Јованка КЕПЕСКА
Поминато е времето на империјализмот од минатите векови што беше основа на национализмот на големите нации и определени цели особено кон малите нации. Теоретските објаснувања и политичките пледоаеја за односот кон малите нации, имено, се сведуваа за нивна редукција. Малубројни се чинителите во одбрана на правото за нивно самоопределување и создавање на самостојна држава, изолирано, кај некои политички партии во работничкото движење и нивните политички пледоаеја. Социјалистичката партија на Васил Главинов и Социјалдемократската партија на Димитрија Туцовиќ заземаат единствено место со заложбата за самоопределувањето на нациите, наспроти социјалдемократските партии. Затоа не може да не чуди конструктивниот пристап на Социјалистичката партија на Македонија кон прашањата на македонската нација и за напорите во заштита на идентитетот на на македонскиот народ.
При евидентниот развој на нацијата, во периодот, како еминентно политичка заедница, во европските земји, јасно е дека филозофското приоѓање кон народот ќе доживее редукција, и теориски, и политички.
Така според Е. Ренан, во делото „Што е нација“, редукционистички, нацијата условно речено ќе биде претставена преку „духовниот принцип“ но сведувајќи го на тоа дека „припадниците на нацијата тежнеат за заеднички живот“. Е. Ренан од политички причини ќе се заложи за отфрлање на единственоста на јазикот во нацијата, сакајќи теоретски да го образложи тежнението на Алзашаните да се вратат во француската држава, иако не зборувале француски јазик, што во тоа време, веќе било отфрлено. А што ја разоткрива и бизарноста на сегашните политички „пледоаеја“ со претензијата за два јазика во македонската нација, и кај нас.
Субјективистичко-психолошката школа, во самиот почеток на 20 век, која ја сочинуваат француските теоретичари, идеолози и политичари, истовремено, го нагласува „сеќавањето на заедничкото минато“, како конститутивна страна на нацијата и националните чувства. И токму овој момент е оној кој го определува воопшто, и денес, националниот идентитет, кој е статичен, односно непроменлив. И во меѓународното право е прифатен како основа за создавање на држава.
Кај нас и во останатите делови од монистичкиот теориски простор филозофското сфаќање на народот, пак, во минатиот век, е заместено со идеологизирани ставови.
Да го споменеме теоретскиот пристап на германскиот социјалдемократ Карл Кауцки кој сметал дека малите нации ќе се претопат во неколку поголеми нации и оттаму и потребата за внесување на регионални јазици. Ј. В. Сталин бил под влијание на Кауцки и оттаму присутното внесување на официјалните јазици во федералните држави. Тоа беше случај со внесувањето како официјален јазик на српско-хрватскиот јазик во ФНРЈ, како и рускиот во СССР.
Потребно е да се спомене и Карл Ренер, австрискиот водач на работничкото движење, социјалдемократ, кој сметал дека нацијата е дефинитивната состојба во развојот на народот. Кај Сталин тоа се преточило во сфќањето за непроменливост на формата во која опстојуваат нациите сведувајќи ја на политичкиот систем кој е заведен во СССР. Така, во комунистичкото движење, со отфрлањето на законот за негација на негацијата во фамозната Историја на СКП (б), што имало цел трајно устоличување на сталинизмот како општествено- политички систем, доминираат концепциите за нацијата како дефинитивна категорија.
Да не бидеме во заблуда, ваквите сфаќања, помалку или повеќе, ги оптеретуваат и современите гледања и тие не се надминати.
Така, при прикажувањето на ставовите на Крсте Мисирков се изоставува антрополошкиот (филозофскиот) пристап кон македонската нација. Како што, како за „романтичарење“, се квалификуваат и одделни творечки придонеси и во сферата на науката, уметноста во македонскиот повоен развој.
Читателите сами можат да ја препознаат суштината на односот на народот и јазикот преку ставот за идентитетот на македонскиот народ кај Крсте Мисирков кој овде го приопштуваме.
„Язикот е средство, со кое ние познаваме, шчо мислит, шчо осек’ат и шчо сакат нашио собеседник. Во iазик се имат одделни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осек’аiна и сакаiна на еден чоек. За тоа iазикот на един народ iет негоо дуовно богатство и наследство, во кое се закл’учуват отпечатоци, въ гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осекаiна и сакаiна со коiи имат живеiно и живеiт еден народ и коiи се предаваат, како нешчо свето от едно поколение на друго. Да сочува некоi своiот народен iазик и да го бранит како светиiна значит, да останит он верен на духот на своите прадедовци и да уважаат се’, шчо имат они напрайно зa своето потомство. Да се откажит чоек от своiо народен iазик,значит, да се откажит он и от народниот дух. Усилиiата на покорителите се да се откажат от своiо iазик и да изучат нивниот. Затова покорените народи упорно гледат да сочуваат духовното наследство, а особено iазикот. Да обичамe iазикот iет наш народен долг и наше право. Той е наш, како е наша таткоината. Първите гласой кои сме чули, сет гласоите на нашите бащи и майки, на нивниот народен iазик. Преко нив добивне първа дуовна храна, со нар. iазик освоуяеме психол. на нашите татковци и предедовци и се чиниме духовни нивни последници како сме и техни телесни продолжачи.“ (Од „Македонските работи“)
Тезата кај Гоце Делчев „За културен натпревар на народите“ е израз на најдобрата филозофска традиција за идентитетот на народите, незагадена пролет култот и империјалистичките аспирации.
Како што и историскиот тек на развојот, што ја покажува неодржливоста на многуте теории за суштината на нацијата и ги потврдува филозофските претпоставки за надминувањето на нациите и за развојот на народите.
А суштината е следна. Времето на научно-технолошкиот развој ја определува нацијата и со правно-политичката организација и со развојот на науката и на уметноста односно културата. Поради што ја определува и улогата на науката и уметноста во однос на осознавање на суштината на народот и понатамошната негова идентификација. Давајќи одговор за моќите и можностите на народот во неговата идентификација на повисок степен во развојот. Преку неговите творечки способности во науката, уметноста како и во умешноста да ја организира сопствената општественост, создавајќи притоа и менталитет. На таков начин идентификацијата на народите не престанува и во политичките заедници, нациите, поради што тие имаа своја мисија.
Во наредниот приказ за природно-правниот приод кон народот.