– Зошто Тито одбил кон крајот на 1943 година, односно по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ во август 1944 година, да прифати во НКОЈ некој претставник од Македонија, иако за член на НКОЈ од Македонија од страна на Светозар Вукмановиќ-Темпо, инаку Титов личен делегат во Македонија и човек од доверба, уште во 1943 година му бил предлаган Методија Андонов-Ченто, кој подоцна бил избран за претседател на АСНОМ. Тој факт донекаде е толкуван како Титова опструкција кон македонските кадри, наводно поради незабележително учество на Македонија во НОД. Се шпекулирало и со тоа дека немал добра комуникација со Ченто уште од приемот на македонската делегација на Вис во јуни 1944 и наводно Чентовиот тврд став за решавање на македонското национално прашање, односно прашањето на обединување на македонскиот народ со деловите во Грција и во Бугарија, односно Егејска и Пиринска Македонија

Блаже Миневски

Строго доверливиот архив на Јосип Броз Тито, или како што официјално се нарекува Архив на Претседателот на Републиката, пред неколку години беше конечно е отворен и ставен на користење на научната јавност. Се разбира историчарите со нетрпение го очекуваа овој момент со оглед на тоа што станува збор за човекот кој ја создаде и ја управуваше сега веќе распадната СФРЈ безмалку 40 години. Една од причините што отворањето е направено дури сега, секако е и поради неопходната историска дистанца од неговата смрт во 1980 година, но не треба да се заборави дека и самата обработка на архивските материјали е бавна и макотрпна работа која не може да се сработи наеднаш за да може непречено да му се стави на располагање на истражувачот.

Според д-р Новица Велјановски, прв македонски историчар кој влезе и имаше

увид во документите од Кабинетот на Тито, и самиот тој, по истражувањето во овој Архив, морал да измени некои од своите истражувачки резултати за НОД и повоениот период.

Првичните истражувања, смета тој, не беа доволни за да се оствари целосен увид, но беа доволни да се направи избор на одреден број најзначајни документи кои на македонската јавност се уште не и се познати.

Документи од посебно значење

„Станува збор за мошне значајни документи, кои, создавани во Кабинетот на Претседателот на Југославија, и не само низ таа функција, фрлаат светлина на многубројните проблеми што ја потресувале државата. Документите се однесуваат на многубројните проблеми во партијата, во меѓународните односи, во односите меѓу републиките и федерацијата, меѓу самите републики и покраини, и редица други прашања.

За македонската држава како нов балкански субјект, ваквите документи се од посебно значење, особено затоа што станува збор за етаблирање на првата држава на македонскиот народ во југословенската федерација или, да се изразиме фигуративно, за нејзиното проодување и преживувањето на нејзините детски болести.

Притоа, истражувајќи во Архивот, издвоив 69 документи од периодот 1943-1953 година, всушност најзначајниот период од историјата на Р. Македонија по Втората светска војна, односно периодот на нејзиното конституирање и функционирање како нова држава на Балканот, а во рамките на југословенската федерација. Ги избрав оние документи што го потврдуваат напорите за конституирање на македонската држава и државност, но и документи од кои може да се видат отпорите кои биле присутни во југословенскиот врв, како и во соседните земји против создавањето на Македонија како посебна држава, односно како нов балкански субјект.

Се разбира сите документи што се во Архиовот минувале низ Титовиот кабинет, односно Тито имал директен увид во нив“, вели д-р Велјановски.

Дилеми за изгледот на југословенската федерација!

Според него, Првото заседание на АВНОЈ е доста контроверзен настан. За време на одржувањето на ова заседание 26 и 27 ноември 1942 во Бихаќ, кога се прогласени основните документи, (Резолуцијата за создавање на АВНОЈ, Резолуцијата за организацијата на АВНОЈ и Прогласот до југословенските народи), НОБ во Македонија се одвива со големи тешкотии.

Тоа е една од причините што на него не присуствува делегација од Македонија, но веројатно треба да се побараат и други. Сепак, вели тој, мислам дека не постојат политички причини во смисла на тоа дека на Македонија не е сметано како на конститутивен елемент на федерацијата.

: „Во досегашните историски истражувања е утврдено дека, поради потребата од брзо свикување на АВНОЈ, поканите за седницата не се испраќани по некој однапред утврден ред или пак според некој претходно подготвен список на оние што треба да бидат поканети. Поканите Тито лично им ги испратил на одделни лица кои се нашле во реонот на Бихаќ за кои тој сметал дека може да присуствуваат. Се уште не постоел некаков национален клуч, па затоа на седницата се нашле луѓе со различна национална припадност и без усогласеност на националниот состав. Бројот на повиканите бил во очигледна несразмерност со бројот на населението на идните републики. Биле изоставени цели региони како на пример Словенија, Македонија, Космет, Војводина. Сметаме дека Титовата преокупираност по секоја цена да се основа АВНОЈ, а не постоењето на некаков Титов став Македонија да не биде конститутивен елемент на Југословенската федерација, била главната причина за конфузијата околу свикувањето на АВНОЈ. Одредени личности од неговото опкружување можеби имале такви идеи но тие идеи не биле јавно пласирани“.

Иако, според документите, Тито имал дилеми за изгледот на федерацијата, сепак инсистирал одржувањето на Второто заседание на АВНОЈ да биде што побргу. За тоа постоеле повеќе причини. Меѓу другото Второто заседание било исфорсирано поради односот на кралската влада на Кралството Југославија во Лондон, и односот на кралот, кои не сакале да ги признаат придобивките на НОБ во Југославија. Тие во јуни 1943 објавиле декларација со која го признале само постоењето на трите нации – Србите, Хрватите и Словенците. Таму Македонија е третирана како составен дел на Србија, а Македонците како Срби. Иако трите „признати“ нации на Второто заседание на АВНОЈ му изјавуваа верност на југословенското национално единство, сите тие истакнуваа некои свои посебни барања. Од страна на Србите беше барано обединување на сите Срби, вклучувајќи го и делот на Вардарска бановина, односно Македонија. Претставниците на Хрватска бараа формирање на посебна држава Хрватска во границите од 1939 година утврдени како бановински граници. Затоа веројатно Тито брзал со Заседанието во Бихаќ, со цел овие одделни барања да не ја пореметат неговата основна идеја за формирање на федеративна држава и покрај тоа што се барало таа повторно да се конституира како унитарна држава со трите признати нации. Со намера да ги осуети плановите на кралот и владата во бегство, Тито брза да се одржи и Второто заседание на АВНОЈ, односно да се избере Националниот комитет за ослободување на Југославија како нова југословенска влада или како што сам пишува „поради донесување на значајни одлуки“.

Во иницијативата за Второто заседание на АВНОЈ ги нема Босна и Косово!

Иницијативата дадена на почетокот на ноември 1943 година за свикување на Второто заедание на АВНОЈ и основање на НКОЈ, како прва влада на нова Југославија, Тито ја образложил со итна меѓународна потреба. Со телеграма наложил таа иницијатива да им се упати на Србија, Црна Гора, Санџак, Војводина, Хрватска, Словенија и Македонија, а, според документите од Архивот, останува нејасно зошто во иницијативата ја нема Босна и Херцеговина, која, подоцна, на самото заседание, сепак станува федерална единица на нова Југославија. Исто така, Косово и Метохија во првобитните размислувања воопшто не се споменува како посебна единица, иако подоцна е утврдена најпрво како автономна област, а подоцна и покраина во составот на Србија. Тоа потврдува дека Тито на почетокот немал сосема јасна концепција кои федерални единици треба да ја сочинуваат федеративна Југославија, кои треба да се прогласат за автономни области односно покраини во составот на тие федерални единици, така што допуштил тоа прашање да се решава попатно и во зависност од влијанието на одделни негови соработници од одделни региони на тогашна Југославија.

Засега се уште нема доказ за тоа дали иницијативата била или не била примена во Македонија, односно во Главниот штаб на НОВ и ПОМ, или во ЦК на КПМ, кој веќе бил формиран во март 1943 година. Затоа тоа во Македонија не ретко се поставуваше прашањето дали таа иницијатива воопшто и била испратена на Македонија, иако во спомените на Страхил Гигов се спомнува дека добиле телеграма од Врховниот штаб со потпис на Тито со која се барало да се предложат 42 делегати кои ќе присуствуваат на Второто заседание на АВНОЈ. Во телеграмата се известувало дека од 42-та делегати од секоја национална единица, седуммина треба да влезат во Президиумот:

„Во телеграмата се бараше да се изјасниме и да одговориме дали сме согласни Димитар Влахов и Владо Поп-Томов да влезат во Президиумот. Се согласивме да влезат, иако двајцата во тоа време беа во Москва. За жал, Поп-Томов се откажа и воопшто не се врати во Југославија, односно од Москва замина за Бугарија и таму остана да живее. Освен овие двајца, кои беа предложени од Тито, ние, како Врховен штаб на НОБ за Македонија за членови на Президиумот на АВНОЈ ги предложивме уште и Лазар Колишевски, Мара Нацева, Бане Андреев и Методија Ченто. Потоа гласавме за делегати, а на мој предлог влезе и Никола Минчев. За жал, состојбата беше таква што не можевме да ги собереме предложените кандидати, а во телеграмата на Тито се бараа повеќе податоци за секој од делегатите. Се сеќавам дека Методија Ченто, Венко Марковски и Михајло Апостолски беа против предлогот Колишевски и Нацева да бидат предложени за членови на Президиумот. Неколку денови жолчно расправавме за тоа, не можејќи да се постигне никакво решение. Затоа ги свикавме комунистите од околните наши одреди и места, и ги победивме противниците на Колишевски и Нацева. Јас лично го опоменав Апостолскии да ги промени своите ставови, а ако неговото држење остане исто и понатаму, ќе се преземат други мерки. И Темпо се залагаше Лазо и Мара Нацева по секоја цена да влезат во Президиумот на АВНОЈ“, пишува меѓудругото во своите спомени Стахил Гигов.

Но, каде е телеграмата? Во македонската историографија недобивањето на таквата Титова иницијатива е толкувано на разни начини, до тоа дека намерно од страна на Тито не е допуштено иницијативата да и се испрати на Македонија со цел таа да биде изоставена како конститутивен елемент на југословенската федерација. Се

разбира дека тоа не може да биде прифатливо, но дека во испраќањето на иницијативата на терен во Македонија е направен намерен или ненамерен прекин на врската се уште треба да се истражува.

Во оваа смисла не е разјаснето и прашањето зошто Тито одбил кон крајот на 1943 година, односно по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944), да прифати во НКОЈ претставник од Македонија. Нему за член на НКОЈ од Македонија од страна на Светозар Вукмановиќ-Темпо, инаку Титов делегат во Македонија и човек од доверба, во 1943 година му бил предлаган Методија Андонов-Ченто, кој подоцна е избран за претседател на АСНОМ. Тој факт донекаде е толкуван како Титова опструкција кон македонските кадри наводно поради незабележително учество на Македонија во НОД. Се шпекулирало и со тоа дека немал добра комуникација со Ченто уште од приемот на македонската делегација на Вис во јуни 1944 и наводно Чентовиот тврд став за решавање на македонското национално прашање, односно прашањето за обединување на македонскиот народ со деловите во Грција и во Бугарија, односно со Егејска и Пиринска Македонија.