Драмски театар-Скопје денеска од 10 часот ќе одржи комеморативна седница за актерот Мите Грозданов, кому овој театар му беше матична сцена од 1968 до пензионирањето во 2008 година. Доајенот на македонскиот театар почина завчера во 75-тата година од животот.
– Драмскиот театар ја имаше честа да го има во своите редови и беше сведок на исклучителната посветеност во процесот на создавањето на театарските претстави. Дарбата за глума кај Мите Грозданов е градена и константно потврдувана низ повеќедецениска секојдневна работа и умеење да се искачи по скалилата на уметноста до врвот на нејзниот Олимп. Својата биографија катадневно ја надополнува со трајни творечки вредности. Тие започнуваат од школското зреење и веќе се стамени со завршувањето на Факултетот за драмска уметност во Белград во 1967 година, соопшти Драмскиот театар.
Мите Грозданов (Струмица, 1943 – Скопје, 2018) почнал да работи во Драмскиот театар во 1968 година, во претставата „Партитурата за еден Мирон“ во која, како што наведува ДТС, го открил својот богат, раскошен талент, уникатен и универзален, допирлив и разбирлив.
– Во годините што минуваа Мите Грозданов на сцената на Драмскиот театар оствари 70-ина улоги и уште се во сеќавање неговите сценски реализации во: „Мајка“ од Виткиевич, „Грдиот Нарцис“ од Арсовски, „Јане Задрогаз“ од Стефановски, „Татко“ од Стриндберг итн. За своите креации многупати е чествуван со признанија и награди како „Златен ловоров венец“ на Фестивалот МЕСС, а двапати е наградуван на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Дел од својата нескротлива енергија ја реализира и со повремени гостувања како инспиратор, режисер и актер во театрите во Струмица, Скопје, Кочани, Гевгелија, Кавадарци, Куманово и други места, неуморно реализирајќи и институциопнални и независни театарски проекти, соопшти ДТС.
Покрај бројните улоги, Грозданов е и автор на поезија и ги објави книгите песни „Откорнат од душата“, „Земјанец“ и „Ме болат мислите“.
Посмртните останки на Мите Грозданов ќе бидат изложени денеска во 11.30 часот во црквата „Св.Пантелејмон“ во Долно Нерези. Погребот ќе се изврши во 12 часот на гробиштата во Нерези.