Пишува: Дарко Јаневски

Од каде во РМ се појави опцијата за консултативен референдум, кога такво нешто не се споменува во Уставот? Тој познава само задолжителен референдум со  различни барања за потребното мнозинство и со повеќе опции за тоа кога Собранието е должно и мора да распише рефендум (на пример, членство во ЕУ), а кога ако така одлучи  одлучи.

Консултативниот за прв пат се јавува во Законот за референдум на СДСМ од 2005 година. Неколку години подоцна, Тодор Петров и СМК го оспоруваат пред Уставниот суд, и кога сите би очекувале прифаќање на иницијативата наПетров, Судот носи една скандалозно шарлатанска одлука, со која ја одбива иницијативата, а во образложението на одлуката меѓу другото го наведува и подоле цитираното. Прочитајте, седно дали сте правник или не и ќе дознаете какви се не седеле и седат во Уставниот суд.

„Наводите во иницијативата дека со законското решение кое дозволува распишување на референдум за консултирање на граѓаните, особено што одлуката донесена на ваквиот референдум, не е задолжителна, се надминувале уставните определби за референдумот како облик на остварување на власта на граѓаните, кој својата суштина ја изразувал преку задолжителноста на одлуката донесена на референдум, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, пропишувањето можност, покрај задолжителниот, да се распише и консултативен референдум, според Судот, не значи повреда на уставно утрврдениот принцип граѓаните на Република Македонија власта да ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според одредбите на Законот, неспорно е дека консултативен референдум на државно ниво може да распише Собранието на Република Македонија, за претходно консултурање на граѓаните за прашања од пошироко значење за Република Македонија, при што, неспорно е дека Собранието има уставно утврдена надлежност да одлучи да распише референдум за прашањата од своја надлежност.

Ваквото право за распишување референдум за консултирање на граѓаните во никој случај не го повредува правото и обврската на Собранието да распише задолжителен референдум во случаите утврдени со Уставот, ниту пак може да се прифати дека задолжителниот референдум претставува граница, односно единствена форма за распишување на референдум за сите прашања за кои Собранието тоа ќе го оцени како оправдано.

Правната природа на институтот референдум произлегува и е карактеристика на непосредната демократија, во која граѓаните непосредно одлучуваат за одредени прашања, при што, во оваа смисла, според Судот, треба да се толкува и можноста граѓаните да бидат консултирани за одредено прашање од пошироко значење.

Токму од природата на ваквиот референдум – консултирање на граѓаните со цел да се осознае нивното расположение за одредено прашање, произлегува незадолжителниот карактер на одлуката, односно дека одлуката не предизвикува правна, туку само морална обврска Собранието да постапи согласно со волјата на граѓаните. Уставно право е на Собранието да одлучи дали, кога и како ќе пристапи кон уредување на прашањето за кое биле консултирани граѓаните на ваков референдум, поради што, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 8 став 1 во делот:„ или за консултирање на граѓаните“ и став 3, член 9 став 1 алинеја 6 сврзникот:„и“ и алинеја 7 и член 27 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните со член 2, член 68 став 1 алинеја 10 и член 73 од Уставот.“

Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

Единствен кој ја чувал честа на Судот од овој несфатлив правен шарлатанизам  е Игор Спировски кој го издвоил своето мислење во кое навел дека Уставот е јасен и дека нема место за консултативни детски играрии.

Патем еве ги линовите до одлуката на Уставниот суд и до издвоеното мислење на Игор Спировски:

http://ustavensud.mk/?p=10233