Навивачката група на Вардар „Комити“ денеска се огласи со соопштение по високиот пораз на гостувањето кај Силекс (6:0) со што најтрофејниот македонски фудбалски клуб сега е на чекор до испаѓање од Прва во Втората лига.
– Да се биде присутен и да се гледа Вардар во Кратово денес е божја казна. За да се долови мизеријата, доволно е да се напомене дека при резултат од 6:0 најдобар поединец беше голманот Илиќ, и само уште еден достоен да го носи дресот на Вардар беше ветеранот Шиле. За другите што да се каже – статисти, манекени и повеќе играчи и асистенти на противничкиот тим отколку на Вардар. Одбрана швајцарско сирење! Средина непостоечка, напад јалов! Вакво газење на честа на клубот е незапаметено и крајно недозволиво, и време е за радикални промени но и да се сносат последиците. Нема повеќе никакво алиби. Време е да почнеме со име и презиме да ги прозиваме душманите на клубот. Време е за одговорност! Спиете ли мирно Сергеј Самсоненко и Петре Шилегов?, пишува во објавата на „Комити“ на Фејсбук.
Вардар моментално е на 11 место и ако го загуби следниот натпревар со Ренова на домашен терен шансите за опстанок ќе бидат многу мали.