Обичните граѓани оваа новина на Министерството на финансии не ги интересира, нема да гледаат секоја минута промени на бројки во Буџетот и расходите. Факт е дека делот од буџетскиот дефицит од 8.1% се финансира од задолжувањето, но прашањето е сега како со позајмени средства односно дали не сме можеле малку подомаќински да се однесуваме, зошто секој ден и минатата година особено кон крајот, и пред секои избори гледаме огласи од сите државни институции за вработувања? Сакате да ви набројам сега во моментов најмалку пет институции каде што се бараат вработувања, го запраша Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиерот Фатмир Битиќи во емисијата „24 Анализа“.

Славески го потсети Битиќи дека неговата партија пред избори ветуваше и се залагаше за намалување на државна администрација, но за жал тоа не се случува, напротив се повеќе огласи има посебно сега пред локални избори.

„И обичните граѓани знаат ако заштедиш по малку на 100 или на 1.000 места тоа се собира. Јас сакам да кажам дека не почувствувавме дека има некој тенденција, дека има некоја определба за штедење во услови нели кога имаме зголемени трошоци кои што произлегуваат од здравствената криза за заштита на здравјето на граѓаните, и кога мораме поради тоа да позајмуваме средства кои за некоја година ќе ги враќаме со многу поголема камата“, рече Славески.

Славески посочи дека она што власта сега го позајмува со камата од 1 и нешто процент утре граѓаните ќе го враќаат со камата од 5-6%.

„Каматите додека сега во моментов зборуваме на светските пазари започнуваат да растат, а ако ние не се однесуваме одговорно, ако не штедиме да можеме со помали дефицити да ги враќаме долговите, а не да враќаме долгови со позајмување за тоа што работите се менуваат, ако не обезбедиме средства од Буџетот со некој вишок или некоја заштеда да ги враќаме овие задолжувања што вие ги направивте, ако не со сопствени средства средиме, ние ќе треба да земаме кредити со каматни стапки многу повисоки“, нагласи Славески.