Комисијата за уставни прашања при Собранието на Република Македонија, денеска, ќе ја продолжи распраата за уставните измени кои треба да произлезат од Договорот со Грција.
За денеска во 14:00 часот е закажано продолжението на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања на кои почна расправата за предлогот за пристапување кон измена на Уставот. За в понеделник претседателот на Собранието закажа пленарна седница на која ќе се гласа за потребата од промени во Уставот. За ова ќе биде потребно 2/3 мнозинство.
Власта и опозицијата имаат спротивставени мислења. Пратениците од владејачкото мнозинство го поддржуваат предлогот на Владата кој го образложи премиерот Зоран Заев, дека Македонија нема да има друга шанса на патот кон ЕУ и НАТО и дека сите пратеници треба да дадат поддршка за уставните амандамни. Опозицијата , пак, порача дека Договорот со Грција е штетен и дека треба да се почитува волјата на граѓаните кои во голем број не излегоа да гласаат на референдумот.
Расправата по предлогот за пристапување кон измена на Уставот, согласно член 196 од Деловникот, може да трае најмногу десет работни дена.