(Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјлен известувач на МИА од Будимпешта)

Плановите на Европската Унија за проширување кое ќе ја вклучи и Украина наидоа на непремостлива пречка – Унгарија. Односите меѓу двете држави се до толку влошени што Унгарија ја обвинува Украина за прекинот на снабдувањето со нафта, а Зеленски упати директни закани кон унгарскиот премиер Орбан, кој за возврат го блокираше трансферот на 90 милијарди евра европска помош за Украина.

На големата десничарска конференција CPAC (Conservative Political Action Conferencе) која секоја година се одржува во Будимпешта, унгарскиот државен врв јасно им порача на Киев и Брисел дека Украина може само да сонува за членство во ЕУ. Од друга страна, претставници на унгарските власти за МИА изјавија дека сакаат проширувањето да се насочи кон Балканот, со брз прием на Македонија и другите подготвени балкански кандидатки во полноправно членство.

Едуард Хабсбург – Лотринген е унгарски дипломат и висок член на австриското и пан-европско кралско семејство, кој до неодамна беше амбасадор на Унгарија во Ватикан, а сега е амбасадор на унгарската Влада за семејни и црковни прашања, а воедно е и често присутен во американските конзервативни кругови. Во разговор со МИА на конференцијата CPAC, Едуард Хабсбург упати порака дека Македонија треба итно да се интегрира во Европската Унија.

Едуард Хабсбург

-Не сум во позиција да давам официјални изјави на оваа тема, но можам да кажам дека Унгарија силно го поттикнува приемот на сите држави од западниот Балкан во Европската Унија што е можно поскоро. Унгарија притиска за интеграција на тој дел од светот, и силно го поддржуваме тоа. Би кажал дека земјите од западниот Балкан работеа долго и напорно да влезат во Европската Унија и некогаш мислам дека ентузијазмот во Брисел не е толку силен како што би требало да биде. Исто така и Ватикан, каде што работев десетина години, силно, силно притиска за тоа. Светата Столица е многу посветена на приемот на Балканот, изјави Хабсбург за МИА.

Најпознатото аристократско семејство со децении го вложува своето влијание во Европа кон интеграцијата на источните и јужните европски држави, преку Пан-Европската Унија и други иницијативи.

Додека пораката од Будимпешта кон Балканот е крајно позитивна, од бината на CPAC владините претставници не ги штедеа зборовите на критика кон, како што велат, оската Брисел – Киев. Министерот за надворешни работи Петар Сијарто дури изјави дека Европската комисија треба да се преименува во „Украинска комисија“, поради отвореното заземање на страната на Киев во бројните украински спорови со Унгарија. Сијарто говореше на панел дискусија со министерот Гергељи Гуљаш – кој е шеф на кабинетот на премиерот Орбан.

Петер Сијарти и Гергели Гуљаш

Од настапот на двајцата млади политичари на партијата Фидес стана јасно дека односите на Унгарија со Украина се до толку влошени по прекинувањето на снабдувањето на средна Европа со руска нафта преку нафтоводот Дружба, што Унгарија сега очекува нови украински напади врз гасоводот Турски Поток. Гуљаш отворено го постави прашањето дали тоа би значело украински напад врз НАТО и какви последици ќе предизвика за енергетската стабилност во целата Европа.

„Светот како да не разбира дека се соочуваме со една од најголемата енергетски кризи во историјата“, рече Сијарто.

На конференцијата преку видео врска се обрати претседателот Доналд Трамп, а учествуваа водечки десничарски политичари од Европа и коментатори од САД, како и претседателот на Аргентина Хавиер Милеи, додека Бенјамин Нетанјаху го откажа учеството поради војната со Иран.

CPAC се одржува во пресрет на изборите во Унгарија, на кои анкетите покажуваат тесна трка меѓу Фидес на премиерот Виктор Орбан и партија Тиса на Петар Маѓар, при што Европската комисија отворено го поддржува Маѓар, а Вашингтон е јасно на страната на Орбан, што се одразува и на ставовите на унгарските партии кон Украина.

-Најголемата сила во светот – САД – е за мир во Украина. Кој е против мирот? Европа. Европа го поддржува украинското раководство, ги мотивира да издржат во војната – колку чини нека чини. Точно е дека Русија го крши меѓународното право, но и Украина мора да признае, ако ја гледаме на пример бруталноста со која ги мобилизираат нивните војници, дека на Украина и треба мир – рече Гуљаш.

Во врска со инсистирањето на некои кругови во Европската Унија за забрзан прием на Украина, Гуљаш најави дека Унгарија до последното ќе се спротивставува на тоа и ќе го брани правото на државите-членки на ЕУ ваквите одлуки да ги носат едногласно.

-Ќе има трагични последици за цела Европа ако се укине правото на вето. Но, добрата вест е дека тоа право не може да се укине – освен ако го запалиме Лисабонскиот договор. А тоа не е можно бидејќи и за тоа е потребна едногласност, а ние секако нема да го поддржиме укинувањето на Лисабон. Правото на вето ќе остане – рече Гуљаш за прашањето на приемот на Украина.

Од друга страна, високи претставници на унгарската Влада велат дека Будимпешта сака да ги види Македонија и другите подготвени балкански држави во ЕУ што е можно поскоро, и тоа како полноправни членки, со сите политички права.

Золтан Кошкович, аналитичар на унгарскиот Центар за фундаментални права (Алапјогокерт Кожпонт), конзервативна институција која е организатор на конференцијата CPAC, во интервју за МИА образложи дека Унгарија сака да ги види балканските држави во ЕУ меѓу другото и поради политичката и идеолошка блискост. Кошкович смета дека и покрај честите судири на Унгарија со Брисел, унгарското нивното влијание во ЕУ наскоро може да се засили, како во соработка со традиционалните партнери како Италија, Словачка, од неодамна и Чешка, но особено доколку десничарската опција победи на претстојните избори во Франција.

Золтан Кошкович

На прашањето за можноста за прием на балканските држави во ЕУ без право на вето и без политички глас во Унијата – идеја која ја лансираа Албанија и Србија – Кошкович вели дека за Унгарија е пожелно Балканот да добие полноправно членство. Иницијативата за некој вид на второкласно членство без вето и политички права за Украина, Молдавија и балканските земји во ЕУ дојде како резултат на притисокот на дел од политичарите во ЕУ за интеграција на Украина, а тоа сепак да се случи со заобиколување на ветото од Унгарија или Словачка.

-Таков модел би бил асоцијација, но не и членство во ЕУ. Тоа би ги ослаб нало внатрешните структури на ЕУ, нема да им биде прифатливо на ЕУ федералистите, но и на земји како Унгарија, Словачка, Италија.. Ние веруваме во Европа на нации, и сакаме идните земји-членки на ЕУ, како Македонија, Србија, Црна Гора, сите што се подготвени, да бидат полноправни членки, и во целост да ги уживаат своите права во ЕУ. Меѓу другото бидејќи знаеме дека овие држави се главно конзервативни, и ќе бидат поблиски до нашите ставови отколку ставовите на сегашен Брисел. Не сакаме да бидете само набљудувачи, сакаме да бидете полноправни членки. Со задоволство ќе ви дадеме секаква помош во таа насока. Во иднина, ако Владата на Орбан остане, Унгарија ќе има поголемо влијание во Брисел отколку што има сега, особено со политичките промени кои ги очекуваме во Франција, а потоа и во Германија. Не губете надеж, но бидете реални, знајте дека сме на ваша страна, и сакаме полноправно членство за што сметаме дека многу држави од западниот Балкан се подготвени – изјави Кошкович за МИА.

Унгарскиот аналитичар додава дека членството на балканските земји во ЕУ не треба никако да се поврзува со Украина. „Вие работите на тоа со децении, а Украина.. Што би било пораката ако Украина биде примена, дека треба да ве нападнат за да влезете во ЕУ? Тоа е лудост“.

Кошкович додава дека самиот процес на менување на начинот на проширување на ЕУ, и создавање на категорија на држави кои се членки но немаат право на вето и целосни политички права, би бил многу сложен, имајќи предвид дека држави членки би се противеле на тоа.

Кошкович со Алис Вајдел од АФД

-Има два начини да се ослободиме од ветото – или да ги смениме основачките договори на ЕУ, за што е потребна едногласност – значи може да има вето на одлуката да се тргне ветото, или да имаме нов процес на преговори за што повторно треба да ги смениме договорите на ЕУ. Тие договори беа усвоени во Мастрихт, а потоа сменети во Лисабон. Значи имаме пример дека основачките договори на ЕУ може да се сменат, но, повторувам, за тоа ќе биде потребна едногласност. Тоа значи дека доколку има само една земја која смета дека ветото и е неопходно, не можеме да го тргнеме правото на вето. Во моментов Унгарија стои на ставот дека правото на вето ни е неопходно, и не сме сами во тоа – има неколку држави кои од разни причини не би се согласиле да се тргне ветото. Тоа значи дека напуштање на ветото не е реално. Но, постои моделот на Европа на две брзини. За тоа веќе има механизам во ЕУ, преку соработка на заинтересирани држави – вели Кошкович за МИА.