Македонскиот и бугарскиот тим на историчари се поблиску до усогласување на заеднички текст за историската улога на Охридската архиепископија за развојот на христијанството и негувањето на христијанската култура и писменоста која ја остава таа институција, за што е можно веќе на некоја од следните два состанока да биде услогласен конечниот текст за употреба во учебниците по историја во двете земји. Ова во вечерашната Топ Тема го изјави, академик Драги Ѓоргиев, копретседателот на мешовитата македонско-бугарска историска комисија.
Ѓоргиев притоа вели дека на последната средба која се одржа во Скопје во четвртокот и петокот темите за кои се разговарало се исти, можеби, седум-осум средби наназад, а тоа се учебниците по историја за седмо одделение во Македонија, за усогласување на текст за заедничко чествување на Гоце Делчев и технички прашања околу усогласување на записниците од протоколите на самите средби, рече Драги Ѓоргиев, копретседател на мешовитата македонско-бугарска комисија, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Тие се генерално темите кои се на дневен ред на работата на комисијата. Ништо ново, ништо поинакво“, вели Горѓиев.
Разгледувањето на македонските забелешки за бугарски учебници по историја за шесто одделение, како што додаде Горѓиев, се завршени и усвоени се седум од нив.
„Во тек е разгледувањето на забелешките за македонските учебници кои се дадени во претходниот период од бугарските колеги. И досега има усвоено четири забелешки. Има уште забелешки по кои треба да се работи“, истакна Ѓоргиев.
Ѓоргиев не сакаше да открие за што конкретно се однесуваат забелешките, но и препораките на двата учебника, за што рече дека ќе го направата кога конечно ќе биде усвоен конечниот пакет препораки и за двата учебника.
„Генералниот став на двете страни на комисијата е сè додека не се завршат и бугарските забелешки за нашите учебници и повторно не се навратиме наназад повторно и на нашите препораки за нивните учебници и на препораките кои ќе бидат усвоени за наши учебници, да не излегуваме во јавноста со препораки. Ние тука, всушност, сме ограничени од самите влади на двете држави. Ние ги доставуваме до самите влади и, колку што се сеќавам според вториот протокол, сега се должни во рок од шест месеци, доколку двете страни не се согласат да ги објават, тогаш едната од страните има право да ги објави. Меѓутоа ние не смееме да ги објавуваме сè додека не решат владите“, изјави Ѓоргиев.
Ѓоргиев вели дека преостануваат уште учебниците за осмо и девето одделение од македонскиот образовен процес и седми и осми клас од бугарскиот образовен процес. За средношколските учебници по историја во двата образовни системи се уште не е разговарано.