Во време кога е снимен филмот ‘Мис Стон’, Петре Приличко имал 51 година, а вистинскиот Мандана во време на аферата „мис Стон“ имал 26 години. Во филмот, Прличко загинува обидувајќи се да ја спаси мис Стон, а реалноста е дека Манданата ги однел мис Стон и Катерина Цилка во Струмица кога тие биле ослободени (тука бил и Ќосето), по што живеел уште година ипол, а загинал во септември 1903 година по Илинденското востание.
‘Македонците многу малку знаат за мојот роднина’, вели Перо Мандалов, внук на легендарниот четник. Причината за тоа можеби лежи во фактот што тој бил во четата на Христо Чернопеев, кој за македонската официјална историја не спаѓа во групата омилени личности, објаснува Мандалов, нудејќи малку познати факти за животот на својот предок, но и за целото семејство Мандалови
Дарко ЈАНЕВСКИ
‘Филмот ‘Мис Стон’, во некои делови ја отсликува вистината за тоа што се случило со мојот прачичко, но има делови кои отстапуваат, а кои веројатно се направени заради поголем впечаток. На пример, во филмот, Манданата кој го глуми Петре Прличко, и кому најдлабоко му се заблагодарувам за стореното во филмот, загинува при еден напад на турскиот аскер, додека Американката и Катерина Цилка се уште се со четниците. Тогаш, наводно, трогната од смртта на Манданата, мис Стон се решава да го напише писмото со кое ги уверува своите пријатели и турските власти дека е жива, по што овие ги исплаќаат бараните пари за откуп. Во реалноста, Манданата, кој навистина бил задолжен да се грижи за двете жени додека биле грабнати, загинал по година и половина откако двете жени и новородената ќерка на Катерина, Елена, се ослободени во Струмица, објаснува Перо Мандалов, правнук на човекот чиј лик беше овековечен во еден од најдобрите македонски филмови, ‘Мис Стон’.
Милан Делчев, братот на Гоце (лево), Манданата (во средината) и крајно десно непозната личност. Фотографијата потекнува од 1901 година
Во 1901 година, во ТМОРО се размислувало за тоа како да се дојде до пари со кои би се купило оружје. За ова, Јане Сандански во спомените запишани од Љубомир Милитеч вели:
‘Кај мене и Чернопеев созреа мислата да грабнеме некого за земање откуп. Одев во Дупница и со Чернопеев намисливме да грабнеме еден бег – Сулејман бег, син на пашата од Џумаја…’
Планот се изјаловува, па следен на листата за грабнување бил протестантот доктор Хаус, но и таа идеја пропаѓа.
‘Дознавме дека во тоа време дошла некоја Американка, со име мис Стон. Му кажав на Чернопеев, и тој се согласи да ја грабнеме’, се сеќавал Сандански.
‘Во Спомените на Сандански меѓу грабнувачите го нема Манданата, но во таа група го споменува Ангел Динев во ‘Илинденската епопеја’. Од тоа што јас го знам, можам со сигурност да тврдам дека мојот предок бил меѓу тие што го извршиле грабнувањето’, вели Перо Мандалов кој му ги оддава сите почести на Петре Приличко, но истакнува дека е незамисливо во една држава за вистинскиот лик да се знае многу помалку отколку за глумецот на тој лик. ‘Како што е незамисливо за тој човек да нема ниту еден спомен, ниту една биста, по него да не е крстена ниту една улица’, додава Мандалов.
УБИСТВО НА АЛВАЏИЈАТА
Вистинското име на Манданата е Стефан Мандалов. Бил роден во селото Стојаково, во близина на Гевгелија, на 11 декември 1875 година. Бил син на Тано и Векија. Во Стојаково се доселиле едно колено пред тоа, кога во селото дошол Гого Менкавчин, кој според Ристо Стамков, творец на монографијата Стефан Мандалов-Манданата, купил неколку биволи за подобро да ја обработува земјата. Бидејќи бивол на турски се викало ‘мандана’, во семејството се вселил овој прекар кој подоцна стана славен.
Во 1894 година, Стефан се оженил со Фидана Ѓорѓеделева со која имал четири деца. Наскоро Стефан станува член на месната канцеларија на ТМОРО во Стојаково, а во 1897 година заминува како учител во селото Серменин (на планината Кожуф), каде веднаш воспоставува врски со тамошниот месен комитет. Во февруари 1901 година во близина на селото бил убиен еден Турчин алваџија. Тоа ја зголемило концентрацијата на турски патроли во регионот, а на 15 февруари една група заптии дошла и во куќата во која живеел Стефан Мандалов-Манданата. Тогаш тој избегал во четата на Христо Чернопеев, а еве како настанот го запишал Ристо Стамков, според кажувањето на Ѓорѓе Мандалов, син на Стефан:
‘Стефан веќе имал слушнато за апсењата во околината. Помислил дека заптиите се дојдени по него, па почнал да смислува план како да избега. Ги примил заптиите со голема љубезност, а на домаќинката и наредил да приготви алва. Додека се пржела алвата им се извинил на гостите за да го ослободат за момент поради потребата од мала нужда. Главниот од групата се согласил, но со учителот излегол и еден од заптиите по истата потреба. Откако Стефан забележал дека заптијата ја оставил пушката, скокнал во блискиот дол и почнал да бега.’
Така Манданата се нашол во илегала, а по 15 дена по бегството од заптиите, кон крајот на февруари или почетокот на март 1901 година се приклучил на четата на Христо Чернопеев со кого се познавал отпорано.
Во тоа време, во селото Лешло, Горноџумејско во куќата на Сандо Китинов, дошло до средба меѓу Гоце Делчев и Јане Сандански, кога станало збор и за грабнување на некоја значајна личност. Гоце Делчев најпрвин не се согласувал со идејата, плашејќи се од компромитација на Организацијата, но потоа се согласил, под услов со ‘пленетите да се постапува хумано’ (д-р Манол Пандевски, ‘Јане Сандански и Мис Стон’).
Проф д-р Владо Картов, во делото за Сава Михаилов-Савата, соработник на Сандански и Чернопеев и еден од учесниците во целиот настан со мис Стон, го опишал Манданата токму така како што ни го прикажа и Прличко – омилен меѓу комитите, ведар, расположен, со дарба за песна и за имитација на птиците.
‘Во четата го нарекувале и со прекарот доктор, бидејќи можел да лекува со употреба на разни народни лекови, чаеви и слично. Дарбата за лекување ја наследил од мајка му Векија’, вели Перо Мандалов, кој и самиот ја има истата дарба.
Грабнувањето на мис Стон и Катерина било извршено кај местото ‘Потпрена скала’, на патот Банско-Разлог. Тогаш започнува шестмесечниот заеднички живот на жените и комитите, а во текот на тие месеци, Катерина Цилка се породува. Нејзината ќерка го добила името Елена. Манданата посебно се приврзал за малечката, а Дилбер Атанас, четник, за ова вака раскажувал:
‘Се натпреваруваме кој повеќе ќе го носи малото бебе. Најмилозлив од сите беше Стефан Мандалов. Тој најдобро умееше да го стиши и во негови раце детето никогаш не плачеше. Постојано му велеше: Трај на дедо, трај! А, кутриот, имаше само 26 години. Еден ден кога по тесна патека минувавме крај една стрмнина, тој со детето в раце се подлизна и исчезна во провалијата. Сите се исплашивме и помисливме дека од нив не останало ништо. Но, на дното од амбисот тој беше наведнат над детето и пак му велеше: ‘Трај на дедо, трај!’ Беше целиот издраскан и раскрвавен, но на детето не му беше ништо.’
НИТУ ЛИРА ЗА СЕБЕ
Во февруари 1902 година, по шест месеци, конечно е договорена размената: мис Стон, Катерина и малечката Елена, биле ослободени за 14.500 турски лири. Жените требало да бидат однесени во Струмица, За ова Дилбер Атанас запишал:
‘Приквечерината спроти 22 февруари 1902 година тргнавме со жените. Дуваше силен ветар. Патот беше речиси непрооден. Требаше да ја минеме реката Струма која беше многу надојдена. Од другата страна на реката не чекаа неколку селани кои требаше да не префрлат. Најнапред го поминавме коњот на кој јаваше мис Стон. Стефан Мандалов, кој не го испушташе детето, исто така, среќно ја мина реката. Сите бевме наводенети до гуша. Се тресевме од студ.’
Рано утрината на 23 февруари 1902 година (недела) групата стигнала до селото Градошорци. Тука комитите се збогувале со жените и бебето, по што се изгубиле во шумата. Мис Стон и Катерина, влегле во Струмица, со што завршила целата одисеја.
Стефан Мандалов и групата се упатиле кон селото Нивичино каде биле известени дека во Костурино ги чека Гоце Делчев. Славниот војвода и Манданата се знаеле од порано, а според сите податоци, Делчев во него гледал добар соработник.
Парите од откупот биле распределувани и трошени под строг надзор на Делчев (дел од овие пари бил употребен и за солунските атентати). Главните учесници во целата афера не зеле ниту една лира. Крсте Асенов, за да преживее неколку недели во Софија, зел пари од мајка си. Чернопеев дури по многу убедувања од Гоце Делчев примил 5 лири за да ги однесе дома, и за да може со жената и семејството да го пречека Велигден во 1902 година. Јане Сандански не сакал ни да чуе за награда. Знаејќи во каква беда живеел таткото на Сандански, Иван, некогашен знаменосец во Кресненското востание, Делчев му испратил пет лири преку Никола Малешевски. Сите други учесници во аферата ‘Мис Стон’, по наредба на Гоце Делчев, добиле по еден револвер.
Во лоша материјална состојба било и семејството на Манданата. Крајот на зимата 1902 година, тој го дочекал во четата на Чернопеев. Од тој период веројатно потекнува и неговата фотографија со братот на Гоце, Милан Делчев. Потоа, веројатно поради проблеми со бугарската власт, Манданата е интерниран во Северозападна Бугарија. Оттаму, на 15 мај 1902 г. на Гоце Делчев му испраќа писмо со кое бара помош, не пари, туку Гоце да се заземе кај своите пријатели и да му се најде некаква работа за да може одново да застане на свои нозе, и не само да ги прехрани жената и децата, туку и да и помага материјално и на организацијата.
Колку што ни е познато, нема податоци што всушност се случува со Манданата во тој период, освен што од писмото до Гоце Делчев станува јасно дека кога аферата мис Стон завршила, него почнала да го притиска желбата за семејството и грижата за тоа како неговата жена се снаоѓа и живее со децата. ‘На оженетиот човек, патриотизмот му се загушува поради очајната положба на децата’, му се жали Манданата на Гоце.
‘ОТЕПАЈТЕ МЕ!’
Тоа трае до решението на Солунскиот конгрес за кревање на востание од јануари 1903 година, кога четата на Чернопеев започнува со подготовките. Следат неколку месеци со постојани влегувања во Македонија, битки со Турците и враќања во Бугарија заради пополнување на загубите. Во текот на август, по започнување на Илинденското востание, во битка кај Осоговските планини, четата загубила 25 комити, а целиот одред 65 лица. Следи ново враќање во Бугарија, по што на 28 август 1903 година, Манданата, како член на здружениот одред составен од вкупно пет чети под водство на капетанот Ѓорги Тренчев од Петричко, последен пат се враќа во Македонија. Одредот се движел низ кочанско, во правец кон планината Плачковица. На 5 септември одредот бил откриен кај кочанското Ново Село и започнала борба што траела 12 часа. Турската војска била надмоќна, а згора на тоа ги пуштила и водите низ оризовите полиња, поради што движењето на востаниците било отежнато. Во овие услови, четите започнале да се повлекуваат во правецот од кој дошле.
На 6 септември 1903 г. настапила силна планинска бура. Во спомените на Кирил Прличев (уште една отфрлена личност од досегашната македонска историја), син на Глигор Прличев, тој, последен ден од животот на Манданата, е опишан вака:
‘Се слеа пороен дожд. Ни беше наредено да се повлечеме. Едвај поминавме половина километер, ја изгубивме врската со другите. Со капетанот Тренчев и Стефан Мандалов бевме останати околу 80 луѓе. Се вртевме во круг – од каде и да појдевме, се враќавме на истото место. Дававме знаци, ама напразно. Одново тргнавме. Навлеговме во еден густак, во една надолнина, прст пред око не се гледаше. Дваесет минути се обидувавме да излеземе, се додека низ еден папрат не заминавме нагоре. Тогаш во далечината видовме две светли точки. Стефан Мандалов, кого го викавме докторот, рече дека тоа се огнови крај две кули во кои има не повеќе од еден турски вод. Стефан минувал по тој пат и во други прилики. Кога ќе стигнеме до кулите, ќе го нападнеме аскерот внатре, ни рече. Да стигнеме дотаму, па ќе видиме дали ќе напаѓаме или не, му одговоривме. Се доближивме до кулите внимателно, минавме меѓу нив, излеговме на една рамнина и оттука имаше три пата – сите водеа на север.
И додека се размислуваме по кој пат да се повлекуваме, Мандалов испратил неколку момчиња да опколат една од кулите. Не многу потоа, се слушна истрел. Следеше уште ден. Мандалов испушти болен крик. Веднаш потрчавме кон него, но тој веќе беше паднат. ‘Докторе, што се случи?’, свикавме. ‘Оставате ме, лошо ме ранија’. Го кренавме. Помина уште 30-40 чекори. За да му е полесно, ги зедовме пушката, револверот, патроните, но не можеше да издржи и падна. Побара од нас да го убиеме, но ние не можевме да го сториме тоа, зошто гледавме дека му се наближува последниот час. Се простивме од него и го оставивме.’
Така завршува животот на Манданата. Педесет и пет години подоцна, пошироката македонска, но и тогашна југословенска јавност, добива можност на екран да види дел од неговиот живот. Малку фризиран, но сепак, доволно силен за да ни го претстави овој човек.
БРАТОТ НА СТЕФАН, МИТО, ИЛИНДЕНЕЦ, УМРЕЛ ВО 1957 Г. ВО СИРОМАШТИЈА
Член на ТМОРО, задолжен за чување и распоредување на оружјето во Стојаково бил и неговиот чичко Никола Гого Мандалов, кој по Солунската афера во 1901 година бил осуден на 14 месеци затвор во ‘Еди Куле во Солун.
Братот на Стефан, Димитар-Мито, бил Илинденец кој во четата на Коста Попето од Гевгелиско се борел во Крушево. На тргнување четата броела седумдесет борци, крушевската епопеја ја преживеале само десет од нив, меѓу кои и братот на Стефан, Мито. Иако илинденец, умрел во голема сиромаштија во 1957 година. Интересни се сеќавањата на неговиот син Фиљо, кој кажувал дека по бугарската окупација 1941 година, татко му Мито отишол кај околискиот управител да му презентира доказ дека бил учесник во создавањето на Крушевската Република. Некој службеник по име Давитко, кога го видел доказот му рекол: ‘Добро, Мито, што сакаш сега, Овде ти пишува дека си се борел за Македонија, а не за Бугарија’. Така Мито си заминал дома со празни раце.
Братучедот на Стефан Мандалов, Филип, бил член на четата на славниот гевгелиски војвода Леонид Јанков, а една од акциите во која тој учествувал била ликвидацијата на шпионот Христо Костадинчев.
Посебна е приказната за синот на Стефан Мандалов-Манданата, Стојан, роден 1897 година кој бил гевгелиски автонимистички војвода, а бил убиен од српската окупациска власт во 1933 година. Неговата смрт, весникот на македонската емиграција во Бугарија ја проследува со зборовите: ‘Смрт на македонскиот херој’!
‘Тој не е последен од семејството што имал, проблеми со властите на оваа територија. Семејното спокојство не го наоѓаме ни по 1945 година, кога е следен, уапсен и осуден е Иљо Мандалов, како член на вмровска група, заедно со уште деветмина други стојачани’, вели Перо Мандалов, уште еднаш повторувајќи дека оваа држава, конечно треба да му оддаде почит на Манданата.
Писмото на Манданата до Делчев
БРАТ ГОЦЕ, ДОЛЖЕН СУМ КОН ТАТКОВИНАТА, НО И КОН МОИТЕ ДЕЦА!
15 мај 1902 г. Фердинанд
Брат Гоце
Во престолнината Софија
Откако ме интернираа помина повеќе од еден месец и како и секој интерниран сум под полициски наѕор во градот Лом…
Потоа дојдов во Фердинанд каде има еден наш учител, Андон Поп Стојанов. Мајка му скоро беше дојдена од нашето село. Ми раскажа дека жена ми и децата се наоѓаат во тешка ситуација, а јас како татко на тие деца, должен сум и кон татковината, но и кон нив. Јас ви се молам, г. Гоце, дали може да се најде некоја работа за мене, за да можам да им помогнам на децата. Мојата совест не ми дозволува повеќе да зборувам за ова, зошто многу добро знам колку вреди секој грош и секоја стотинка и јас сум првиот што е против да се бараат незаработени пари. Затоа и не би побарал парична помош за која не можам да се оправдам пред совеста, но вие имате доволно пријатели на кои можете да им се обратите и да ми најдете работа за неколку месеци, од што би можел да спечалам нешто, да се зафатам пак со самостојна работа и да го помагам движењето… Во секој случај, го барам вашиот совет и одговор на ова писмо… На оженетиот човек патриотизмот му се загушува од очајната положба на децата…
Со поздрав
Ст. Мандалов