Претставничкиот дом на Конгресот на САД се подготвува за можен премин на работа од далечина поради опасност од ширење на коронавирус во американската престолнина, откако се дозна дека на значаен политичка настан неделава, имало заразени од коронавирус, се дознава од писмо пратено до сите оддели на Конгресот.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, подготовките за таков режим на работа започнаа „поради уникатната и необична ситуација поврзана со коронавирусот“, се вели во собраниското внатрешно писмо.
Писмото било испратено откако Комитетот за американско-израелски општествени работи (АИПАК), една од најактивните лоби групи во Вашингтон, в петокот јавил дека кај двајца учесници на конференцијата на комитетот неделава, тестот за коронавирус бил позитивен. Денеска, пак се дозна дека и кај трет учесник тестот покажал инфекција од болеста.
Двајцата учесници биле дел од делегација на синагога во Њујорк, третиот бил од Лос Анџелес.
Конференцијата, годинава се одржа третата поред, стана значаен настан за големата и моќна американско-израелска дијаспора во САД, и беше посетена од над 18 илјади луѓе. На неа учество зедоа повеќе истакнати републикански и демократски конгресмени, како лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, лидерот на демократското малцинство Чак Шумер и други, но и потпретседателот Мајк Пенс.
За можен премин на работа од далечина се подготвуваат и финансиски институции на САД, јавија синоќа некои американски медиуми.
Тие имаат план во случај на непредвидени околности како инфекции од Ковид-19, кои се појавија недалеку од Вашингтон, но исто така и во Њујорк, Сан Франциско и Њу Џерси. Во сите овие градови има канцеларии и претставништва на такви регулаторни органи како Комисијата за хартии од вредност и берзи, Комисијата за тргувања со фјучерси и банкарски регулатори.
Според медиумите, тие државни установи многу често дозволуваат нивните вработени да работат од далечина, од дома. Овие установи исто така започнаа со ограничување на службените патувања и откажување на конференции.