Собранието во рамки на конститутивната седница вчера ги верифицира мандатите на 118 пратеници, а со 76 гласа „за“ и шест „против“ го избра Африм Гаши за претседател на Собранието. Со неговиот избор и давањето на свечената заклетва заврши конститутивната седница на Собранието.
Собранието во рамки на конститутивната седница со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници. Со тоа им престана мандатот на пратениците од стариот собраниски состав. На новите пратеници кои се носители на други функции исто така им престана функцијата. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата којашто ќе ги извршува само техничките функции до изборот на новиот владин кабинет.
Претседателката на Верификационата комисија Дафина Стојановска рече дека Комисијата ги разгледала извештаите на Државната изборна комисија за изборите и дополнителните избори во изборните единици 5 и 6 и изјавата на Биљал Касами во која тој бара да не му се верифицира неговиот мандат и дека врз основа на тоа за пратеници се избрани вкупно 118.
Доедека Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница, градоначалникот на Општина Сарај и актуелен организациски секретар на ДУИ, Блерим Беџети, соопшти дека градоначалничката фотелја ќе ја замени за пратеничка во Собранието. Тој на социјалната мрежа Фејсбук објави статус во кој вели дека отсега ќе делува како пратеник во Собранието.
Талат Џафери, кој ја извршува функцијата премиер во техничката Влада, рече дека не може да има две функции во исто време и дека од таа причина нема да учествува во работата на Собранието до изборот на новата влада.
Како што информира од владината прес-служба, Џафери се повика на Уставот, законите и досегашните пракси.
– Ја известувам јавноста да ги извести соодветните институции официјално дека како премиер и како владин состав, врз основа на заклучокот на овој владин состав, ќе продолжам да ги вршам должностите и обврските што извираат од функцијата премиер на земјата до изборот на идната Влада од овој владин состав, и нема да учествувам во работата на Собранието и со тоа, врз основа на Законот за спречување или превенција на корупција и заради спречување на корупција и конфликт на интереси, затоа што не може во исто време да носам две должности, две функции, и поради оваа причина, до изборот на идната Влада, нема да учествувам во работата на Собранието и во одлучувањето во Собранието, за да ги исполнам законските одредби на Законот за спречување на корупција и конфликт на интерес. Ова е за да се информираат сите, за да се надминат сите дилеми во однос на прашањето на понатамошното функционирање на институциите, рече Џафери во Собранието.
За новата функција Гаши беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“, од каде претходно информира дека во завршна фаза се преговорите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и учество во идната влада.
Претходно Изет Меџити од коалицијата „Вреди“ рече дека Африм Гаши е кандидат кој има големо искуство во Собранието и дека ги исполнува сите услови да биде нов собраниски спикер.
-Осум години односно три мандати е пратеник. Се работи за политичар кој не се споменува во случаи за корупција и затоа е чест Собранието да го води ваков политичар, рече Меџити.
Левица остро реагираше на предлогот Гаши да биде нов собраниски спикер, и понудија бланко поддршка за ВМРО-ДПМНЕ ако не биде изгласан за претседател.
Јована Мојсоска од Левица посочи дека со 61 пратеник ВМРО-ДПМНЕ ја дава втората најважна функција во државата на коалицијата „Вреди“ која ја застапува Приштинската платформа, додека лидерот на Левица Димитар Апасиев рече дека денешната седница на Собранието е вовед во косовизацијата на македонскиот парламент и бугаризацијата на земјава.
-Немаме ние проблем со Африм Гаши што е Албанец, имаме проблем што е необалист и е македонофоб… Правите политичка косовизација на Македонија и ќе нема парламент кој се води на македонски јазик… Ова е генерална проба за Бугари во Устав, посочи Апасиев.
Ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека преќутно учествувале во се што направи претходната власт.
Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека жали што граѓаните морале да бидат сведоци на однесување во кои, како што кажа, неколку луѓе се обидоа да прават реално шоу.
-Се извинувам и на оние кои го дадоа гласот за овие малкумина пратеници и претпоставувам дека тие очекуваат и јас да се однесувам во нивниот агресивен стил. Македонија је очекуваат години на реформи, на развој, владеење на право, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и за жал од време на време ќе бидете сведоци на вакви егзибиционисти кои во отсуство на друга идеја ќе навредуваат, омаловажуваат и ќе понижуваат, рече Мицкоски.
Нагласи дека шансата за добро однесување Левица ја пропуштила кога го одбила повикот за национално помирување пред парламентарните избори и кога во вториот круг од Претседателските избори одлучиле да го бојкотираат изборот на Гордана Сиљановска Давкова за претседател на државата.
Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев, по седницата порача дека пратениците треба да дискутираат во Собрание, а не да молчат.
– Пратениците треба да знаат дека се избрани од народот за во Собрание да аргументираат и дискутираат, а не да се сликаат и да молчат! Особено на седници на кои се формира владејачко мнозинство и се бира претседател на Собрание, напиша на својот Фејсбук профил Богоев.
СДСМ, како што наведува, треба да има конструктивна, но пред се корективна и проактивна улога во Собранието.
Од Коалицијата „Вреди“ во соопштение од медиумите изразија жалење што ДУИ, како што велат „потврди дека за нив интересите на Албанскиот народ “важат” само кога тие се власт“ и порачаа дека Африм Гаши е првиот Албанец избран за Претседател на Собранието со 76 пратеници, значително мнозинство кое беше логично да биде подржано од сите пратеници Албанци, без разлика дали се позиција или опозиција.
-Бегството на пратениците на ДУИ од собраниската сала е нова епизода од неподржувањето на Арбен Таравари за единствен претседателски кандидат на Албанците и бојкотот на вториот круг на претседателските избори. Погрешни одлуки на ДУИ спротивни на интересите на ЕУ и САД. Со ваквото поведение ДУИ застанува на иста линија со антизападната Левица. Европскиот фронт на ДУИ се разобличи на првиот опозициски тест, порачаа од Коалицијата „Вреди“.
Африм Гаши, по примопредавањето на функцијата претседател на Собранието од Јован Митрески, порача дека ќе се заложи Собранието да биде во служба на граѓаните и да зрееме како држава и како институиции..
– Им благодарам на сите граѓани што гласаа на изборите и на сите пратеници што ме поддржаа. Лично ќе се погрижам Собранието да го подигнам на повисоко ниво, да биде во служба на сите граѓани, изјави Гаши.
Тој најави соработка со, како што рече, сите политички партии. аа/лв/
Фото: МИА архива