Во Бугарија се регистрирани уште два случаи на новиот коронавирус, со што бројот на инфицирани се искачи на четири. Новите два случаи се исто така во Габрово и во Плевен.
Првите регистрирани пациенти беа 27-годишен маж од Плевен и 75-годишна жена од Габрово. Тие не патувале во странство, хоспитализирани се во своите градови и се во добра здравствена состојба.
Поради Ковид-19 бугарската Влада денеска одржа вонредна седница, на која премиерот Бојко Борисов изјави дека се претпоставува дека нултиот пациент пристигнал од Грција.
– Личната самодисциплина во ситуацијата е многу важна. Луѓето треба да почекаат со јавните собири, изјави Борисов.
Тој додаде дека продавниците имаат доволно храна и оти луѓето не треба да прават резерви.
Борисов најави и дека попладне ќе се сретне со претставниците на компаниите кои произведуваат медицински материјали.