Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска и утре, ќе учествува на Конференцијата на спикери на парламенти на ЕУ,  во Брдо кај Крањ, во организација на Националното Собрание на Република Словенија, а во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, на која се поканети претседателите на парламентите на земјите членки на Унијата, на земјите кандидати и партнери на Европскиот парламент.

Како што соопштуваат од собрансиката прес-служба, со свои обраќања конференцијата ќе ја отворат претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, претседателот на Националниот совет на Република Словенија Алојз Ковшца и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Дискусијата е поделена во два панела: за улогата на парламентите во спроведувањето на политиките на вонредна состојба и начините за градење отпорност и заштита на демократското владеење, како и за улогата на Европската унија како гарант на стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот и поширокото соседство. Претседателот Џафери е поканет од страна на претседателите на земјите членки на ЕУ да се обрати како воведен говорник на вториот панел.

На маргините на конференцијата, претседателот Џафери ќе оствари билатерални средби со потпретседателката на Националното собрание на Француската Република, Лаетита Сен-Пол, претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Никола Минчев и со претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич.