Вкупното ниво на бруто домашен производ (БДП) на земјите од Г-20 се зголеми за 2,1 отсто во четвртиот квартал на 2020 година, соопшти денеска Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Во соопштението е наведено нагло забавување на растот на овој индикатор наспроти растот во третиот квартал (+ 7,8 отсто). Во исто време, првите два квартала од 2020 година беа обележани со невиден пад на активноста во услови на глобална пандемија на коронавирусот. Генерално, БДП на земјите од Г-20 падна за 3,3 проценти во текот на годината и само Кина (+ 2,3 отсто) и Турција (+ 1,8 отсто) успеаја да одржат позитивна динамика.
Меѓу земјите од Г-20, Индија покажа најголем раст (+ 7,9 отсто од БДП) по уште поголем раст во третиот квартал (+ 23,7отсто). Во четвртиот квартал, БДП на Мексико порасна за 3,3 отсто, Бразил за 3,2 отсто, Австралија со 3,1 отсто, Индонезија со 2,9 отсто, Јапонија и Саудиска Арабија со 2,8 отсто, Кина со 2,6 отсто, Канада – 2,3 отсто, Турција – 1,7 отсто. Во Јужна Африка и Република Кореја, растот е 1,5 отсто и 1,2 отсто, соодветно. САД покажуваат раст од 1 процент.
Британскиот БДП за четвртиот квартал исто така додаде 1 процент, но севкупно за годината падна за дури 9,9 отсто . Во Германија, растот беше само 0,3 отсто, додека Франција и Италија покажаа негативна динамика од -1,4 отсто и -1.9 отсто, соодветно, по силниот раст во третиот квартал (+ 18,5 отсто и + 15,9 отсто, соодветно). Генерално, четвртиот квартал беше обележан со пад на вкупниот БДП на земјите од ЕУ за 0,5 отсто