Забрана на гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на гласноста на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на луѓе кои може да седат на една маса во угостителски објект од сега дозволените 12 на четири.
Ова се препораките на Комисијата за заразни болести, кои ќе бидат предложени на денешната седница на Влада, најави министерот за здравство Венко Филипче.
– Сметаме дека ова се апсолутно оправдни мерки, дека се добар период кога треба да се имплементираат. Секако ја пратиме ситуацијата и понатаму доколку треба имаме план и за дополнителни рестрикции ако тоа се изнуди, изјави Филипче, за телевизија Канал 5.
Тој посочи дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале, како есенски бран по завршување на годишните одмори.
– Имаме зголемување на бројот на случаи во сите возразни групи над 20, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години, изјави Филипче.
Министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз и мерката за носење маски на отворено.
– Се уште е рано, затоа што тоа значи освен превентивна мерка за корона и заштита од сезонски грип, настинки во ладното време и секако од загаден воздух. Значи би размислувале во подоцнежните есенски месеци за сите други мерки, изјави Филипче.