така наречен меѓународен правен поредок, одамна е погребан и тоа токму од тие држави кои го креираа, до душа некои повеќе, некои други помалку, но исклучоци нема.

Има интереси, глобални или не, сѐ едно, но кога се во прашање интересите особено на државите на кои може да им се допише атрибутот хегемонистички, тогаш за сѐ имаат различни аршини, свои измислени вистини… и неверојатно голема колатерална штета, не само материјална, туку историска, демократска и секако, многу често изразена со огромен број човечки животи кои страдале од пријателски оган, што жртвите ги прави особено среќни.

Тоа што се случува со смената во Белата куќа во Вашингтон, со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД, со подадената рака кон Руската Федерација за ставање крај на вооружениот судир во Украина, многу “демократски” фабрикувани мали луѓе кои сакаат да бидат големи како Наполеон, ги затекна со падната вилица.

Стварно не е јасно зошто европската бирократија гледа непријател во Руската Федерација, кога до специјалната акција во Украина, растот на своите економии, благодетта на нивните граѓани, го должела на токму на Русија.

Од Русија добиваа ефтин гас, нафта, енергенси без кои ни атомските централи немаше да им работат. Тоа беше клучниот фактор за брз раст на западните економии, за високата социјална поддршка на сите нивни граѓани и висок животен стандард.

Како може да ви е непријател тој што ве ослободи од нацизмот, тој што безрезервно и безусловно стави сѐ на располагање на сите држави кои имаа потреба од неговите ресурси.

Денес, кога се распадна бракот меѓу САД и ЕУ, лидерите на хегемонистичките европски држави, пред сѐ на Франција, Германија и Обедиетото Кралство, се во паника и за прв пат јавно и јасно признаваат дека во Русија гледаат смртна закана.

Зошто им се потребни 800 милијарди евра за вооружување, каква закана гледаат европските хегемонисти?

Зарем прекинот на воениот судир нема да го насочи фокусот кон најстрашните овоземски проблеми, пред сѐ климатските промени, гладта, сиромаштијата, или најбитно од сѐ е Русија војнички да биде победена?!

ЕУ е унија – збир на суверени држави кои имаат свои традиции, традиционални пријатели, економски, културни релации и пред сѐ државни и национални интереси, кои многу логично е често да се различни.

Со кое право лидерите на хегемонистичките држави сакаат да наметнат впечаток на единство околу нивните ставови и го одземаат сувереното право на сите останати членки и земји кандидати да имаат сопствен став за тоа кој им е пријател, а кој не?!

ЕК на чело со Фон Дер Лаен не е европска влада, тие нема мандат дополнително да ги лечат своите, би рекол налудничави фрустрации со наметнување задолжителна и по секоја цена финансиска и вооружена поддршка на Украина во судирот со Руската Федерација.

Многу прагматично е барањето на претседателот на САД Доналд Трамп за изнаоѓање на брзо решение на крвопролевањето и ставање крај на воениот судир меѓу Русија и Украина.

Германија со Меркел и Франција со Оланд беа гаранти на договорите од Минск, меѓу Украина и Руската Федерација. Тие договори, меѓу другото предвидуваа широка автономија на Домбас, Луганск и Запорожје, региони во кои преку 80% од населението е Руско.

Токму тие што ја гарантираа имплементацијата на тие договори, отворено признаа дека целта на потпишувањето на договорите им била да купат време, да ја вооружаат и подготват Украина за војна.

Со други зборови, во правото има едно суштинско прашање, прашањето на каузалитетот – причинско последичната врска на случувањата.

Вака гледајќи ги работите, ЕУ (хегемоните во неа) имаа шанса и можност да ја спречат воената интервенција на Руската Федерација во Украина ако се заложеа за имплементација на потпишаните договори. Тоа не го сторија, очигледно дека си поигрувале со трпението на Русија и ја посакувале оваа валкана и многу крвава војна.

Дали, во настојувањето на ЕУ по секоја цена да се продолжи воениот судир, не се крие желбата и тие по некое време да им испорачаат висока фактура за “воената и финансиска помош”, па како до минатиот век повторно да си имаат своја, овој пат некаква нова форма на колонија?!

Токму затоа во преговорите за траен мир во Украина нема место за тие што ја поттикнаа таа војна.

Но да бидеме на чисто, тие за цело време ја имаа апсолутната мотивација и поддршка од Бајден и “демократите” на САД.

Со оглед дека го спомнав меѓународното право, ако НАТО ја бомбардираше Југославија во 1999 година, со изговор дека наводно се врши етничко чистење на албанското население на Косово, зошто истите тие челници не одлучија НАТО да ја бомбардира Украина за злосторствата и етничкото чистење правено од фашистичкиот батаљон АЗОВ на недолжното и мирно Руско население?!

Евро неонацистичката бирократија одамна го испогани меѓународниот правен поредок, денес се коцка со опстанокот на човечката цивилизација. Наликуваат на политички проститутки, кои после разводот со САД, не можат да се снајдат, па затоа во борделот криви им се креветите, не сексуалните работнички (за неупатените, сексуални работнички се проститутки).

Време е ООН да се реформира и да го добие вистинскиот пиедестал на Организација на Обединетите нации, како гарант на еден поинаков, многу поправеден меѓународен правен поредок.

Светот веќе не е ист и хегемонистички октоподи, своите краци треба да ги држат во своите џебови, бидејќи никој никому не му е поголем непријател, од самите себе.