Заповедникот на американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“, на кој има повеќе од 4.000 членови на екипажот, побарал итна помош заради епидемијата на коронавирус на неговиот брод.
„Не сме во војна, морнарите не морат да умрат. Доколку не делуваме сега, нема да можеме да се погрижиме за нашите највредни, за нашите морнари“, напиша капетанот Брет Крозиерв во писмото упатено до Пацифичката флота на американската морнарица, потврдено е за Си-Ен-Ен.
„Ширењето на болеста е во тек и се забрзува“, додава капетанот на бродот, препорачувајќи сите од екипажот да заминат во карантин.
„Потребни се одлучни акции. Извлекувањето на повеќето персонал од нуклаерниот носач на авиони и нивното изолирање на две недели може да изгледа како вонредна мерка. Но тоа е нужно за безбедноста на нашите морнари“ , напиша Крозиерв и додаде дека е непотребен ризик да се задржуваат над 4.000 млади луѓе на бродот.
Писмото на капетанот прв го објави весникот „Сан Франциско хроникл“, наведувајќи дека најмалку стотина војници се заразени со вирусот.
Американската морнарица соопшти дека прави се што треба за да се преземат неопходните мерки што ќе го осигураат здравјето на морнарите на бродот, што во моментов е вкотвен во Гуам
Засега не се знае како вирусот влегол на носачот, но најверојатно го внел некој од морнарите во текот на престојот во Виетнам, каде „Теодор Рузвелт“ беше вкотвен пред две недели.
Морарицата забрзано работи на изнесувањето на заразените морнари од бродот, а Пентагон тврди дека целиот екипаж ќе биде тестиран на коронавирус.