Хрватските доктори го потврдија вториот случај на лице заразено со новиот коронавирус, јави дописникот на МИА.
Се работи за братот на првиот пациент, на кој вчера му беше дијагностициран коронавирус откако се врати од Милано. Неговиот помал брат, кој сега е практично второто заразено лице, било во Милано за да гледа фудбалски натпревар од Лигата на шампионите. Девојката на заразеното лице која цело време била со него не е заразена со вирусот.
Здравствените власти на Хрватска информираа дека во овој момент на инфективната клиника се тестираат три лица поради сомнеж дека се заразени со Ковид-19.
Во меѓувреме во Сплит од Анкона пристигна брод со 80 патници, кој го пречекаа посебно опремени полицајци и санитарни инспектори.
Во Воената медицинска академија (ВМА) во Софија ноќеска се примени две лица кои пристигнале од Италија и се под надзор затоа што имаат минимални симптоми слични на грип, соопшти генералниот директор на ВМА Венцислав Мутафчијски.
Како што јави агенцијата Бгнес, сумирајќи ја работата на Националниот оперативен штаб Мутафчијски утрово информира дека двете лица имаат минимални симптоми.
– За секој што доаѓа од странство – од области со ризик, системот се обидува да ги стави во карантин. Сите оние кои немаат никакви знаци на болест, треба да имаат домашна хигиена, објасни Мутафчијски.
Тој истакна дека од Романија доаѓаат лажни вести, дека во Русе има жариште на коронавирусот, што не е точно.
Во некои маркети во Љубљана дел од полиците останаа празни, откако граѓаните поради страв од коронавирусот граѓаните почнаа масовно да купуваат тестенини и конзервирана храна.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, складирањето храна беше започна откако се проширија информациите за први заразени лица во соседните Австрија и Хрватска.
– Ова денеска што се случува јас го немам видено. Доаѓаат луѓе и купуваат резерви на храна во вредност и до 150 евра. Веднаш откако ќе ги наполниме полиците со тестенини и конзерви тие набрзо се празнат. Оваа паника е сосема непотребна, вели жена вработена во еден од поголемите маркети во Љубљана.
Инаку, во Словенија се уште нема регистрирано случај на лица заразено со коронавирус. Тестирањето на сите сомнителни беше негативно. Сепак здравствени власти сметаат дека е само прашање на време кога ќе се појави вирусот и во Словенија.
Вкупно 184 лица во Црна Гора во моментов се наоѓаат под здравствено-санитерен надзор поради актуелниот коронавирус, изјави епидемиологот Божидарка Ракочевиќ од Институтот за јавно здравје.
Таа за РТЦГ изјави дека Црна Гора има тестови за лабораториска дијагностика на Ковид-19 и дека сместување во карантинските установи се разгледува во случај на масовно пристигнување на лица со симптоми на вирус.
– Системот се покажа како чувствителен, во рок од еден месец имавме неколку случаи сомнителни за коронавирусот во Црна Гора и постојано се обидуваме да го подобриме системот, рече Ракочевиќ.
Според неа, се врши надзор од самото влегување на патниците во Црна Гора.
– Најранливи се постарите лица, како и оние со хронични заболувања или послаб имунитет, рече таа.