По повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кој го одбележува и ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау од страна на Црвената
армија, Одделот за едукација и истражување на холокаустот при Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДКНА), денеска организира комеморативна академија.
Како што информираат организаторите, тема на комеморативната академија е „Сагата за преживеаните од холокаустот – Тие ја предизвикаа смртта, го засадија животот“, која годинава е посветена на еврејките и девојките кои избегаа од канџите на смртта, од кои три ќе бидат и учесници на оваа комеморација.
На настанот меѓу говорниците покрај директорот на ИДКНА Скендер Асани, се најавени претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и министерот за надворешни работи на Израел Јаир Лапид, како и претставници од амбасадите на САД и на Германија.
Генералното собрание на Обединетите Нации во 2005 година одлучи да им се оддава почит на жртвите на холокаустот на 27 јануари, датумот кога пред 77 години престана да функционира нацистичкиот концентрациски логор Аушвиц.
Во резолуцијата на Светската организација со која се прогласува за Меѓународниот ден на холокаустот, се повикува на почит и спомен на жртвите на холокаустот и на изработка и реализација на образовни програми со цел ваквите настани од историјата никогаш да не се повторат.
На 27 јануари 1945 година Црвената армија на Советскиот Сојуз пристигна во Аушвиц. Тие наидоа на неколку илјади останати затвореници во кампот, кој беше делумно разурнат од Германците кои се повлекуваа. Преживеаните и материјалните докази укажуваа на масовните убиства кои се одвивале во Аушвиц.
Околу 90 отсто од жртвите во најголемиот концентрациски логор на Третиот Рајх беа Евреи. Холокаустот беше систематски прогон и убивање на Евреите, Ромите, Словените,… спонзориран од нацистичкиот режим во Германија преку спроведување на идеологија дека Германците се супериорни, а другите народи се инфериорна раса и нивниот живот не е вреден. Адолф Хитлер го нарекуваше обидот за нивно елиминирање „конечно решение“.
Во Аушвиц и во другите логори на смртта беа развивани посебни техники за убивање, од гасни комори до смртоносни експерименти на луѓе.
Меѓу жртвите на холокаустот беа и 7.144 македонски Евреи. На 11 март 1943 година, 98 проценти од Евреите во Македонија се собрани во скопскиот Монопол, најголемиот број од Битола, Штип и Скопје и испратени во концентарцискиот логор Треблинка каде се убиени во гасни комори. Според податоците од Еврејската заедница во Македонија, денес во земјава живеат само околу 200 Евреи.
Во знак на сеќавање на депортираните македонски Евреи, во март 2011 година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на жртвите на холокаустот, кој е еден од четирите такви во светот, покрај центрите во Израел, Германија и во САД.
Комеморативната академија ќе се одржи во 10 часот, во салата Вилсон при ИДКНА – Скопје, согласно здравствениот протокол.