Вчера бевме контактирани од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, каде бевме покананети за присуство на средба со други навивачки групи, со цел “смирување на тензиите”.
Иницијативата начелно ја поздравуваме, како што поздравуваме секакви искрени иницијативи чија цел е подобрување на состојбите.
Побаравме од Кабинетот на претседателот да ни испратат официјално писмо со намери на нашата официјална електронска пошта која им ја испративме, па откако ќе го примиме барањето, да изградиме наш официјален став, за присуство или неприсуство.
Такво барање не добивме, и на наше изненадување сега читаме по портали информации од типот “Претседателот ќе не собере и ќе не смирува”.
Во текот на телефонскиот разговор ние ги соопштивме нашите предуслови кои доколку бидат пресретнати и испочитувани, не би имале проблем да дојдеме.
Бидејќи комуникацијата се префрла на едно сосема друго ниво, кое веруваме дека не е по протокол и дава една сосема друга димензија, би сакале да ги повториме нашите барања тука:

Во текот на средбата, во објектот каде би се одржала (првично во вилата на претседателот на Водно) било каде и да е тоа, и во сите официјални документи и записи да стои името Република Македонија и никаква друга земја. Нашиот став по ова прашање е јасен, недвосмислен и многупати јавно искажан !

Бидејќи како наши соговорници беа споменати покрај Војводи Тетово и Чкембари Битола и т.н навивачки групи “Балисти” и “Шверцери”. Познавајќи ги нивните ставови за негирање на македонскиот народ, јазик, култура, историја како и нивното анти-македонско делување, побаравме тие пред да се случи средбата или за време на истата да потпишат Декларација во која како точки би биле:

– Оградување од убијците на Никола Саздовски – Саздо и јасна осуда на неговото убиство како кукавички чин.
– Заложба за заедничка борба против “северна”, јасно искажана лојалност кон Република Македонија на сите нивоа и сфери во нивното делување.
– Признавање на целовитоста, унитарниот карактер, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
– Признавање на македонски народ, култура, традиција, историја, обичаи.
– Признавање на македонскиот јазик како единствен службен јазик на територијата на Република Македонија.
– Извинување и покајание за сите анти-македонски делувања во минатото, сегашноста и по инерција во иднината.

Доколку сте навистина спремни да разговараме на здрава основа, искрени, како Македонци, како рамноправни и лојални граѓани на Македонија ви стоиме на располагање.
Никогаш северна само Македонија !

Со почит
Комити