Не два туку 10 милиони евра е вкупниот износ што го украле газдите од државната помош наменета за исплата на минималец од 14.500 денари за работниците во време на пандемијата од коронавирусот, објави ТВ Телма, повикувајќи се на владини извори.
Според податоците, станува збор за повеќе од 4.500 компании и 2 милиона евра кои првично ги објави УЈП, а меѓу фирмите кои не ги исплатиле парите има и медиум.
– Ги чекаме податоците од УЈП по што јавно ќе ги објавиме имињата на компаниите кои не ги исплатиле платите на работниците кои ги добија од државата. Ќе побараме од Обвинителството покренување постапка за утврдување кривична одгворност против одговорните лица во компаниите, изјавил за оваа телевизија генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Дел од фирмите под притисок на јавноста вчера почнале да ги исплаќаат платите за работниците, а денеска и синдикалните организации побараа кривична одговорност и најстроги санкции за фирмите кои ја злоупотребиле помошта од државата и не ги исплатиле примињата кон работници.
УЈП првично најави дека станува збор за два милиона евра и се „закани“ дека ќе ги изруга фирмите што ги затаиле парите за работниците, со тоа што ќе ги објави нивните имиња.