На предлог на епидемиолозите ќе и биде предложено на Владата да ја продолжи препораката за неодржување масовни јавни соби, а спортските натпревари да се играат без публика за уште една недела, до 13 март, поради коронавирусот, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

Тој информираше дека во моментов се чекаат резултатите од брисовите на двајца странци, кои треба да покажат дали се инфицирани со коронавирус.

-Тие се сместени во еден хотел во центарот на Скопје и засега ќе останат во изолација во хотелската соба. Имаат слични симптоми на настинка. Тим од епидемиолози веднаш е испратен во хотелот, земени им се брисови и испратени на тестирање на Инфективната клиника и резултатите ќе се знаат за неколку часа. Тие пристигнале на 28 февруари, едниот е од Австралија, другиот од Сингапур, кои со „Визер“ од Келн дошле заедно тука. Екипа на епидемиолози разговараат со нив за контактите кои ги имале и што правеле откако се дојдени, истакна министерот Филипче.

Во соработка, пак, со телекомуникациските оператори се работи на техничко решение – сите странци кои ќе доаѓаат во земјава да бидат известени со порака што да преземат ако имаат симптоми. Содржината на пораката би била слични како на флаерите што се делат на граничните премини.

Покрај веќе преземените превентивни чекори, во зависност од развојот на состојбата ќе бидат разгледани евентуално поригорозни мерки на заштита.

Од нашиот конзулат во Италија е добиено известување дека има зголемен интерес за враќање на македонските државјани во земјава. Се прават напори тоа да се одвива на организиран начин со цел да се има подобар увид во ситуацијата.

Филипче кажа и дека се зголемува бројот на случаи на коронавирус во Европа и информациите од денеска се дека досега се заболени 4.250 лица, што е 1.000 повеќе од вчера.

Од земјите во регионот, во меѓувреме се пријавени уште еден случај во Словенија и двајца заболени во Република Српска.